Премиерот Заев: Апелирам за еднакви можности на сите деца и одговорност кон децата, денес!
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претпладнево се обрати на Конференцијата на тема, Важноста за рано инвестирање: Зајакнување на раниот детски развој во земјите од Западен Балкан, којашто е организирана од Светска банка и поддржана од Владата на Република Македонија.
На Конференцијата во Скопје, на којашто присуствуваа и претставници од земјите од регионот, се обратија и високите претставници на Светска Банка, Линда ван Гелдер, регионална директорка на Светска банка за Западен Балкан и Хаиме Саведра, сениор директор за Глобалната едукациска пракса на Светска Банка, како и министерките за образование Рената Дескоска и за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Генералната порака со којашто се согласни сите е дека е од големо значење еднаквиот пристап кон сите деца, обезбедувањето еднакви можности за сите деца и вклучување на сите деца во воспитно – образовниот процес, затоа што практиките покажуваат поврзаност на подобри социо-економските состојби во една држава со стапката на опфатени деца во предучилишното воспитание и образование.
Премиерот Заев рече дека постои свесност кај Владата на Република Македонија колку е важен раниот детски развој, во формирањето на личноста.
-Тие деца еден ден треба да бидат успешни лекари, професори, вредни работници и работодавци, чесни судии, политичари. Тие деца, кои и да се тие, независно дали живеат во Република Македонија, Западен Балкан, Европа, Африка, Америка, каде и да е во светот, сите тие се НАШИ ДЕЦА. Затоа што ниеден човек на планетата земја не може сам. И затоа што има нешта кои се заеднички.
На сите во светот ни е потребен мир и напредок.
Претседателот на Владата нагласи дека оваа Влада прави се што може, да постави систем на социјална заштита на граѓаните што ќе им овозможи на граѓаните и на семејствата егзистенцијален мир, којшто понатаму влијае и на квалитетот на живот, а со тоа и на квалитетот на развој на личноста. Исто така се работи и на зголемување на опфатот на деца во градинките за 50 проценти и проширувања на капацитетите посебно во сиромашните и рурални делови на земјата со цел обезбедување бесплатни три часа дневно образование во согласност со универзалните цели на ЕУ.
-За оваа 2018 година планираме уште 18 нови проширувања на градинки. Во 2017 се почнати 13 проширувања на градинки надвор од Скопје. Нашата цел е изградба и нови капацитети во 2019 година, за што ја обезбедуваме потребната документација.
Ние знаеме што покажуваат меѓународните пракси – дека предучилишното образование има огромна улога по кој пат ќе тргнат децата понатаму во животот. Исто така и дека квалитетните предучилишни програми водат кон пониска стапка на порано напуштање на образованието, намалени стапки на криминал и невработеност, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата порача:
-Определени сме како Влада да ја градиме Република Македонија во општество со еднакви права и можности за сите граѓани. И апелирам до институциите, за изедначување на децата од различните социјални средини и нивно вклучување во воспитниот процес, нешто што изминатите години беше запоставено. Уверен сум дека владините политики, соработката со граѓанскиот сектор, со нашите меѓународни партнери и следејќи ги успешните регионални, европски и светски пракси ќе имаме резултати во квалитетен ран детски развој.
Има нешта кои можат да чекаат. Но децата не можат. Потребна е одговорност кон нив – денес, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев и министерките во Владата се заблагодарија на Светска Банка и на УНИЦЕФ за помошта и поддршката за проширувањата на градинките и за изградбата нови објекти во земјава но и одржливи решенија за квалитетен ран детски развој.
Министерката за образование, Дескоска рече дека Владата на Република Македонија на образованието гледа како на влог во иднината, бидејки вредностите на коишто ќе ги научиме децата, солидарноста, владеење на правото, почит и грижа кон животната средина, тоа ќе се рефлектира подоцна во општеството.
-Свесни сме дека добра и квалитетна едукативна програма во градинките, зголемување на опфатот на деца во градинките, ќе се рефлектира врз постигнувањата на целиот образовен систем, а дека во основното образование ќе имаме поподготвени деца, рече министерката Дескоска.
Таа посочи и дека во моментов во Македонија се одвива важна реформа во образованието со долгорочни бенефити за државата.
Министерката за труд и социјална политика, Царовска ја нагласи улогата на семејството во квалитетот на развој на личноста, но рече дека децата мора добро да се подготват за животот што следува, а за тоа се важни и институциите.
-Работиме на квалитетен ран детски развој. Ги менуваме состојбите. Затекнавме запуштен систем на образованите, запуштена грижа за децата. 11 години не се градеа градинки. Вложуваме во градинките, работиме на поголем опфат на деца и на квалитетот на воспитно – образовниот процес, рече министерката Царовска.
Регионална директорка на Светска банка за Западен Балкан, Линда ван Гелдер, обрна внимание на значењето на што поголема инклузија на ранливите деца, што има понатаму улога и во нивниот развој и во намалувањето на сиромаштијата и повика на конкретни стратегии во државите, согласно универзалните цели во државите. Потребни се мерки за рано детско образование, дополни директорката ван Гелдер.
