Премиерот Заев и словенечкиот премиер Шарец во Давос
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, како дел од својата агенда за време на учеството на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, денеска оствари средба со Претседателот на Владата на Република Словенија, Марјан Шарец.
Оваа прва средба со словенечкиот премиер Шарец, премиерот Заев ја искористи за да му честита на неговиот колега за изборот за Претседател на Владата на Словенија и да му посака успех во реализацијата на мандатот.
На средбата двајцата премиери ги констатираа одличните односи меѓу двете земји, меѓу кои нема отворени прашања и кои негуваат динамична соработка во повеќе области.
Премиерот Заев ја изрази својата, и благодарноста на Владата на РМ, како и на граѓаните на нашата земја за континуираната и суштинска поддршка што Република Словенија ѝ ја дава на Република Македонија во аспирациите за членство во НАТО и ЕУ. Тој го информираше словенечкиот колега за актуелните процеси што ги презема Република Македонија за оваа година да отпочне ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во Алијансата, како и за спроведувањето на реформите како предуслов за отворање на поглавјата во преговорите со ЕУ.
Претседателот на Владата на РМ Заев го информираше премиерот Шарец за текот на имплементацијата на договорот од Преспа како решение за отвореното прашање со Грција и дека неговото затворање е заеднички влог за траен мир и просперитет на Балканот.
Новиот амбиент што се отвора за регионот со решавањето на ова прашање, како и со забрзувањето на интегративните процеси и во другите земји на Западен Балкан, е од особен интерес и за Словенија, констатираа премиерите и додадоа дека тоа ја отвора можноста и за придобивки од економските потенцијали во регионот.
На средбата меѓу премиерите на Република Македонија и Република Словенија, Заев и Шарец, на која присуствуваа и заменик претседателот на Владата на РМ задолжен за економски прашања и координација со економските ресори Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши, стана збор за унапредување на економската соработка, за придобивки на граѓаните на двете земји, особено во индустријата, земјоделство и туризмот.