Премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев во работна посета на Битола
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и заменик претседателот задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев денеска се во работна посета на Битола.
Во рамки на работната посета во општинската зграда на општина Битола премиерот Заев, вицепремиерот Анѓушев и градоначалничката Наташа Петровска остварија работен состанок со претставници на бизнис секторот од битолскиот крај со кои разговараа за мерките за поддршка од Планот за економски раст, за отворените можности за нови инвестиции и раст на конкурентноста, за предизвиците со кои бизнисот се соочува, како и за политиките на поддршка на раст на платите и новата мерка за поддршка на раст на платите до 18.000 денари во трудоинтензивните дејности.
На овој работен состанок на кој премиерот Заев, вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев ги презентираа мерките за поддршка на мали и средни претпријатија и политиките за поддршка на пораст на платите.
Премиерот Заев ги повика претставниците од бизнис секторот од Битола и битолскиот крај да аплицираат по мерките, да ги исцрпат предвидените средства бидејќи целта е сите заедно да придонесеме кон раст и развој на економијата што е предуслов за подобар животен стандард за сите граѓани на Република Македонија.
Премиерот Заев истакна дека во државниот буџет обезбедени се рекордни средства во висина од 10,5 милиони евра за поддршка на малите и средни претпријатија.
„Економскиот план обезбедува поддршка и за брзорастечките компании, таканаречени „газели“, со 30% поврат на направените инвестиции. За микро компаниите овозможуваме поддршка до 30% од направените инвестиции и за развој на иновативноста на микро, малите и средни компании со поврат до 70% од направените инвестиции во активности поврзани со иновации“, нагласи премиерот Заев.
Претседателот на Владата на РМ рече пред битолските стопанственици дека Владата на Република Македонија и економските ресори ги продолжуваат политиките на пораст на платите и рече дека со оваа мерка државата обезбедува директна финансиска поддршка од 30 % од растот на бруто плата на работници во трудоинтензивните дејности.
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев се обрати пред присутни стопанственици и ги повика да аплицираат по мерките од Планот за економски раст кои веќе се активни, и за кои рече дека предизвикуваат голем интерес. Како што информираше вицепремиерот за овој краток временски период веќе се доставени 170 апликации по мерките за поддршка од третиот столб.
„Генералната идеја е да им помогнеме на оние компании коишто имаат потенцијал, да растат и да ја зголемуваат соработката со сите компании и на тој начин да им помогнат и на другите компании да остваруваат раст со што сите економски субјекти би придонеле заедно кон економски раст на државата“, истакна вицепремиерот Анѓушев.
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Анѓушев зборуваше за критериумите за аплицирање, рече дека текстилната и кожарската индустрија се ослободени од вториот критериум којшто се однесува за ненамалување на просечниот број на вработени и ги објасни мерките за поддршка коишто се однесуваат на мали и средни претпријатија.
„Мерките важат за сите компании. Најголема поддршка е определена за микро, мали и средни претпријатија. Јас сум среќен што на објавениот оглас на Фондот за иновации и технолошки развој којшто е отворен до јули веќе се пристигнати 170 апликации што значи интересот е голем,“ соопшти вицепремиерот Анѓушев.
Големиот број на присутни стопанственици ги споделија со владините своите размислувања, ги поздравија политиките на поддршка на приватниот сектор и изразија позитивни очекувања за понатамошна соработка за надминување на предизвиците со кои се соочува бизнисот.
На самиот крај од работниот состанок премиерот и вицепремиерот ги потврдија силните заложби на Владата на Република Македонија да гради партнерски однос со бизнис заедницата важен за напредок и развој на економијата.