Премиерот Заев и министерот за здравство Филипче пред специјализантите
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во присуство на министерот за здравство, д-р Венко Филипче, пратеничката во Собранието и стоматолог по професија, д-р Мери Лазарова, како и претставници од здруженијата на специјализанти и млади доктори, се обрати на панел дискусијата организирана од Министерството за здравство, „Инвестираме во младите доктори, иднината на здравството во Република Македонија“
Истакнувајќи дека иднината на Македонија е во младите луѓе, Премиерот Заев потенцираше дека политиката на Владата на Република Македонија и на Министерството за здравство се исклучиво во насока на задржување на докторите во земјава.
„Владата на Република на Република Македонија донесе предлог програма за едукација на лекари и медицински персонал и за кофинансирање на специјализациите, односно супспецијализациите на здравствените работници вработени во приватни здравствени установи за 2019-тата година. Како резултат на имплементацијата на оваа програма, пациентите ќе добиваат здравствени услуги по највисоки стандарди, младите доктори значително ќе се доусовршат со што навреме и прецизно ќе се дијагностицираат болестите. За оваа намена обезбедивме доволно средства во Буџетот на Република Македонија за следната година“, рече Премиерот Заев.
Тој, исто така, на младите доктори им посочи и дека заложба на Владата е до 2020-тата година платите на докторите специјалисти во терциерното здравство да се зголемуваат постепено и да достигнат износ од најмалку 100 илјади денари.
„Знам дека промените веќе ги чувствувате. Специјализантите кои се пријавиле на конкурсите пред почетокот на оваа година, вклучувајќи ги и кофинансираните, веќе добиваат плата. А од овој месец плата ќе добиваат и оние од вас кои се пријавиле на конкурсот во јануари годинава“, додаде Премиерот Заев.
Министерот за здравство д-р Венко Филипче истакна дека во изминатите години младиот медицински кадар беше заборавен од државата. Тој додаде дека поради фактот што не се вреднувал нивниот труд, единствениот излез за младите доктори бил да работат надвор од Македонија.
„Зголемување на надоместокот за дежурства, ноќен труд и прекувремена работа е во насока на останување на медицинскиот кадар дома. Веќе почнаа исплатите за околу 200 специјализанти, а од овој месец дополнително ќе бидат исплатени уште 92-ца кои беа запишани на специјализација со јануарскиот конкурс годинава. Со заеднички договор со Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија дополнително уште околу 40 специјализанти стоматолози од септември ќе добиваат надоместок“, потенцираше министерот за здравство, Филипче.
Во исто време, додаде министерот, неопходно е да се зајакнат капацитетите на медицинскиот факултет со млад и амбициозен кадар, кои ќе имаат можност за младински активизам, студентско ангажирање, воведување на нови програми и содржини, како и поголема соработка со професорите и асистентите.
Мерките кои собранието на Република Македонија ги предлага за подобрување на условите за практично учење, на специјализантите им ги презентираше Мери Лазарова, члена на собраниската комисија за здравство и стоматолог по професија.
„Се заложуваме за систем на континуирана медицинска едукација. Здравството ќе се соочи со дефицит на спацијалисти, којшто, ако не реагираме брзо, не ќе може да се надополни. Затоа го подржуваме финансирањето на специјализациите на 10-те најдобри студенти, како и заложбата на министерството за здравство да се зголемат квотите“, потенцираше пратеничката Лазарова.
Правата на специјализантите на денешната панел дискусија ги застапуваа претседателите на Клубот на млади специјализанти и на здружението на лекари специјализанти.
„Конечно не слушаат тие што одлучуваат. Драго ни е што добиваме сигнали да се отвори дебата за нашите проблеми. Апелираме дека се неопходни системски реформи. Мора да гарантирате дека ќе создадете здравствен систем, кој ќе не задржи во Македонија“, рече д-р Никола Брзанов, претседател на Клубот на млади специјалисти.
