Премиерот Заев на отворање на Институтот за бизнис и менаџмент Хајделберг во Скопје
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска присуствуваше и имаше обраќање на свеченото отворање на Институтот за бизнис и менаџмент од Хајделберг со седиште во Скопје, кој во соработка со Академијата за банкарство и информатичка технологија (АБИТ), ја организираа Првата меѓународна конференција со наслов „Меѓународни стандарди за контролинг-имплементација во пракса“.
Премиерот Заев, на Конференцијата, на која присуствуваа и истакнати професори и претставници на бизнисот и јавната администрација ја истакна важноста на отпочнувањето со работа на Германскиот институт за извршно образование во Република Македонија, кој во главниот град го основа Форум Институтот за менаџмент од Хајделберг и рече:
„За угледот на ФОРУМ Институтот за менаџмент од Хајделберг, како меѓународна група на институти што се занимава со обука на корпоративни специјалисти и директори, како и на студенти на специјалистичко образование, зборуваат фактите: 1500 настани годишно, 4500 семинарски денови и 20 илјади учесници годишно, првокласни предавачи и актуелни теми.
Една од најважните карактеристики во работењето на овој институт е тесната врска со праксата, односно со бизнис и претприемачката реалност, и вкрстувањето на таа пракса со најновите трендови од економската наука.
Оваа карактеристика е од извонредно значење за промоцијата на претприемништвото како современа деловна и развојна филозофија на приватните и јавните, на стопанските и нестопанските претпријатија, и на профитните и непрофитните организации.
Како може врската меѓу бизнисот, владините политики и образованието да создадат услови за силни, просперитетни општества?
Јас ќе тргнам од пазарот. Од слободниот пазар и клучните фактори на слободниот пазар – приватната иницијатива и претприемачите.
Сметам дека никој не може да има дилема дека слободниот пазар го поттикнува економскиот раст, создава работни места и ги зголемува приходите.
Доколку се обезбедат непречени услови за овие претпоставки, пазарите и приватната иницијатива можат да го овозможат потребното финансирање на нашите врвни развојни приоритети, што произлегуваат и се креирааат од стратешките цели на економските политики на владините програми.
Правилно искористени, придобивките од иновациите и успешното претприемништво не остануваат придобивки само на приватните инвеститори и на извршните менаџери.
Дозволете ми еден едноставен пример за илустрација: Кога биле откриени телефонот, автомобилот и персоналниот компјутер, општествените придобивки далеку ги надминале добивките што си ги оствариле нивните создавачи.
Сите дополнителни, бескрајно сеопфатни придобивки од овие приватни иницијативи, се од исклучително значење за општествата и за човечкиот прогрес.
Тука доаѓа до израз улогата на владите и на владините политики: Да ги препознаат можностите и потенцијалите на приватните иницијативи и иновативни пробиви во бизнисот и во претприемништвото.
Затоа улогата на владите и на нејзините политики е да обезбедуваат мотивирачка средина за севкупниот приватен сектор. Да создаваат и спроведуваат услови за бизнис и за менаџирање со фер и транспарентна регулатива.
Оттука, неизоставно доаѓаме до следниот заклучок: Доколку сакаме реализација на нашите развојни цели, доколку сакаме да изградиме општество што расте и напредува, приватниот сектор, владите и образовните системи мора да работат заедно.
Мора да создаваат искрено партнерство помеѓу себе.
За да ја потврдиме низ праксата оваа неопходност од партнерство меѓу приватниот сектор, владините политики и образованието, односно на придобивките од концептот општества базирани на знаење, ќе укажам на еден пример што еднаш веќе го употребив, но, нели: Во образованието – повторувањето е мајка на знаењето.
На крајот од 50-тите години, 78 отсто од Корејците биле неписмени. До 1970 година, приходот по глава на жител достигна едвај 900 долари.
Сепак, Јужна Кореjа знаеше дека образованието е најдобриот начин да се извлече од економската криза. Затоа се фокусираше на преструктуирање на училиштата и на посветеноста на едукација на секое дете. Заедно со паметните, иновативни владини политики и со енергичниот приватен сектор, денес, Јужна Кореја има стапка на писменост од 98 отсто, спаѓа во групата земји со високи примања по глава на жител, со 26.000 долари во 2016 година, и претставува пример за успешен економски развој и модел за други земји.
Светот се менува брзо, а образованието продолжува да го поттикнува растот и просперитетот. Затоа образовните системи мора да се прилагодат со светот што се менува.
Имајќи го сето ова предвид, како и профилот и мисиите на Форум Институтот за менаџмент од Хајделберг и нивните партнери, убеден сум дека оваа високо образовна институција ќе ги донесе новите трендови во високото специјализирано, последипломско образование и во нашата земја.
Ви честитам и ви посакувам успех“, рече премиерот Заев во своео обраќање на отворањето на Институтот за бизнис и менаџмент од Хајделберг со седиште во Скопје.
https://www.youtube.com/watch?v=NdHnPLSPfsI