23/11/2024
Македонија

Премиерот Заев на Дигиталниот Самит на Западен Балкан

Премиерот Заев на свеченото отварање со свое обраќање го одбележа почетокот на дводневниот Дигитален Самит на Западен Балкан во кое истакна:

Почитувана мадам Марија Габриел, еврокомесарка за дигитална економија и општество,

Почитувани колеги, Претседавач на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ и Претседател на Владата на Косово Рамуш Харадинај,

Почитуван Државен секретар во Министерство за економија и енергија на Сојузна Република Германија, господине Томас Барејс,

Почитувани министри и високи гости и владини претставници на земјите од Западен Балкан,

Почитуван господине Горан Свилановиќ, Генерален секретар на Советот за регионална соработка на Западниот Балкан,

Добредојдовте на првиот Дигитален Самит во Република Македонија. Добредојдовте во име на граѓаните на Република Македонија, вашите искрени пријатели и срдечни домаќини.

Добредојдовте на овој настан за да се поврземе уште еднаш, овој пат посилно, со помош на новата дигитална технологија и да ги употребиме технолошките можности за наша идна, поцврста, иновативна, креативна и плодоносна соработка.

Ми претставува посебно задоволство што ми се даде шанса да го дадам и мојот личен придонес на овој прв Дигитален Самит на земјите од Западен Балкан, и да ги споделам и моите идеи и гледишта за дигиталната трансформација и одржливоста.

Овие теми ми се многу блиски бидејќи ги допираат основните елементи на нашиот стратешки План за економски раст: конкурентноста, растот и работните места.

Исто така, тие се во согласност со долгорочната визија на Владата на Република Македонија за создавање најдобри услови за конкурентна и одржлива економија, по примерот на економијата на ЕУ.

Нашите економии и општества во моментот се подложени на огромни промени. Многу од овие промени се поттикнати од реформите, но и од новите технологии и од иновативните начини на економски развој, меѓу кои едни од пресудните критериуми и услови се – комуникацијата и поврзувањето.

Дигиталната револуција ги отстрани географските бариери.

Далечините меѓу различни точки во светот со ист интерес, веќе немаат никакво значење. Ова е глобален милениумски тренд,кој ќе има големо влијание врз сите нас. Пред нас стојат огромни можности што треба да ги искористиме.Дигиталната револуција веќе започна. Новите технологии силно влијаат на животот на граѓаните и на претпријатијата, на големите и на малите.

Во светската економија, оние кои целосно ќе ги искористат новите технологии ќе бидат најдобро позиционирани во глобалната трка за конкурентност.

Инвестирањето во нови технологии ќе донесе поврзување, ефикасност и продуктивност. Комбинираната употреба на дигитални технологии со другите нови технологии доведува до иновативни бизнис модели, генерира конкурентност, работни места и раст.

Она што е особено важно, е дека во дигиталниот свет на ефикасно поврзани точки, нема големи и мали играчи. На стартот сите се еднакви, а најважни се иновативните идеи и иницијативи на креативните луѓе.

Дигитализацијата е можност која не смее да се пропушти,ако сакаме да ја обезбедиме иднината за нашите општества и за нашите и деца и идни генерации.

Дигиталната трансформација и придобивките од дигиталното поврзување се во срцето на новите акции на ЕУ. Овие акции и политики се аплицираат во сите земји-членки и во сите региони, а регионалната соработка има клучно значење во поврзувањето на државите, граѓаните и економиите на Западен Балкан.

Таа регионалната соработка доби своја опиплива суштина преку Берлинскиот процес, а особено после усвојувањето на Повеќегодишниот акциски план за Регионалната економска област минатата година во Трст.

Пристапот до фондовите како што е Европскиот фонд за стратешки инвестиции (EFSI), кој поддржува инвестиции во истражување, развој и иновации, информатички и комуникациски технологии, мали и средни претпријатија, е од огромно значење за меѓусебно поврзување на нашиот регион со ЕУ.

Овој Дигитален Самит опфаќа повеќе компоненти кои покриваат најважни аспекти на Дигиталната агенда: економска, образовна, безбедносна и политичка. Дигиталната економија е клучен инструмент на современите текови во бизнисот, образованието, политиката и безбедноста.

Почитувани,

Секојдневието не тера постојано да учиме и да се развиваме.

Во таа насока, уверен сум дека ваквите регионални настани ќе помогнат за создавање регионален пазар во повеќе области, а клучниот елемент на Регионалната соработка- поврзаноста (connectivity) ќе добие свој практичен израз.

На крајот дозволете ми уште еднаш да ви посакам добредојде, да им се заблагодарам на сите влади, регионални организации и компании за поддршката во организацијата на овој самит, како и за учеството во бројните активности на самитот.

И сакам да ве потсетам дека ова добредојде ви го посакувам и во име на Република Македонија, препознаена како прва ВИ-ФИ земја во светот уште во 2005 година, и да потсетам дека некои од првите дигитални владини платформи како што е uslugi.gov.mk беа наградувани од најреномираните ИТ компании како Мајкрософт, уште во далечната 2006 година.

Ви посакувам успешна работа и вредни поврзувања во наредните два дена на првиот Дигитален самит на Западен Балкан.