„После 20 години се прават историски промени, се обезбедува плата за приватните специјализанти. После 25 години, Лекарската комора ја препозна потребата да формира комисија за специјализанти. И сето ова за нас е многу важно, бидејќи само од задоволни лекари, задоволни можат да бидат пациентите“, истакна д-р Билјана Додева, претседател на здружението на лекари специјализанти.
Можност за дискусија имаа и присутните млади лекари, специјализанти, професори, студенти. Искажаа благодарност што завршила експлоатацијата на специјализантите и нивниот труд. Побараа уште повеќе да заживее дебатата со нив, бидејќи само тие можат да ги посочат вистинските проблеми со кои се соочуваат.
На ова министерот Филипче истакна дека за секоја планирана мерка или реформа, бара мислење од граѓанските организации. „Нема поента Министерството за здравство да направи реформи без да ги праша тие што ги засега“, додаде министерот Филипче.
„Адресирајте ги проблемите. Најголем коректив сте вие. Ние ќе ве стимулираме со плати, но ако вашите професори не сакаат да ви го пренесат знаењето, тогаш сè е џабе. Македонија е мала и ако можеме да ја отстраниме себичноста, на добар пат сме. Во однос на одговорноста, мора да ја има. Казнениот систем е порака која се испраќа за да не се повторуваат одредени активности“, заклучи Премиерот Заев.
Интегрален говор на Премиерот Заев пред младите лекари: Си требаме взаемно, со низа мерки ќе создадеме услови да останете во Македонија и да се грижите за своите пациенти
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев во присуство на министерот за здравство, д-р Венко Филипче, пратеничката во Собранието и стоматолог по професија, д-р Мери Лазарова, како и пред претставниците на здруженијата на млади доктори, имаше свое обраќање на панел дискусијата „Инвестираме во младите лекари, иднината на здравството на Македонија“.
Пред присутните, Премиерот Заев, меѓу другото рече:
„Многупати досега сум кажал дека младите се движечка сила на едно општество. И зад оваа изјава стојам 100 проценти. Само со помош на енергијата на младите луѓе Македонија ќе се движи напред.
Важни ни се сите, но Вам почитувани идни специјалисти, ви оддавам посебна почит бидејќи – вие се грижите за останатите, ги лекувате болните, им помагате на нашите сограѓани.
Затоа почитувани млади доктори, се чувствувам особено почестен што денеска имам можност да ви се обратам. И веднаш сакам да ве уверам дека Владата којашто ја предводам, Владата на нашата Република Македонија и Министерството за здравство прават и ќе продолжат да прават СЕ, за да ве задржиме, да останете и да работите дома, во здравствените установи во земјава.
За жал, во изминативе години изгубивме премногу талентирани и едуцирани доктори. Во потрага по подобри услови за работа, тие се иселија во европските земји, низ целиот свет. И тоа сите се согласуваме дека мора да сопре. Треба да сте тука, во родните огништа, блиску до своите семејства.
Владата на Република на Република Македонија донесе предлог програма за едукација на лекари и медицински персонал и за кофинансирање на специјализациите, односно супспецијализациите на здравствените работници вработени во приватни здравствени установи за 2019-тата година.
Како резултат на имплементацијата на оваа програма, пациентите ќе добиваат здравствени услуги по највисоки стандарди, младите доктори значително ќе се доусовршат со што навреме и прецизно ќе се дијагностицираат болестите. За оваа намена обезбедивме доволно средства во Буџетот на Република Македонија за следната година.
Исто така, во програмата за работење на Владата за периодот од 2017-та до 2020-тата година, со низа мерки, гарантираме дека ќе создадеме достапен, квалитетен и долгорочно – финансиски одржлив систем на здравствена заштита. Со тоа, ќе обезбедиме и достоинствени услови за вас, за ваше професионално надградување.
И секако ги зголемивме, односно ќе ги зголемиме вашите и платите на сите доктори. Тоа за вас ќе биде дополнителна мотивација да бидете посветени на својата работа, соодветно да се грижите за своите пациенти.
