Премиерот Заев и министерот Тевдовски на Годишните средби на ЕБОР
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министерот за финансии, Драган Тевдовски денеска учествуваа на церемонијата на отворање на Генералното собрание на ЕБОР во рамки на Годишните средби на Европската банка за обнова и развој, настан којшто се одржува во Сараево, Босна и Херцеговина.
Премиерот Заев и министерот Тевдовски ги оценија средбите како одлична можност за поврзување, претставување на инвестициските можности во земјава, како и за дискутирање на тековни и идни проекти поддржани од Европската банка за обнова и развој.
„Главни теми на кои се разговара се регионалната поврзаност, зголемување на конкурентноста и капацитетите на нашите компании, зголемување на соработката на целиот регион, дигитализацијата, патната инфраструктура и енергетската инфраструктура, сето она што живот значи и во нашата земја Северна Македонија. Европската банка за обнова и развој е инвеститор од 1,9 милијарди евра во нашата земја која имплементира над 150 проекти кои го дефинираат севкупниот развој на нашата земја затоа е многу важно да ги искористиме сите можности што значат и пренесување на знаење, позитивни искуства за реализација на одредени проекти, а истовремено да охрабриме и побрзи процедури во делот на ЕБРД, подобри пракси и на крајот позабрзан раст и развој на нашата земја“, рече премиерот Заев.
Премиерот Заев додаде дека ЕБОР претставува исклучително важен стратешки економски партнер на Република Северна Македонија долги години наназад во спроведување на реформите, во создавањето на одржлива пазарна економија и во приближувањето на земјата кон ЕУ.
„Сето тоа што се случува во Република Северна Македонија после сите политички договори, дефинитивно ја става земјата во позиција да ги максимизира своите ефекти за да го забрза својот раст и развој, да ја намалиме невработеноста, да ги зголемиме платите на граѓаните, а ЕБРД може да одигра значајна улога. Нашиот фокус е да ги мотивираме да пласираат повеќе пари кај малите и средни претпријатија заради тоа што развојот на земјата го гледаме токму преку тоа. Верувам дека тоа ќе се случува во периодот што претстои пред нас, во реализацијата на големите капитални инвестиции како што е патната инфраструктура, третата фаза од железничката пруга, продолжување на проектите како што се гасификација, енергетска поврзаност, нови енергетски извори, и многу други проекти важни за граѓаните и за севкупниот раст и развој на економијата на Северна Македонија“, нагласи премиерот Заев.
Министерот Тевдовски најави дека во јуни на Бордот на директори на ЕБОР треба да се одобри Новата стратегија за соработка со Република Северна Македонија 2019-2024 година. Во новата стратегија има повеќе проекти, кои треба да поддржат три приоритети.
„Првиот приоритет е поддршка на конкурентноста. Преку овие проекти треба: да се подобрат деловните вештини, да се подобри пристапот до работни места за млади, жени и население кое живее во недоволно покриени подрачја, како и да се подобри конкурентноста на приватниот сектор. Вториот приоритет е јакнење на регионалната интеграција и поддршка на приближувањето кон ЕУ. Преку овие проекти треба да се подобри поврзувањето преку вложување во транспортна и енергетска инфраструктура, дигитализација и усогласување на деловните практики. Третиот приоритет е насочување кон „зелена економија“, односно одржлива енергија и поголема ефикасност при управување со ресурсите. Овие проекти треба да ги зајакнат капацитетите на обновлива енергија, да се зголеми енергетската ефикасност и ефикасност на ресурсите како и подобра еколошка инфраструктура на локално и општинско ниво“, истакна министерот Тевдовски и додаде дека реализацијата на сите овие проекти ќе придонесе и за праведен и одржлив економски раст и ќе придонесат за подобар живот на граѓаните.
Премиерот Заев од Годишните средби на ЕБОР: Ја унапредуваме соработката со ЕБОР, наш стратешки економски партнер кој има инвестирано 1.9 милијарди евра во над 150 проекти
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министерот за финансии, Драган Тевдовски денеска учествуваа на церемонијата на отворање на Генералното собрание на ЕБОР во рамки на Годишните средби на Европската банка за обнова и развој, настан којшто се одржува во Сараево, БиХ. Премиерот Заев и министерот Тевдовски дадоа кратки изјави. Во продолжение ви ја пренесуваме изјавата на Премиерот Заев во целост.
„Прекрасна можност е да учествуваме на Годишното Собрание на ЕБРД, Европската банка за обнова и развој заедно со министерот за финансии и да разговараме на теми идни перспективи на целиот регион, регионалната соработка, зајакнување на инвестициите пред се во инфраструктурата, но и во сите други важни сегменти на државата.
Главни теми на кои се разговара се регионалната поврзаност, зголемување на конкурентноста и капацитетите на нашите компании, зголемување на соработката на целиот регион, дигитализацијата, патната инфраструктура и енергетската инфраструктура, сето она што живот значи и во нашата земја Северна Македонија.
Европската банка за обнова и развој е инвеститор од 1,9 милијарди евра во нашата земја која имплементира над 150 проекти кои го дефинираат севкупниот развој на нашата земја затоа е многу важно да ги искористиме сите можности којшто значат и пренесување на знаење, позитивни искуства за реализација на одредени проекти, а истовремено да охрабриме и побрзи процедури во делот на ЕБРД, подобри пракси и на крајот позабрзан раст и развој на нашата земја.
Сето тоа што се случува во Република Северна Македонија после сите политички договори дефинитивно ја става земјата во позиција да ги максимизира своите ефекти за да го забрза својот раст и развој, да ја намалиме невработеноста, да ги зголемиме платите на граѓаните, а ЕБРД може да одигра значајна улога. Нашиот фокус е да ги мотивираме да пласираат повеќе пари на малите и средни претпријатија заради тоа што развојот на земјата го гледаме токму преку тоа, верувам дека тоа ќе се случува во периодот којшто претстои пред нас, но секако и реализација на големите капитални инвестиции како што е патната инфраструктура, третата фаза од железничката пруга, продолжување на проектите како што се гасификација, енергетска поврзаност, нови енергетски извори, и многу други проекти важни за граѓаните и за севкупниот раст и развој на економијата на Северна Македонија“.