25/11/2024
Македонија

Премиерот Заев ја прими новата амбасадорка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев ја прими во посета новата амбасадорка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј.

Премиерот Заев ѝ посака добредојде на амбасадорката Галовеј и изрази уверување дека таа успешно ќе ги продолжи активностите за натамошно зајакнување на односите меѓу двете земји.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев ја нагласи исклучително добрата соработка со Обединетото Кралство во повеќе сфери, особено во економската соработка и особено во поддршката што оваа земја го посветува на развојот на капацитетите на институциите во нашата земја, со посебна нагласка на подигнувањето на перформансите на парламентот.

Премиерот Заев ја запозна амбасадорката Галовеј со актуелниот политички момент во земјата со посебен акцент на создавањето најдобри услови за одржување на претстојниот референдум за договорот со Грција како следен чекор кон членството на нашата земја во ЕУ и НАТО.

Амбасадорката на Обединетото Кралство  на Велика Британија и Северна Ирска, Рејчел Галовеј, изрази големо задоволство што во наредниот период добива шанса да е присутна во еден исклучително значаен период од развојот на Република Македонија кога треба да се финишираат последните фази од членството во ЕУ и во НАТО, и дека од нејзината земја ќе продолжи поддршката за реализирање на евро-атлантските аспирации на РМ.