Премиерот Заев и делегација на Владата во официјална посета на Словенија
Со церемонија со највисоки почести, денеска отпочна официјалната посета на Република Словенија на делегацијата на Владата на Република Македонија предводена од премиерот Зоран Заев, во придружба на заменикот претседател на владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за економија, Крешник Бектеши, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, министерот без ресор задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, и државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски.
Во оваа официјална посета на Република Словенија, премиерот Заев го придружува и неговата сопруга Зорица Заева.
По интонирањето на државните химни и смотрата на почесната гарда, Претседателот на Владата на Република Словенија Миро Церар и премиерот Заев се повлекоа на тет-а-тет средба.
Министрите во Владата на Република Македонија и министрите домаќини во словенечката влада одржаа билатерални средби, по што следуваше и пленарна средба меѓу членовите на македонската делегација и министрите домаќини во Владата на Република Словенија, за што јавноста ќе биде навремено информирана.
Во текот на денешниот ден Претседателот на Владата на Република Македонија, и членовите на македонската владина делегација, ќе се сретнат со претставници на полициските структури на Министерството за внатрешни работи на Словенија кои учествуваа во мисијата за поддршка на Република Македонија во обезбедување на јужната граница за време на мигрантска криза.
Официјалната посета на Република Словенија денеска и утре е исполнета и со други активности, како што се средбите со Претседателот на Државниот збор на Република Словенија, д-р Милан Брглез, со Претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, како и со претставници на стопанствениците на Република Словенија.
https://www.youtube.com/watch?v=XpjEGaRNjx8