Премиерот Ковачевски во Охрид го пречека претседателот на Србија, Вучиќ
Премиерот Димитар Ковачевски во Охрид го пречека претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Посакувајќи му добредојде и успешни разговори на претседателот Вучиќ во Охрид, премиерот Ковачевски ја потврди важноста која Република Северна Македонија ја придава на одржувањето на овој состанок на високо ниво.
Премиерот Ковачевски го поздрави учеството на Србија на разговорите во Охрид и изрази задоволство дека со посредство на Европската Унија се овозможува отворен дијалог кој е од голема важност за регионалната стабилност и безбедност, а кои ќе се чекор напред кон европскиот пат на регионот. Северна Македонија е токму пример за земја која сите отворени прашања со соседите ги решава на мирен и демократски начин, преку дијалог, со цел напредок, подобра иднина и подобар животен стандард за граѓаните. Преку решителни чекори Северна Македонија обезбеди пред сѐ безбедност и континуиран развој, и од заробена и изолирана држава, денес е фактор на стабилност во регионот, со развиени и негувани добрососедски односи.
Премиерот Ковачевски и претседателот Вучиќ се согласија дека мирот не само во двете земји туку и во целиот регион е важен, а дијалогот е битен за подобрување на односите. Ковачевски и Вучиќ потенцираа дека евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан е од политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ.