26/11/2024
Македонија

Премиерот Заев и владина делегација оствари средба со Папата Франциск

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во придружба на сопругата Зорица Заева и на владината делегација во состав Оливер Спасовски, Заменик претседател во Владата на Република Македонија и министер за внатрешни работи, Роберт Алаѓозовски, министер за култура на Република Македонија, Виктор Димовски, државен секретар во Министерството за надворешни работи на Република Македонија, Дане Талески, советник за надворешна политика на ПВРМ и Даријан Сотировски, директор на Комисија за односи со верски заедници, денеска оствари средба со Папата Франциск и со државниот секретар Пјетро Паролин, во Светата Столица во Рим.

За време на посета, која се остварува традиционално во рамките на програмските активности на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, Премиерот Заев имаше тет-а-тет средба со Папата Франциск, а потоа делегацијата беше примена на аудиенција кај Светиот Отец на Римокатоличката Црква во Ватикан.

За време на аудиенцијата во разговорот, премиерот Заев го изрази неговото лично, и високото задоволство во името на Владата на РМ од зголемената динамика на билатералните посети и на односите на нашата земја со Светата Столица, како што беше историската посетата на државниот секретар на Светата столица, кардиналот Пјетро Паролин во 2016 година, како дел од активностите за канонизацијата на Пресвета Мајка Тереза.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев ја повтори отворената покана за папата Франциск во блиска иднина да ја посети нашата земја, која би била од исклучителна важност, за унапредување на нашите билатералните односи, како и за регионот.

„Му пренесов на Папата Франциск дека очекуваме да влезат во завршна постапка процедурите за отворање на дипломатска канцеларија, апостолска Нунцитура во Скопје, со што ќе се создадат услови за зајакнување соработката во области од заеднички интерес. Имаме заеднички афирмативни ставови за ликовите кои се дел од нашата заедничко наследство како што се Света Мајка Тереза и Светите браќа Кирил и Методиј, како за силни темели на историските врски меѓу Република Македонија и Ватикан“, истакна премиерот Заев на средбата со Папата Франциск.

На средбата Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и Папата Франциск разговараа за длабоко вкоренетата традиција на меѓурелигиска толеранција, почитување на разни верски убедувања и негување на верските слободи во Република Македонија.

Посебно внимание во разговорот со Папата Франциск Премиерот Заев, посвети на градењето и негувањето на темелна определба на Република Македонија – Едно општество за сите.

„Остварувањето на оваа наша заложба е можна само со постигнување целосна слобода на изразување на религијата во духот на мултиетничкиот, мултикултурниот и мултирелигиозен карактер на земјата, и со дијалогот и взаемното почитување на разликите“, рече премиерот Заев и додаде дека тесната соработка со Католичката црква во Македонија, и нејзината конструктивна улога како еден од столбовите на меѓурелигиозниот соживот во нашата земја, е еден од најважните фактори за остварување на идејата „Едно општество за сите“.

На средбата Папата Франциск, и посебно на средбата со Државниот секретар на Ватикан кардиналот Пјетро Паролин, се разговараше за унапредување на соработката во меѓу Република Македонија и Ватикан во сферата на библиотекарството, во реставрацијата, конзервацијата и дигитализација на материјали, како во сферата на стручната помош за архивирање и зачувување на религиозни предмети. Посебно беше истакната успешната соработка помеѓу Папскиот универзитет „Урбаниана“ и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, и беше отворена и можноста за професионално образование на медицински персонал од Република Македонија во болниците на Ватикан.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на средбата, на Папата Франциск му подари реплика од мозаикот на кој се претставени пауни и елени, како илустрација на 41-от Псалм на Пророкот Давид, како најпрепознатливиот симбол на археолошкиот локалитет Стоби, од 5-тиот век.

Папата Франциск на премиерот Зоран Заев му подари рачно изработено дело во бронза од мајстор Гвидо Верои на кое симболично е претставена пораката: Светот на солидарноста и мирот е заснован на правда.

https://www.youtube.com/watch?v=1nuCO5QWIKM