22/11/2024
Македонија

Премиерот Заев и владина делегација извршија увид во напредокот на работите на гасоводот во Пелагонискиот регион

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со заменик-претседателот во Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, во придружба на директорот на Национални енергетски ресурси (НЕР), Бајрам Реџепи и градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, денеска извршија увид во напредокот на работите на гасоводот на делницата Неготино – Прилеп – Битола, како дел од проектот за гасификација на нашата земја за кој оваа година во Буџетот се издвоени 1 милијарда и 557 милиони денари, или 1,1 милијарда денари повеќе во споредба со 2018 година.

Во изјавата за медиумите за време на оваа работна посета премиерот Заев истакна дека гасификацијата е една од највредните капитални инвестиции од која се очекуваат значајни придобивки за компаниите, за општините, како и за граѓаните.

„Гасификацијата на земјата ќе ѝ донесе намалување на трошоците за енергија и намалени емисии на штетни гасови во воздухот. Од тие причини донесовме одлука да го намалиме ДДВ-то за гасот од 18 на 5%. Во таа насока, кога влегуваме во сезона целосно поволна за градежните и инсталациските работи и очекуваме засилена динамика во текот на целата година. Уште повеќе што се веќе се надминати сите спорни имотно-правни и други моменти за изградбата на гасоводната мрежа низ целата земја“, нагласи премиерот Заев.

Од увидот на терен и од презентацијата на актуелната ситуација, владината делегација беше информирана дека заклучно со февруари реализација на магистралниот гасовод Неготино – Битола, преку Прилеп, изнесува 36 проценти, и дека во текот на целата оваа година продолжуваат градежните и машинските работи, како и работата на оптиката и катодната заштита на линискиот дел на оваа делница, по што, во септември ќе се отпочне со изградбата на сите фази од блок станиците, со што, практично, ќе се влезе во завршницата и на овој крак.

„Тој степен на завршени работи веќе го прави многу блиску гасот до индустријата и граѓаните и ќе ни овозможи да влеземе во фазата кога ќе ги определиме операторите на секундарната мрежа кои ќе треба да го обезбедат пренос и приклучок по конкурентни цени. Веќе ги анализираме можностите за субвенции или евтини кредити за приспособување на внатрешните инсталации и опрема за пристап и избор до поевтин еколошки енергенс“, соопшти премиерот Претседателот на Владата на РСМ Заев во изјавата за медиумите по увидот во напредокот на работите на гасоводната делница Неготино – Прилеп – Битола.

Во изјавата за медиумите по увидот во напредокот на работите на гасоводната делница Неготино – Прилеп – Битола министерот за транспорт и врски Горан Сугарески потенцираше дела оваа година целосно е посветена на изградбата на терен на сите три магистрални гасоводи.

„Во однос на магистралниот гасовод Неготино-Штип очекувам веќе следниот месец целиот проект да се заврши. Се работи забрзано и на магистралата Скопје – Тетово – Гостивар. Тој дел е изграден околу 30 %. Активностите ќе продолжат и оваа година така да очекувам следната година и оваа траса да биде целосно изградена“, рече во својата изјава за медиумите Сугарески.

Министерот за транспорт и врски уште истакна дека во период кога се иницираат бројни активности за борба против аерозагадувањето, изградбата на гасоводот и неговото користење ќе придонесе до значително намалување на загадувањето во градските средини, како и други придобивки.

„Многу е важно во овој процес забрзано да работат и општините за да може паралелно да ја градат општинската мрежа и гасот што побрзо да го донесеме до домовите и компаниите“, нагласи министерот Сугарески.

Не денешната работна посета на една од трасите на гасоводот Претседателот на Владата на РСМ Заев, Заменик претседателот на Владата задолжен за економските ресори Анѓушев и министерот за транспорт и врски Сугарески, за прогресот на работите информираше директорот на НЕР Бајрам Реџепи, кој потенцираше дека во фаза на реализација е и интерконекцијата на гасоводната мрежа на нашата земја со гасоводот на Грција како алтернатива за стабилно снабдување на гас.