Премиерот Заев и министерот Тевдовски на годишните средби на Холандската Конституенца
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска со свое воведно обраќање го означи отворањето на состанокот на Холандската Конституенца чијашто членка е и нашата земја во рамки на годишните средби кои оваа година се случуваат во Скопје, Република Северна Македонија во организација на Министерството за финансии и Народната банка на Република Северна Македонија. Покрај премиерот Заев свои воведни обраќања имаа и министерот за финансии, Драган Тевдовски, гувернерката на Народна Банка на Северна Македонија, Анита Ангеловска Бежовска, Кун Дејвидсе, извршен директор на Светска Банка и Ентони де Ланој, извршен директор на ММФ.
Во своите обраќање директорите на Светска Банка и ММФ ги поздравија храбрите политички чекори кои нашата земја ги презема во последните 2 години кои ги отворија вратите за наше членство во НАТО и ЕУ како важен поттик за економијата да расте и да биде одржлива на долг рок.
Пред почетокот на состанокот на Конститунцата, регионалниот директор на Светска Банка за Источна и Централна Азија, Сирил Милер имаше презентација во која сподели информации поврзани со економските перспективи и финансиските системи во регионот што го покриваат земјите членки и за проектите на коишто банката соработува со земјите.
„ На самиот почеток дозволете ми да изразам големо задоволство што после цели 16 години нашата земја, Република Северна Македонија е домаќин и организатор на годишните средби на Холандската Конституенца на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка. На гостите од земјите членки на Конститунцата сакам да им посакам топло добредојде во нашата земја, Република Северна Македонија. Ние како земја организатор имаме уникатна прилика да бидеме домаќин на ваков настан од високо експертско ниво. Од големо значење е да ги слушнеме врвните светски експерти од областа на економијата и финансискиот сектор кои ќе дебатираат на една исклучително важна тема која го засега светот и нас како земји членки на холандската Конституенца „Како до поправеден систем за сите“, рече премиерот Заев.
Тој додаде дека Република Северна Македонија преку спроведување на економски реформи и успешни фискални политики изминативе две години на дело покажува дека е посветена на градење на едно праведно општество со еднакви можности и силна економија којашто ќе отвора шанси за сите.
„Тоа е патот по кој чекори нашата земја – патот на праведност и фер шанса за сите. Не беше лесно да се зачекори по тој пат. Работевме на решавање на крупните политички прашања што денеска ни овозможи да имаме забетонирано сигурно членство во НАТО и започнување на преговори со Европската Унија до крајот на годината и паралелно со тој процес работевме на стабилизација на економијата преку спорведување на издржани економски и фискални политики.
Успеавме да ја ставиме економијата на една забрзана трака на раст, кој во својата суштина и структура денеска претставува праведен реален економски раст на БДП. Од – 1.8% во 2017, растот на БДП во првиот квартал 2019 изнесува 4.1%. Ова е одлична база за уште повисоки стапки на БДП кои ги очекуваме во наредните квартали“, додаде премиерот Заев.
Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека изминатиот период со реформи во системот на јавни финансии и воспоствена фискална дисциплина се создал фискален простор за да се зголемат инвестициите во човечки капитал.
„Слабите инвестиции во човечкиот капитал порано, резултираа со низок индекс на истиот, односно ниска потенцијална продуктивност на граѓаните поради помали инвестиции во образование, здравство и социјална грижа. Затоа наша определба, за разлика од порано, е да се вложи повеќе внимание и финансии за инвестирање во човечкиот потенцијал. Покрај социјалната реформа, издввоивме повеќе средства и за активните мерки за вработување, за изградба на нови градинки, за што имаме поддршка и од ЕУ и Светска банка. Понатаму, постојано ги зголемуваме средствата за здравство и образование, вклучително и покачување на платите на лекарите и наставниците. Ова се најважните алки во синџирот, а слабите алки креираат слаби ученици и лошо здравство“ рече министерот Тевдовски.
Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на Премиерот Заев.
„На самиот почеток дозволете ми да изразам големо задоволство што после цели 16 години нашата земја, Република Северна Македонија е домаќин и организатор на годишните средби на Холандската Конституенца на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка.
На гостите од земјите членки на Конститунцата сакам да им посакам топло добредојде во нашата земја, Република Северна Македонија.
Ние како земја организатор имаме уникатна прилика да бидеме домаќин на ваков настан од високо експертско ниво. Од големо значење е да ги слушнеме врвните светски експерти од областа на економијата и финансискиот сектор кои ќе дебатираат на една исклучително важна тема која го засега светот и нас како земји членки на холандската Конституенца „Како до поправеден систем за сите“.