Сениор директорот за Глобалната едукациска пракса на Светска Банка, Саведра, нагласи дека децата не можат да чекаат и дека е важно сите да добијат фер можности. Освен квантитетот тој посочи и на важноста од квалитетот на наставата во градинките и училиштата и додаде дека јавните политики за детски развој се ургентна потреба и одговорност на сите.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерката за образование и наука, Рената Дескоска и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска присуствуваше на Конференцијата за ран детски развој во земјите од Западен Балкан во организација на Светска Банка. Во своето обраќање тој истакна:
“Почитувана Линда ван Гелдер, регионална директорке на Светска банка за Западен Балкан,
Почитуван Хаиме Саведра, сениор директор за Глобалната едукациска пракса на Светска Банка,
Почитувани организатори на оваа значајна Конференција за значењето на раниот детски развој, што ја поддржавме и ние како Влада на Република Македонија,
Почитувана министерке за образование, Рената Дескоска,
Почитувана министерке за труд и социјална политика, Мила Царовска,
Почитувани други претставници на Владата, на институциите во нашата држава, присутни, гости,
Почитувани претставници на медиумите,
Детскиот живот навистина е како парче хартија. Секој на него остава белешка. Какви белешки ќе оставиме во животите на нашите деца?! Од тоа зависи какви генерации ќе израснеме и какви поколенија ќе оставиме зад нас и за нашата држава.
Свесни сме како Влада на Република Македонија колку е важен раниот детски развој во формирањето на личноста.
Тие деца еден ден треба да бидат успешни лекари, професори, вредни работници и работодавци, чесни судии, политичари. Тие деца, кои и да се тие, независно дали живеат во Република Македонија, Западен Балкан, Европа, Африка, Америка, каде и да е во светот, сите тие се НАШИ ДЕЦА. Затоа што ниеден човек на планетата земја не може сам. И затоа што има нешта кои се заеднички.
На сите во светот ни е потребен мир и напредок.
Тогаш, на сите ни се потребни здрави генерации, што можат да ги понесат одржливите развојни цели, за коишто зборуваме во секоја прилика. А важни се и за нашата тема.
Првото место каде што почнува да се гради личноста на едно дете – е семејството.
Првото место каде што почнува да се гради вредноста на едно заедничко општество – се детските градинки.
Република Македонија е социјална држава и според Уставот сите граѓани имаат еднакви права, на се, па и на образование.
И оваа Влада прави се што може, да постави систем на социјална заштита на граѓаните што ќе им овозможи на граѓаните и на семејствата егзистенцијален мир, којшто понатаму влијае и на квалитетот на живот, а со тоа и на квалитетот на развој на личноста.
Нашата цел е за време на мандатот на оваа Влада, да го зголемиме опфатот на деца во градинките за 50 проценти, со оглед дека е низок.
Веруваме дека тоа ќе го направиме со проширувања на капацитетите во сиромашните и рурални делови на земјата, каде е воочлив и каде целиме да обезбедиме бесплатни три часа дневно образование во согласност со универзалните цели на коишто посочува и Европската унија.
Понатаму, вложуваме во инфраструктурата.
За проширувањата на градинките и за изградбата нови објекти во земјава, работиме на решенија заедно со Светска банка. И во оваа прилика изразувам благодарност до Светска банка, од име на граѓаните и на Владата на Република Македонија.
За оваа 2018 година планираме уште 18 нови проширувања на градинки. Во 2017 се почнати 13 проширувања на градинки надвор од Скопје. Нашата цел е изградба и нови капацитети во 2019 година, за што ја обезбедуваме потребната документација.
Ние знаеме што покажуваат меѓународните пракси – дека предучилишното образование има огромна улога по кој пат ќе тргнат децата понатаму во животот. Исто така и дека квалитетните предучилишни програми водат кон пониска стапка на порано напуштање на образованието, намалени стапки на криминал и невработеност.
Влијанието што го има раниот детски развој јасно се гледа кај ученици на возраст од 15 години, кои учествувале во програмата на ОЕЦД за меѓународна проценка (ПИСА). Оние ученици кои посетувале една или повеќе години предучилишно образование, имале 30 и повеќе поени во читање, од децата кои не посетувале. Или, учениците кои биле вклучени во предучилишно образование, на 15 години биле за една училишна година понапред споредено со нивните соученици.
Затоа, во оваа прилика порачувам: Определени сме како Влада да ја градиме Република Македонија во општество со еднакви права и можности за сите граѓани. И апелирам до институциите, за изедначување на децата од различните социјални средини и нивно вклучување во воспитниот процес, нешто што изминатите години беше запоставено.
Уверен сум дека владините политики, соработката со граѓанскиот сектор, со нашите меѓународни партнери и следејќи ги успешните регионални, европски и светски пракси ќе имаме резултати во квалитетен ран детски развој.
За момент да се спуштиме во предучилишните и училишните клупи и ќе ги разбереме детските потреби. Има нешта кои можат да чекаат. Но децата не можат. Потребна е одговорност кон нив – денес!
Тие се мудри. На љубовта одговараат со љубов. Да им дадеме љубов и можности според нивните потреби. И тие, да бидеме сигурни, ќе возвратат со љубов и нови можности на општеството во кое што живеат и на светот на којшто припаѓаат.“
https://www.youtube.com/watch?v=PNhesaHo2_0