22/11/2024
Македонија

Премиерот Заев, домаќин на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска е домаќин на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој заедно со делегација од Советот ја посети земјава, во пресрет на очекуваната одлука за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ во октомври.

Премиерот Заев и претседателот на ЕС Туск придружувани од членови на делегациите на Владата и на Европскиот совет во Владата одржаа билатерална средба на која беше изразена благодарност за заложбите и поддршката на Туск за обезбедување напредок на Северна Македонија на нејзиниот пат за интеграција во Европската Унија.

Премиерот Заев изрази благодарност за личната заложба на Туск за обезбедување гаранции за реална европска перспектива за целиот регион истакнувајќи го напредокот на земјата, во поглед на остварување на реформската агенда, особено во областа на владеењето на правото. 

Нагласувајќи дека до следната седница на Европскиот совет има само уште неколку недели, премиерот Заев ги посочи напорите и засилените ангажмани на Владата за обезбедување силна поддршка од земјите-членки на ЕУ за заокружување на нашата досегашна работа и одбележување заеднички историски успех со добивање одлука за почеток на пристапните преговори. 

Премиерот Заев ги изрази очекувањата за усвојување на одлука за отворање преговори за пристапување во ЕУ од страна на Советот на ЕУ на 15 октомври и Европскиот совет на 17-18 октомври.