Ветивме дека до крајот на нашиот мандат платите на здравствените работници ќе бидат двојно зголемени. До 2020-тата година, кога дел од вас веќе ќе бидат специјалисти во одредена област, платите на докторите специјалисти во терциерното здравство скалесто ќе се зголемуваат и ќе изнесуваат минимум 100.000 денари, односно 1.600-тини евра.
Исто така, знаете дека е отпочната и процедурата за изградба на нов, современ и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје кој ќе гарантира високо квалитетни здравствени услуги на населението во целата држава. Но од неговата изградба секако и Вие ќе имате бенефит – ќе работите со најсовремена медицинска опрема, во услови идентични на условите во медицинските центри во Европа и пошироко.
Почитувани специјализанти,
Со поголеми плати, со подобри услови за специјализација и за практично учење ќе создадеме атмосфера поради која нема да сакате да заминете и ќе останете во Вашата Македонија. Тоа е наша желба, се надевам дека ќе остане и Ваша желба.
Знам дека промените веќе ги чувствувате. Специјализантите кои се пријавиле на конкурсите пред почетокот на оваа година, вклучувајќи ги и кофинансираните веќе добиваат плата. А од овој месец плата ќе добиваат и оние од вас кои се пријавиле на конкурсот во јануари оваа година.
Дополнително, за да го зголемиме бројот на специјалисти во државното здравство, сакам да најавам дека ќе воведеме специјализација за најдобрите 10 студенти во секоја генерација и ќе се зголемат квотите на државните специјализации. Секако предност, ќе им дадеме на дефицитарните специјализации според потребите на здравствените установи и регионите во Македонија. За време на специјализацијата, приватните специјализанти ќе добиваат плата и придонеси во висина на минимална загарантираната плата за општ лекар.
Сакам да истакнам дека подготвуваме и план за вработување на доктори според потребите на здравствените установи во земјава. Нашите првични анализи од терен покажуваат дека само во Скопје недостигаат над 100 доктори, а бројката во целата земја е повеќе од тројно поголема.
Затоа, почитувани млади лекари, Ве повикувам да ја зграбите секоја шанса којашто ви се нуди. Искористете ги сите можности. И барајте повеќе ако сметате дека треба. Си требаме вземно. Република Македонија не смее да си дозволи да изгуби ниту еден од вас. Пациентите, нашите сограѓани го заслужуваат најдоброто.
Како што вели заклетвата: „Својата професија ќе ја извршувам совесно и достоинствено. Најважна грижа ќе ми биде здравјето на мојот пациент. Ќе ги почитувам тајните што ќе ми се доверат. Во вршењето на должноста кон болниот нема да внесувам никакви предрасуди во однос на верата, националноста, расата, политичката и класната припадност. Ни под заканување нема да дозволам моите медицински знаења да се искористат спротивно на законите на хуманоста“ – ова е само мал дел од заклетвата на која се заколнавте сите и гледајќи ве, денеска овде, сигурен сум дека ќе ја почитувате во целост“
Интегрално обраќање на Министерот Филипче: Ќе ги зајакнеме капацитетитена медицинскиот факултет – младите се витален дел од општеството и не смееме да дозволиме нивен егзодус
Министерот за здравство, д-р Венко Филипче во присуство на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев имаше свое обраќање на панел дискусијата „Инвестираме во , иднината на здравството во Македонија“. Во својот говор, пред присутните специјализанти, млади доктори, професори и студенти, министерот Филипче истакна:
„На мое огромно задоволство ја организиравме денешната трибина со цел младите лекари, студенти и специјализанти на медицински науки да имаат можност отворено да дискутираат за сите актуелни проблеми и предизвици со кои се соочуваат, но и за можностите за развој и едукација. Главна цел на сите досега спроведени мерки заедно со Владата на Република Македонија беше да го задржиме младиот медицински кадар во земјава, на што напорно ќе работиме и во претстојниот период.
