26/11/2024
Македонија

Премиерот Заев и министерот Бектеши на средба со граѓаните од Иловица и Штука

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и министерот за економија, Крешник Бектеши синоќа остварија информативна средба со граѓаните од Штука, Иловица и од општина Босилово на која ги слушнаа спротивставените мислењa, дилеми, предлози и сугестии и ги споделија со нив фактите и аргументите поврзани со одлуките кои треба да се носат за рудникот за бакар и злато.

„Во едни такви околности Еуромакс имаат добиено договор за концесија во 2014 и 2015 година. Тогаш немаше ниту галама ниту реакција. И впрочем бевме сите среќни. Дури и јас како градоначалник на општина Струмица ја поздравив инвестицијата. Кога се отворија постапките се отворија и дебатите. Видовме дека внатре пишува цијанид, технолошкиот процес го видовме, начините како е организирано, немање на студија за заштита на животната средина. Се дигнаа граѓаните и нивните репрезенти „Здрава котлина“ и другите еколошки друштва го дигнаа својот глас. Се сменија и политичките околности во државата, дојде демократија, можат сите слободно да зборуваат и тоа е убавината на демократските општества. Но треба да ја знаеме целата вистина“ посочи премиерот Заев.

Премиерот Заев посочи дека при носењето на одлуките се води сметка за здравјето на граѓаните и тоа е првиот приоритет од којшто нема да има отстапки и дека на оваа информативна средба нема да се носат одлуки туку ќе се слушнат дилемите, размислувањата и ќе се споделат фактите и аргументите. 

„Она што сè уште е причина за Владата да не донесе одлука за прекинување на овој процес започнат 2014, 2015 и 2016 е тоа што многу околности се сменија. Кога се дигнаа граѓаните јас како политичар јавно реков, „стојам на страна на граѓаните, ваква работа ние нема да дозволиме, цијанид, сулфурни киселини, нема да дозволиме. Дали е кредибилен мојот збор зборува фактот што јас со моето семејство живеам во оваа струмичката котлина. Со моите граѓани од Муртино и Струмица живееме во истата струмичка котлина. Имам намера тука да живеам и тука од деца внуци да чекам. Нема да дозволам ниту моите деца, ниту кои било деца да патат и да имаат проблеми. После ваквата одлука се промени целиот технолошки процес. Отстранет е целиот технолошки процес на обработка со цијанид. Парламентот донесе и закон поттикнат токму од граѓаните“ рече премиерот Заев.

„Денеска сме тука да ве сослушаме вас, вашите идеи, коментари, можни решенија за доброто на вашите деца, но истовремено и за доброто на економијата на Република Македонија, а заедно сите да си грижиме за да имаме подобра животна средина и подобро здравје за нас и нашите деца“ порача министерот за економија Крешник Бектеши.

Министерот Бектеши рече дека под надлежност на Министерството за економија се минералните суровини и го објасни процесот на доделување на концесија кој се состои од неколку фази, рече дека се надминати наследените проблеми.

„Нема да направиме никаков компромис со здравјето на граѓаните на нашата земја, а посебно од општините Ново Село и Босилово. Во таа насока веќе направивме измени во Законот за минерални суровини со што не даваме повеќе можност на рудниците да користат цијанид и сулфурна киселина и други штетни материи при лужењето или експлоатацијата на рудата. Министерството за економија даде нов предлог сите концесионери, според новиот тарифник и висината на надоместоците што тие ги плаќаат за експлоатираната руда, ќе ги зголемиме за 75%. Ова го правиме за општо добро на граѓаните, а големите профити компаниите треба да ги споделат заедно вас граѓаните, со вас општините“ соопшти министерот Бектеши.

Во тричасовната информативна дебата премиерот Заев и министерот Бектеши ги слушнаа размислувањата, дилемите и аргументите на граѓаните, одговараа на прашањата и ги споделија и фактите, деталите и аргументите околу одлуките и порачаа дека на крај одлуката ќе се донесе заедно со граѓаните.