Премиерот Заев и министерот Филипче: Република Македонија е лидер во регионот во однос на финансирањето на програмите за борба против ХИВ и туберкулоза
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, денеска се обратија на 39-от состанок на Одборот на Глобален Фонд за борба против ХИВ, маларија и туберкулоза.
Присуството на повеќе од 300 делегати од сите страни на светот, премиерот го истакна како почит кон Владата на Република Македонија и Министерството за здравство и знак на препознавање во успешното справување со ХИВ вирусот и со туберкулозата, како два големи здравствени, но и општествени проблеми.
„Сакам да истакнам дека почнувајќи од оваа година, Република Македонија во целост го презеде финансирањето на проектите за борба против ХИВ и туберкулоза. За оваа намена, Владата на Република Македонија за 2018-тата година издвои 1,5 милиони евра или 3 и пол пати повеќе во споредба со минатата година.
Со тоа, Република Македонија стана лидер во регионот во однос на финансирањето на програмите за борба против ХИВ и туберкулоза од страна на државата“, рече во своето обраќање премиерот Заев.
Тој, исто така нагласи дека стапката во нашиот регион на ХИВ и на туберкулоза е прилично ниска и затоа, проблемите на овие болни, за жал, како што рече премиерот, понекогаш ги ставаме во втор план, и паѓаат во сенка на сите други предизвици со кои земјите од овој регион се соочуваат во областа на здравството.
„Токму ниската стапка на болни до некаде ни ја олеснува работата. Со релативно мали инвестиции, но со фокусирани напори, имаме шанса и двете болести да ги ставиме под целосна контрола, па дури и да ги искорениме. Овие прашања не треба да зависат од политичка волја, бидејќи се прашања на основните човекови права“, додаде премиерот Заев пред присутните.
Министерот за здравство, Венко Филипче, во своето обраќање информираше за Министерскиот состанок на Министрите за здравство од Југоисточна Европа, каде што по констатираниот напредок, како што кажа тој, се разговарало и што треба дополнително да се направи за да се стави крај на епидемијата за ХИВ и туберкулоза, како дел од Агендата за одржлив развој од 2030 година.
„Владите на земјите од ЈИЕ се посветени на домашно финансирање и обезбедување на пристап до третман на ХИВ и туберкулоза за сите, со вклучување на граѓанско општество и засегнатите заедници. Услугите што ги обезбедуваат граѓанските организации за да стигнат до сите ранливи групи, се повеќе се препознаваат како интегрален дел од здравствените и социјалните системи на земјите“, рече министерот Филипче.
Аида Куртовиќ, претседавач на Одборот на Глобален Фонд за борба против ХИВ, туберкулоза и маларија изрази уверување дека Владата на Република Македонија и Министерството за здравство силно се заложуваат за одржливост на државното финансирање и дека Македонија е на добар пат за справување со епидемиите на ХИВ и туберкулоза, а пак Питер Сендс, извршниот директор на Глобален Фонд за борба против ХИВ, туберкулоза и маларија, рече дека Република Македонија е пример во регионот како треба да се работи при справување со ХИВ, туберкулоза и маларија, и дека никој не може да го оспори големиот напредок на Република Македонија.
Глобалниот Фонд е формиран во 2002 година на иницијатива на Џорџ Буш постариот, Кофи Анан, поранешен претседател на ОН, како и на Бил и Мелинда Гејтс фондацијата.
Пред присутните 300 делегати од целиот свет, Премиерот Заев истакна:
Добро утро на сите,
Почитувана Аида Куртовиќ, претседавач на Одборот на Глобалниот Фонд за борба против ХИВ, маларија и туберкулоза,,
Почитуван Питер Сендс извршен директор на Глобалниот Фонд,
Почитувани делегати од целиот свет,
Почитувани медиуми,
Драги гости,
Би сакал најпрво да ви се заблагодарам бидејќи без двоумење ја прифативте поканата – Република Македонија да биде домаќин на 39-тиот состанок на Одборот на Глобалниот Фонд за борба против ХИВ, туберкулоза и маларија.
Во исто време, ми претставува огромна чест и задоволство бидејќи ми укажавте доверба да го отворам овој голем настан.
