23/11/2024
Македонија

Премиерот Заев на отворањето на автопатот „Арбен Џафери“ во Косово

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министрите за транспорт и врски и за економија, Горан Сугарески и Крешник Бектеши, како и со претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, денеска присуствуваше на отворањето на автопатот Р6 „Арбен Џафери“.

Пред претседателот и премиерот на Република Косово, Хашим Тачи и Рамуш Харадинај, пред претседателот на Собранието на Косово, Кадри Вејсели, пред премиерот на Црна Гора Душко Марковиќ, како и пред бројни државници од околните земји, амбасадори и пријатели од регионот, премиерот Заев истакна дека со задоволство ја прифатил поканата на својот колега и пријател Рамуш Харадинај, да биде дел од свеченоста за пуштање во употреба на автопатот којшто ги поврзува Северна Македонија и Косово.

Во продолжение Ви го испраќаме интегралниот текст на обраќањето на премиерот Заев.

„Ова е свеченост која не собра, нас лидерите од неколку земји од регионот Западен Балкан за да прославиме еден голем потфат за Косово и за регионот – пуштањето во сообраќај на автопатот „Арбен Џафери“.

Оваа модерна автопатска артерија од денеска станува дел од системот автопати што го прави нашиот регион поврзан, близок, пријателски. Автопат кој ќе ја забрза динамиката на односите меѓу граѓаните, меѓу бизнис заедницата од повеќе земји од овој наш регион.

Сакам да им честитам на сите косовски лидери, на јавните претпријатија и на приватните компании, на инвеститорите и на сите останати поддржувачи на овој исклучително значаен инфраструктурен проект.

Дозволете ми да кажам дека овој ваш потфат, го сметаме и за наш и ние во Северна Македонија.

Автопатот „Арбен Џафери“ е награда за трпеливоста и за бројните и значајни врски што Косово ги има со Република Северна Македонија на секој план.

Овој автопат од денеска ќе стане сообраќајницата која ќе овозможи најсовремен, најбрз и најбезбеден проток на стотици илјади автомобили, граѓани и на други транспортни средства кои обезбедуваат Косово да биде меѓу топ 20-те земји со највисок обем на трговска размена со Република Северна Македонија, вредна повеќе од 500 милиони евра.

Косово и Северна Македонија потпишаа Меморандум за соработка во областа на интегрирано управување на границите меѓу двете земји којшто овозможува побрза размена на информации, кои ќе овозможат побрзо движење на патниците и стоките на граничните премини.

Инфраструктурното поврзување во голема мерка ќе ја забрза севкупната европеизација на регионот.

Автопатот што денеска се пушта во употреба го носи името на големиот Арбен Џафери, еден од најистакнатите ликови од независноста на нашата земја. Еден од оние истакнати личности кои дадоа голем придонес регионот да биде поврзан и единствен, составен од суверени земји кои меѓусебно се респектираат и го делат минатото во име на заедничката европска иднина.

Автопатот што денеска се пушта во употреба ќе биде силна мотивација и за нас да ги забрзаме подготовките за старт на работите на автопатот Блаце – Скопје. Овие денови и кај нас се распишува тендерот на автопатот од 14 километри, вреден 120 милиони евра којшто е од границата меѓу Северна Македонија и Косово, до главниот град на нашата земја, Скопје. Така ќе се заокружи автопатското поврзување меѓу Скопје и Приштина и патувањето меѓу овие два града ќе трае само 45 минути.

Наша обврска е автопатот Скопје Приштина, како дел од Рутатата 6 од Паневропските мрежи на патишта да започнеме да го градиме во предвидениот рок и целосно да го завршиме во експресно време.

Овој автопат прави поврзување помеѓу граѓаните во Република Северна Македонија и Косово, но и помеѓу граѓаните на Северна Македонија, Косово, Албанија, Црна Гора, го поврзува целиот овој наш регион.

Во име на напредокот на односите меѓу земјите што ги поврзуваат меѓународните европски коридори, уште еднаш ви честитам на големиот успех и на огромниот потфат.

Им оставате на вашите граѓани и на идните генерации големо и значајно наследство, а на граѓаните од регионот пример и инспирација што треба да се следи“.