Република Северна Македонија е земја членка на Холандската Конституенца на СБ и ММФ покрај 14 други земји, Ерменија, Белгија, Холандија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грузија, Израел, Кипар, Молдавија, Романија, Украина, Холандија, Хрватска и Црна Гора.
Годишните состаноци на Конституенцата се одлична прилика да ги зајакнеме нашите врски и релации на економска соработка и уште посилно да градиме мостови на пријателства.
„Како до поправеден систем за сите?“
Особено ми е драго што ќе се дебатира на исклучително важна тема и предизвик на кој треба да работиме сите заедно со нашите партнери Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд.
Република Северна Македонија преку спроведување на економски реформи и успешни фискални политики изминативе две години на дело покажува дека е посветена на градење на едно праведно општество со еднакви можности и силна економија којашто ќе отвора шанси за сите.
Тоа е патот по кој чекори нашата земја – патот на праведност и фер шанса за сите.
Не беше лесно да се зачекори по тој пат. Работевме на решавање на крупните политички прашања што денеска ни овозможи да имаме забетонирано сигурно членство во НАТО и започнување на преговори со Европската Унија до крајот на годината и паралелно со тој процес работевме на стабилизација на економијата преку спорведување на издржани економски и фискални политики.
Успеавме да ја ставиме економијата на една забрзана трака на раст, кој во својата суштина и структура денеска претставува праведен реален економски раст на БДП. Од – 1.8% во 2017, растот на БДП во првиот квартал 2019 изнесува 4.1%.
Ова е одлична база за уште повисоки стапки на БДП кои ги очекуваме во наредните квартали.
Политиките за намалување на нееднаквоста не секогаш се популарни политики и бевме честопати изложени на критика на јавноста.
Но, кога целта е благородна и кога силно веруваме во тоа што го правиме за доброто на граѓаните, тогаш само храбри чекори и политики можат да ги донесат очекуваните резултати.
А резултатите од сработеното се видливи и ние силно се гордееме со постигнатото.
Ја спроведовме реформата за воведување на праведен данок.
Целта ни беше токму таа – да постигнеме праведност во распределбата на доходот и националното богатство. Тие пари повторно да се враќаат кај граѓаните преку директните социјални трансфери или преку подигнување на квалитетот на јавните услуги!
Преку буџетските механизми на редистрибуција на буџетот финансиските средства прибавени од праведниот данок денеска се користат за исплата на повисока социјална помош за 300%.
Го проширивме правото на користење на образовниот и детскиот додаток од сегашните 3.000 на над 70.000 деца.
Тоа е фер и еднаков пристап на државата кон сите свои граѓани.
Само преку инвестиции и силно вложување во човечкиот капитал, а посебно во децата и младите луѓе нашата економија и држава имаат одржливи и долгорочни перпсективи за развој.
Светска банка (СБ) е наш докажан партнер со кој од 1993 година работиме на значајни 64 проекти во вредност од над 2 милијарди долари.
Во моментов Светска Банка учествува во финансирање на 8 проекти во фаза на имплементација во износ на 387.3 милиони евра.
Во новата Програма за партнерство (2019-2023) со Светска банка ќе работиме на три клучни области, развој на човечкиот капитал преку проширување на вештините и можностите за најранливите категории на граѓани и нивна инклузија, подобрување на деловното окружување и подигнување на конкурентноста на приватниот сектор и на зајакнување на управувањето со јавните финансии и поголема одржливост на енергетските извори.
Од оваа соработка нашите заеднички очекувања се дека ќе овозможиме услови растот на БДП ќе биде извозно -ориентиран, инклузивен и одржлив на долг рок.
Оваа прилика сакам да ја искористам и да ја поздравам одлуката на Меѓународниот монетарен фонд за отворање на нова регионална канцеларија во Виена, Австрија која ќе помогне да се поддржи блиската соработка со четирите земји Албанија, Косово, Црна Гора и Северна Македонија како и со донаторите, меѓународните институции, вклучувајќи ја и Севтска Банка, австриската влада, како важен трговски и развоен партнер на земјите од Западен Балкан.
За нас тоа е охрабрувачки потег уште попосветено да ги зајакнеме нашите партнерски релации и добра соработка.
На самиот крај, дозволете на гостите од 15-те земји членки на Холандската Конституенца да ви посакам убав и пријатен престој во нашата земја. Ќе имате извонредна прилика во текот на утрешниот ден да се запознаете и да ги видите убавините на Република Северна Македонија, бисерот на Балканот – нашето убаво Охридско езеро и градот Охрид.
Уверен сум дека овие годишни средби на Холандската Конституенца во Скопје ќе бидат силен поттик за свежи позитивни промени во спроведувањето на економските политики во нашите земји кои ќе да придонесат кон воспоставување на поправеден систем во нашите општества со еднакви можности и шанси за сите граѓани.“