Премиерот Заев на Денот на НАТО: Ние сме одлучни во намерата да бидеме следната 30. членка на Алијансата
Денес се одбележува Денот на НАТО, кога пред 69 години е формирана Алијансата со потпишувањето на Северно-атлантскиот Договор во Вашингтон, со кој секоја држава членка се посвети на одговорностите на колективната безбедност.
По повод овој ден, НАТО Канцеларијата во Скопје организираше свечен прием на кој се обратија капетанот Горазд Бартол, шеф на Канцеларијата на НАТО во Скопје и Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.
Во своето поздравно обраќање премиерот Заев истакна дека: „Собрани во вака голем број овде, јасно ја испраќаме пораката дека местото на Република Македонија е во НАТО Алијансата. Ние сме одлучни во намерата да бидеме следната 30.членка на НАТО Алијансата.
Со предолго чекање пред вратите на Алијансата се појавуваат несакани последици за сите партнери, независно дали се држави членки на НАТО или не. Тоа мислам дека веќе е јасно за сите. Затоа политиката на отворени врата на Алијансата е вистинскиот пат за консолидација на мирот и стабилноста во целиот регион.
Владата на Република Македонија, е цврсто определена за ефикасни домашни реформи, за демократски вредности, за владеење на правото, за почитување на човековите права, за функционални институции во служба на граѓаните.
Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат наши стратешки цели и одат заедно со нашата амбиција за интеграција во НАТО и ЕУ. Градиме нов дух на инклузивни политики што водат кон решенија, а не кон проблеми.
Сакам да нагласам дека посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на нашата држава, во јануари годинава, даде силен поттик на нашите НАТО аспирации. По неговото охрабрување уште поенергично се впуштивме во реформските процеси и во решавањето на билатералните проблеми.
Македонија и НАТО се блиски партнери веќе 22 години. Ова партнерство помина многу тестови. Ова партнерство ја покажа способноста на Македонија и НАТО да се прилагодат на различни предизвици, дури и во исклучително тешки ситуации.
Република Македонија го дава својот придонес на НАТО од 2002 година. Покажавме дека сме вреден и лојален партнер. Во мировната мисија во Авганистан сме четврта земја по глава на жител. Обезбедуваме логистичка поддршка за КФОР во Косово. Активно сме вклучени во борбата против насилниот екстремизам.
Остануваме посветени и во иднина. Ќе го зголемиме нашето учество во мировната мисија во Авганистан за 20 проценти, а секоја година ќе го зголемуваме буџетот за Армијата, за 0.2 проценти од бруто домашниот производ.
Како премиер на Македонија, ред е кажам дека и НАТО принципиелно и пријателски возврати, преку поддршката на неопходните демократски процеси во нашата држава, како и во сите политички кризи и предизвици.
За тоа ви се заблагодарувам на сите и од срце, во име на граѓаните на Република Македонија, во име на оваа Влада и на сите претходни влади. Голема благодарност изразувам до Вас капетане Бартол, на Канцеларијата на НАТО во Македонија и на сите други високи претставници од НАТО и сојузници што зборувате со заеднички глас, кога станува збор за поддршката на Македонија за влез во НАТО.
Вложуваме напори за повторно воспоставување на Република Македонија како кредибилен партнер на своите меѓународни пријатели.
И со право, во име на граѓаните на Република Македонија, во оваа свечена прилика, на одбележувањето на Денот на НАТО, ќе ве замолам и ќе побарам: Вреднувајте ги овие наши напори и помогнете ни да го добиеме заслуженото место – полноправна членка на НАТО, рамо до рамо со вас и на масата на Алијансата, каде што припаѓаме, како држава и како граѓани на Република Македонија.
2018 година може да биде историска година за Македонија, ако нашата држава ја добие посакуваната покана за НАТО, како и датум за почеток на преговори со ЕУ.
2018 година, во тој случај ќе биде и година за паметење и за НАТО и за ЕУ, затоа што евро – атлантските интеграции на Република Македонија и на регионот се придонес кон стабилноста и безбедноста, и отвораат можности за економски развој“.
Шефот на Канцеларијата на НАТО во Република Македонија, капетанот Горазд Бартол исто така ги поздрави присутните и зборуваше за целите на НАТО Алијансата, а тоа се да се гарантира слободата и безбедноста на земјите членки, да се промовираат демократските вредности, да се гради доверба и услови за развој, како и да се решаваат проблеми и да се превенираат конфликти.
Капетанот Бартол ги поздрави напорите и успесите на премиерот Заев и Владата на Република Македонија во остварувањето на реформите поврзани со зачленувањето во НАТО и градењето на добрососедски односи. На крајот, тој заклучи дека Алијансата е подготвена да и помогне на Македонија во евро-атлантските интеграции бидејќи од зачленувањето на земјата во НАТО ќе биде голема придобивка за Македонија и регионот, но исто така и за НАТО.