Премиерот Заев на конференција за борба против корупција
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружен од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и министерката за правда Рената Дескоска, заедно со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која и амбасадорот на Италија во Скопје, Карло Ромео, учествуваше на конференцијата „Институционални реформи за борба против корупција, најдобри практики спрема европскиот модел-италијанскиот пример”, организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Амбасадата на Италија во Република Северна Македонија.
Конференцијата има за цел да послужи како платформа за подигање на свеста за новиот Закон за спречување на корупција и судир на интереси. Помеѓу останатите теми, дискусијата ќе се фокусира на независните надлежни органи одговорни за антикорупција, институционалните реформи и перспектива за интеграцијата во ЕУ, како и можност за учесниците да се стекнат со сеопфатен увид во италијанската пракса за борба против корупција.
Во продолжение, ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Зоран Заев, на отворање на конференцијата:
„Ми претставува посебна чест и задоволство што ми е дадена прилика да се обратам на оваа, исклучително значајна конференција насловена како „Институционални реформи за борба против корупцијата, најдобри практики спрема европскиот модел – италијанскиот пример“.
Угледните гости, листата на реномирани учесници на конференцијата ми дава за право да знам дека од неа ќе добиеме силни и најдобронамерни препораки кои ќе бидат искористени во нашата борба против корупцијата.
Сите феномени на корупција, на судир на интереси и на непотизам, на сите нивоа, се една од најподмолните закани за општеството и за сите граѓани во него. Општеството, институциите, особено оние институции и поединци кои се најодговорни и најповикани, мораат да ги препознаат, спречат и казнат сите форми на корупција.
Ако за тоа нема волја, или ако тие механизми се попречени на било кој начин, оваа општествена болест ќе ги опфати сите витални делови на заедницата и ќе го спречи нејзиниот развој. Нејзиниот одржлив развој.
Почитувани,
Не случајно го поврзувам развојот на општеството, одржливиот развој, со корупцијата.
Во Република Северна Македонија создаваме услови за стабилно, правично и инклузивно општество. Општество еднакво за сите.
Создаваме општество и заедница, во кои постои еднаков пристап до правдата, ефикасно владеење на правото на сите нивоа, како и транспарентни, ефективни и одговорни институции.
Корупцијата, заедно со нееднаквоста, лошото владеење и нелегалните финансиски трансакции, судирот на интереси и непотизмот, се фактори што доведуваат до несигурност и неправда во општеството, за сите граѓани.
Едно општество не може да се нарече заедница на еднакви граѓани, ако на било кој поединец, на било која група, на било кој начин, му се загрозени правата на еднаков пристап до ресурсите на општеството.
Почитувани,
Врз основа на искуството на нашето општество и врз основа на препораките на напредниот свет, ние мора да ги удвоиме нашите напори за препознавање, спречување и решавање на коруптивните вируси кои се секогаш закана и ризик за политичка криза.
Едно треба да биде јасно: Современите општества едноставно не можат да си дозволат пауза во борбата против корупцијата. Напротив, сите треба заедно и постојано да учествуваме во континуираното спречување и борба против злоупотребите и коруптивните дејства.
Силно се противам на создавањето на амбиент во кој некои политички елити ќе се чувствуваат дека се привилегирани и дека правдата и казната за коруптивните активности, нема да ги опфати и нив., зборувам и за сегашните и за претходните и за наредните политички елити.
Впрочем, кога промовираме „Општество еднакво за сите“, промовираме и принцип дека правната држава важи подеднакво за сите и дека за владеење на правото мораме да изградиме независни, транспарентни, ефикасни и одговорни институции за спречување и борба против корупцијата и конфликтот на интереси на сите нивоа.
Како резултат на препораките на меѓународните форуми и експерти за спречување и борба против корупцијата, Република Северна Македонија, изготви и во сила е закон кој ги обединува најдобрите европски искуства и практики.
Според новите законски прописи, на најтранспарентен начин е избрана нова Државна Комисија за спречување на корупцијата и конфликтите на интереси.
Сега ги очекуваме резултатите од овие законски и институционални реформи.
Од друга страна, нема да имаат никаков ефект институциите утврдени со законите и во стратегиите, само врз основа на убавите желби и зборови. Нема да има ефект ако суштински не е обезбедено владеење на правото и еднаков пристап до правда за сите, како и одговорност пред правдата за сите кои се огрешиле пред законите.
Никој, кој и да е – не смее да биде привилегиран. И никој не смее да биде изземен од одговорност.
Институциите се тука да истражуваат, да прашуваат, да расчистуваат, а ние како граѓани и носители на јавни функции сме должни да одговараме.
Ако сме чесни и одговорни, сè ќе биде во ред.
Почитувани,
Корупцијата извршена од лица кои работат во јавниот сектор, од лица кои треба да бидат застапници, заштитници и спроведувачи на законите и на владеењето на правото, е најтежок вид на корупција. Иако експертите велат дека секоја корупција е подеднакво штетна.
Тоа што ни е потребно е сеопфатна, високо приоритетна акција за искоренување на корупцијата и конфликтите на интереси на сите нивоа и во сите јавни институции.
Истовремено, треба да се соочиме и да ги спречуваме коруптивните практики, како што се непотизмот и политичкото фаворизирање.
Мораме да биде чесни и да се соочиме со сознанието дека ако го дозволиме постоењето на корупцијата, ќе се соочиме со неуспехот на државата да ги исполни своите обврски на темата-владеење на правото.
Тоа нашата земја не смее да си го дозволи.
Сите мораме да го дадеме сопствениот придонес кон новото време за кое постигнавме општествен консензус дека оваа земја ќе се застапува за нула толеранција за корупција, за конфликтот на интереси и за непотизмот.
Сакам да ги поздравам и овде присутните, државниот обвинител, претставникот на СЈО, претставниците на финансовата полиција, Агенцијата за финансиско разузнавање и многу други институции, да им честитам на новите членови на Комисијата за борба против корупцијата и судирот на интереси и да испратам јасна порака: нашата земја мора да си ја средиме, тоа зависи од сите нас. Да немате резерви спрема никој, да го спроведете Законот до крај, затоа што тоа сите им го должиме на граѓаните.
Ви благодарам.