27/11/2024
Македонија

Премиерот Заев на Конференција на Евро-атлантскиот совет на Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, учествуваше на Завршната конференција насловена „Зајакнување на младинскиот дијалог за промоција на демократските процеси во духот на евро–атлантските интеграции“ во организација на Евро-атлантскиот совет на РМ (АТА Македонија).

На Конференцијата, со која воедно се одбележуваат и 20 години од основањето на Советот, поздравни говори имаа и претседателот на Евро-атлантскиот совет на РМ, Исмет Рамадани, претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери и потпретседателот на Светската Атлантска Асоцијација (АТА) (АТА) и шеф на Атлантскиот совет на Србија, Владан Живуловиќ.

Здружението за промоција на евро-атлантските идеи и вредности, Евроатлантскиот совет на РМ, на премиерот Заев и на останатите говорници им додели Благодарници за поддршка и придонес за ширење на евроатлантските вредности.

Премиерот Заев обраќајќи им се на присутните, меѓу кои имаше голем број на студенти и млади граѓани, истакна дека Владата на Република Македонија создава услови за градење национален консензус со сите клучни и одлучувачки политички субјекти, со Претседателот на државата и со опозицијата за забрзување на интеграција на РМ во НАТО.

Истовремено, премиерот Заев оцени дека младите луѓе во Република Македонија не се доволно вклучени во процесите поврзани со евро-атлантските интеграции, додавајќи дека според истражувањата на Евро-атлантскиот совет, очигледно е дека тие очекуваат дека со исполнувањето на овие стратешки цели, нивните можности во целокупниот општествен живот да се зголемат.

Во своето обраќање Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев истакна:

Република Македонија влегува во една исклучително значајна фаза во остварувањето на една од нејзините стратешки цели: Евро-атлантските аспирации до конечното членство во НАТО и ЕУ. Заради тоа, секоја активност која може да го помогне, да го мотивира, да го стимулира овој процес, е од особена важност и претставува благородна иницијатива.

Токму затоа сакам на почетокот на ова мое обраќање да се заблагодарам за можноста да се обратам пред еден ваков, почитуван и влијателен аудиториум. Истовремено, и да им честитам на организаторите – Евро-атлантскиот совет на Македонија, за овој настан кој придонесува кон остварувањето на оваа цел од врвен национален приоритет за Република Македонија.

Посебно ми е драго што се обраќам на настан кој во својот фокус ги има младите – иднината на нашата држава на тема од суштинска важност: „Зајакнување на младинскиот дијалог за промоција на демократските процеси во духот на евро-атлантските интеграции“.

Ова не е прв пат Евро-атлантскиот совет да им се посвети на младите во контекст на нивната улога во остварувањето на големата цел на граѓаните на нашата земја. Да ве потсетам на само уште еден проект од пред две години. Евро-атлантскиот совет организираше конкурс за избор на најдобар есеј на тема: „Македонија и НАТО во 2020 година“, за млади од 19 до 28 години. Има причина да ве потсетам на првонаградениот есеј на Антоанета Ристоска во кој таа вели:

„Тргнувајќи од кардиналното значење на Северно-Атлантската Алијанса како најголема безбедносна организација која се залага за заштита на слободата, територијалниот интегритет и општествените вредности на своите земји-членки, разбирлива е тенденцијата на нашата држава да го насочи нејзиниот сеопшт прогрес кон добивање на членство во истата. Со стекнување на статусот како земја-членка на Алијансата, Република Македонија недвосмислено ќе претставува земја која поседува видлив кредибилитет, цврст вредносен систем, висока безбедност и сигурност кои заедно со поволната економска клима ќе бидат вистинска мета на интерес за странските инвеститори.“

Во својот есеј, младата Антоанета, ги наведува сите досегашни активности на нашата земја во програмите и мисиите на НАТО. Таа вели дека тие активностите претставуваат „повеќе од цврсти аргументи за залагањата на Република Македонија за обезбедување траен мир и стабилност, како основен постулат на Северно-Атлантската алијанса“.

Младите како Антоанета не се осамени. Тие сосема јасно ги препознаваат вредностите содржани во причините зошто Република Македонија ги определи членството во ЕУ и НАТО како приоритетни стратешки цели.