Како што напомена и претседателот на Владата на Република Македонија, г. Зоран Заев, со заеднички напори и со помош на Владата за прв пат во Македонија се обезбедија средства за исплаќање на надоместок на приватните специјализанти за нивниот труд и работа во висина од минимално загарантирана плата за општ лекар.
Веќе почнаа исплатите за околу 200 специјализанти, а од овој месец дополнително ќе бидат исплатени уште 92-ца кои беа запишани на специјализација со јануарскиот конкурс годинава. Со заеднички договор со Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија дополнително уште околу 40 специјализанти стоматолози од септември ќе добиваат соодветен надоместок.
Изминативе години младиот медицински кадар беше заборавен од државата. Лошите политики придонесоа младите да ја напуштаат земјава. Здравството беше клекнато на колена, наследивме руинирани болници и големи долгови. Младите единствениот излез од целата таа ситуација го гледаа во учењето странски јазик и аплицирање за работа во странски земји.
Владата на Република Македонија и Министерството за здравство се обидоа да направат промена, да пробаат нешто ново, нешто во што веруваат и младите дека може да придонесе за да се промени атмосферата. Во насока на задржување на младиот медицински кадар во земјава со помош на Владата на Република Македонија се обезбедуваат нормални услови за работа и повисоки плати. Зголемување на надоместокот за дежурства, ноќен труд и прекувремена работа е во насока на останување на медицинскиот кадар дома.
Во оваа прилика сакам да истакнам и дека се работи на зголемување на квотите за државна специјализација. Бројот и видот на специјализации е креиран според процените од терен. Се очекува конкурсот да биде распишан во најголем дел во септември, а во помал дел крајот на јуни. Со повисоки плати, поголема шанса за специјализација и подобрување на условите за работа, целта е да се направи атмосфера во која лекарите и останатиот медицински кадар ќе изберат да останат во земјава.
За младиот медицински кадар да остане во земјава потребно е јакнење на капацитетите на медицинскиот факултет со млад и амбициозен кадар, на кои ќе им се остави простор за младински активизам, студентско ангажирање, воведување на нови програми и содржини, како и поголема соработка со професорите и асистентите.
Понатаму, потребно е инвестирање на факултетите во нова и современа опрема, зголемување на фондот на библиотеките, опремување на лабораториите за практицирање медицина, модернизација на едукативниот процес, разменување на искуства и организирање на предавања од еминентни странски професори, како и извршување пракса.
На тој начин би ги задржале младите во Македонија со сигурна работа и добра почетна плата веднаш по дипломирањето. Младите се витален дел од општеството и не смееме да дозволиме повеќе нивен егзодус.
Заминувањето на најважниот ресурс од земјава, млад и образован кадар, е навистина голема штета за нашата економија, за нашето образование, но и за нашето здравство. Иако многу млади кои заминуваат во странство често и остануваат таму, некои од нив се враќаат и го споделуваат своето знаење и стекнато искуство во Македонија.
Тоа што ние можеме да го искористиме како предност од оние кои заминале во странство е искористување на нивната стекната експертиза, па така, моментално се поврзуваме со наши доктори кои заминале на еминентни универзитети и сега работат во некои од најдобрите болници во светот.
Нивното искуство и знаење можеме да го искористиме на пример за посети и работа со наши доктори тука, организирање на вебинари онлајн, размена на наши студенти и учење покрај успешни македонски доктори во странство.
Покачувањето на платите, зголемување на парите за дежурства и ноќен труд, како и едукации и обуки на лекарите од странски експерти е обид за спречување на одливот на мозоци од Македонија.
За жал, младите лекари имаат недостаток од едукација, научно-истражувачка работа, пракса. Потребна е континуирана едукација, надградба на вашите знаења, но и примена на стекнатите знаења и вештини. Со зајакнување на вашите образовни капацитети и добивање работа после пракса, како и плата која ќе ви овозможи достоинствен живот, верувам дека можеме да ве задржиме тука. Сепак сите заедно треба да работиме напорно во следниот период за младите да ни останат во земјава.