Присуството на повеќе од 300 делегати од сите страни на светот, укажува на фактот за почит кон Владата на Република Македонија и Министерството за здравство успешно се справуваат со ХИВ вирусот и со туберкулозата, како два големи здравствени, но и општествени проблеми.
Но секако тоа немаше да биде целосно изводливо без вашата помош и поддршка. Во изминатите 14 години, за борба против ХИВ и туберкулоза, за Република Македонија издвоивте како Фонд дури 34 милиони долари и Ви Благодарам за тоа.
Сакам да истакнам дека почнувајќи од оваа година, Република Македонија во целост го презеде финансирањето на проектите за борба против ХИВ и туберкулоза.
За оваа намена, Владата на Република Македонија за 2018-тата година издвои 1,5 милиони евра или 3 ипол пати повеќе во споредба со минатата година.
Со тоа, Република Македонија стана лидер во регионот во однос на финансирањето на програмите за борба против ХИВ и туберкулоза од страна на државата.
Со овие средства Министерството за здравство создаде услови да продолжи имплементацијата на сите превентивни програми кои во изминатите години се спроведуваа токму со финансиска поддршка и помош од Глобалниот фонд.
За одбележување е податокот дека програмите за превенција се направени и во текот на оваа година ќе се имплементираат заедно со претставници од 15 граѓански и организации на засегнатите групи на граѓани.
Само заеднички можеме успешно да им пристапиме на овие ранливи, и за жал, сè уште маргинализирани групи на луѓе. Граѓанските организации имаат знаење, искуство и експертиза за овие проблеми, и најважно – знаат како да допрат до болните од ХИВ и од туберкулоза. Благодарение на нивните напори, кај дел од болните, епидемијата на ХИВ е ставена под контрола.
Тоа е уште еден доказ дека граѓанскиот сектор има исклучителна улога во зајакнување на нашето демократско општество, во идентификување на проблемите и во посочување на решенија, и воопшто во подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани.
Во нашиот регион се соочуваме со релативно ниска стапка на ХИВ и на туберкулоза. И затоа, проблемите на овие болни, за жал, понекогаш ги ставаме во втор план. Паѓаат во сенка на сите други предизвици со кои земјите од овој регион се соочуваат во областа на здравството.
Сепак, За болните од ХИВ и од туберкулоза, овие болести се секако голем и сериозен проблем. Затоа велиме дека ниту еден од овие наши сограѓани нема да биде изоставен од негата и од лекувањето.
Токму ниската стапка на болни до некаде ни ја олеснува работата – со релативно мали инвестиции, но со фокусирани напори, имаме шанса и двете болести да ги ставиме под целосна контрола, па дури и да ги искорениме.
Овие прашања не треба да зависат од политичка волја, бидејќи се прашања на основните човекови права. Во зависност од состојбите во секоја земја, мора да ги обезбедиме сите превентивни алатки кои ни стојат на располагање.
Инвестирајќи во заштитата, на долг рок ќе спасиме поголем број човечки животи. Но во крајна линија, ќе ги намалиме и трошоците при справувањето со вирусот на ХИВ, со туберкулозата и со сериозните последици од двете болести.
Дополнително, државното финансирање мора и натаму да се зголемува. На тој начин ќе гарантираме долгорочна одржливост на програмите за борба против ХИВ и туберкулоза и ќе опфатиме поголем број на засегнати граѓани.
Секако поддршката од меѓународните партнери, од Европската унија и Вашата поддршка секогаш ќе ни биде добредојдена.
Во оваа прилика исто така сакам да испратам апел до сите сегменти на властите, носители на важни одлуки, но и до граѓаните на Република Македонија и на сите земји од регионот: Крајно време е да обезбедиме средина која нема да ги осудува, ниту пак ќе ги дискриминира лицата болни од ХИВ или од туберкулоза. Само на тој начин ќе гарантираме заштита и остварување на основните човекови права.
Владата на Република Македонија водена од концептот „Едно општество за сите“ вложува напори да создаде општество ослободено од предрасуди. Секој од нас е различен и посебен на свој начин. Болеста не треба да биде мерило за тоа каква е една личност.