За време на сите изминати години, Република Македонија, со своето активно учество во мировните операции на Алијансата низ светот, ја презеде одговорноста активно да придонесува во заедничките вредности што ги делат земјите членки на НАТО. Нашите граѓани се определија за градење на силна демократија, почит на човековите права, добро владеење, работни места и образование, за градење на кохезивно општество како стратешка инвестиција.

Реков: Секој придонес во оваа фаза е важен. Но, уште поважни се пораките што ни пристигаат од граѓаните. Во овој случај од нашите млади сограѓани. Истражувањето што го спроведе Евро-атлантскиот совет, како дел од оваа конференција, зборува за очекувањата на младите од зачленувањето на Република Македонија во ЕУ и НАТО. Близу 60 отсто од младите опфатени со истражувањето, сметаат дека можностите за нив ќе се зголемат со остварувањето на оваа цел. Истовремено, другите показатели од ова истражување укажуваат на фактот дека тие, младите, не се доволно вклучени во процесите поврзани со евро-атлантските интеграции.

Сега е време ова да се промени. Да им дадеме шанса и да ги мотивираме младите, како и сите граѓани на Република Македонија, дека нашата цел од национален интерес – членство во НАТО и ЕУ, е цел која им припаѓа на сите граѓани.

Сите држави, пријатели на Македонија, сакаат да ја видат земјата просперитетна. Отворени се вратите за соработка со светот. Ги спроведуваме реформите од Планот 3-6-9. Перспективите ни се на дланка. Шансите за тие перспективи, за нови работни места за младите, за економски развој, за евроатлантска иднина се во нашите раце. Од нас зависи.

Светот ѝ честита на Македонија за мирната разврска на политичката криза и за поставувањето на државата на демократскиот пат. Имаме подадена рака да продолжиме на патот на прогресот.

Светот ја препознава Република Македонија како земја на развојот. Сите држави, пријатели, сакаат да ја видат нашата земја во друштво на стабилните, демократските и развиените држави. Земјите членки на ЕУ и на НАТО, и нашите соседи од регионот ги поздравуваат позитивните и демократски реформи. Инклузивните политики и политиките на отворени врати што ги практикува владата. Ја имаме потребната поддршка за остварувањето на нашите државни евроатлантски цели што ќе обезбедат достоинствен живот за граѓаните на Република Македонија.

Испративме силна порака за искрена политичка волја за градење добрососедски односи и затворање на сите прашања што стојат како пречка за унапредување на односите. Обединетите Нации се форумот за решавање на дел од овие прашања, но ангажманот мора да дојде и од самите држави коишто се засегнати од предизвиците. Сметам дека сме на добар пат.

Испративме порака дека силно сме посветени на изградба на едно општество, дека се обединивме околу заедничките вредности на демократијата, човековите права, слободните медиуми, независното судство.

Денеска Република Македонија стабилно и енергично чекори напред. Убедени сме дека Република Македонија ги заслужува евро-атлантските перспективи. Над 75 проценти од сите наши граѓани посакуваат членство во ЕУ и НАТО. Владата, со поддршка од граѓаните и од нашите меѓународни партнери го трасира патот на нашата држава кон НАТО. Република Македонија секогаш ќе дава позитивен придонес во секој вид на иницијативи кои ќе донесат поширока подобра соработка во регионот. Колку повеќе се среќаваме и зборуваме, толку повеќе се ослободуваме од предрасудите едни спрема други.

Владата на Република Македонија создава услови за градење национален консензус со сите клучни и одлучувачки политички субјекти: Со Претседателот на државата и со опозицијата за забрзување на нашата интеграција во НАТО. Воедно, посветени сме на наоѓање начин да се надмине проблемот што го има Република Грција со името на нашата држава. Веруваме дека тоа е можно преку инклузивен пристап дома и со градење на позитивна атмосфера на добрососедство и соработка со Република Грција.

Оттаму со право очекуваме Република Македонија да биде следната земја членка на алијансата, а во текот на првата половина на идната година да добиеме и покана за отпочнување на преговорите со ЕУ.

Работиме фокусирано на таа цел, заедно со граѓаните и за нив! Особено за младите!

https://www.youtube.com/watch?v=_vZ4jqWe1qs