На крајот, и покрај многуте предизвици коишто се пред нас, верувам дека нашиот регион ќе покаже силна политичка волја и подготвеност да придонесе во остварувањето на целите за одржлив развој на Обединетите Нации.
Сите се согласивме дека до 2030-тата година ќе ставиме крај на епидемиите на ХИВ вирусот и на туберкулозата како јавно – здравствени проблеми.
Почитувани гости на Република Македонија, членови на Одборот на Глобалниот Фонд,
Ви посакувам успешна работа овде во Македонија.
Министерот за здравство д-р Венко Филипче, во присуство на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска го отвори 39-тиот состанок на Одборот на Глобален Фонд за борба против ХИВ, туберкулоза и маларија. Во своето обраќање, тој меѓудругото истакна:
Почитуван претседател на Владата на РМ, г-дин Зоран Заев
Почитувана Аида Куртович, претседавач и почитуван Џон Симон, копретседавач на Одборот на Глобалниот Фонд за борба против ХИВ, маларија и туберкулоза,
Почитуван Питер Сендс извршен директор на Глобалниот Фонд,
Почитувани делегати од целиот свет,
Почитувани медиуми,
Почитувани гости,
Министерството за здравство и јас како Министер за здравство уште еднаш ви благодари за прифаќање на поканата да го одржите 39 – от состанок на одборот на Глобален фонд во Македонија.
Чест ми беше што бевте дел и од Министерскиот состанок на Министрите за здравство од Југоисточна Европа, каде што се разговараше за постигнатиот напредок и што треба дополнително да се направи за да се стави крај на епидемијата за ХИВ и туберкулоза, како дел од Агендата за одржлив развој од 2030 година.
Дозволете ми со вас да ги споделам следниве заклучоци кои произлегоа од состанокот:
Министерскиот состанок се одржа во време кога високата политичка заложба за ХИВ и туберкулоза е исклучително важна во Југоисточна Европа (ЈИЕ). Во моментов, земјите ја зголемуваат државната финансиска поддршка, додека Глобалниот фонд ги подржува земјите со највисоки стапки на овие болести, а со помал економски капацитет.
Владите на земјите од ЈИЕ се посветени на домашно финансирање и обезбедување на пристап до третман на ХИВ и туберкулоза за сите, со вклучување на граѓанско општество и засегнатите заедници.
Услугите што ги обезбедуваат граѓанските организации за да стигнат до сите ранливи групи, се повеќе се препознаваат како интегрален дел од здравствените и социјалните системи на земјите.
За време на министерскиот состанок, некои од земјите-учеснички ги споделија своите искуства во развојот, пилотирањето и институционализирањето на одржливи пристапи за финансирање на услуги за клучните и ранливите популации, особено оние што ги спроведуваат граѓанските организации. Другите земји ја препознаа потребата за забрзување на нивните напори во оваа област. Реформите во здравствениот систем, за да се овозможи ова, бараат силна политичка волја и усогласување на сите партнери. Реформите треба да бидат вградени во правните акти и поддржани од креаторите на политиките со силна одговорност кон јавноста.
Финансирањето е важен елемент, но треба да биде придружено со натамошно унапредување на заштитата на човековите права.
Бидејќи зајакнувањето на одржливоста е тековен процес, дијалогот од овој министерски состанок треба да продолжи во рамките и меѓу земјите на политичко и техничко ниво, со вклучување на различни сектори, вклучително и засегнатите заедници и граѓанското општество.
Потребна е силна континуирана поддршка од меѓународните партнери за зголемено домашно финансирање за да се овозможат успешни транзиции, вклучувајќи ја и Европската унија, Глобалниот фонд и приватните донатори, особено во однос на програмската и финансиската одржливост на услугите на граѓанските организации за клучните и ранливите популации.
Министерството за здравство ја искажува својата благодарност за улогата на Глобалниот фонд за борба против ХИВ, туберкулоза и маларија за ставање на крај на епидемијата на глобално ниво и во рамките на ЈИЕ.
Сметаме дека е важно да продолжат тековните напори на Глобалниот фонд за зајакнување на одржливоста на националните одговори на ХИВ и туберкулозата, со земање предвид на напредокот, подготвеноста, способноста и предизвиците на земјите.