Премиерот Заев на отворањето на дводневниот форум за владеење на правото во Југоисточна Европа
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за правда на Република Македонија, Билен Саљији, денеска присуствуваше на отворањето на дводневниот форум за владеење на правото во Југоисточна Европа, во организација на Civil Rights Defenders и AIRE centre.
На форумот, Премиерот Заев имаше свое обраќање пред присутните, судии и правници, меѓу кои актуелни и бивши судии од европскиот суд за човекови права, пред кои истакна дека оваа земја, како што рече тој во своето обраќање, беше заробена држава, а владеењето на правото беше избркано од демократскиот систем и правната држава.
„Од пред нешто помалку од една година, актуелната влада и владините политики настојуваат да вратат нешто што е во генетскиот код на граѓаните. Нешто што е составен дел од модерна Европа. Тоа нè прави она што сме – граѓани еднакви пред правото и правдата“, рече премиерот Заев, и додаде:
„За Владата што ја предводам, во време кога правиме сериозни исчекори на политички, социјален и економски план, во судирот со искушенијата и предизвиците со кои се справуваме – владеењето на правото е нашата константна. Нашата рамка водилка од која нема отстапувања“.
Премиерот посебно нагласи дека зборовите искажани на јавни настапи и зборовите на хартија треба да оживеат во практиката на владеењето на правото, и дека за да биде цврсто утврдено владеење на правото, граѓаните треба да видат дека СИТЕ институции на државата – не само оние на правдата и безбедноста – се таму, за да им служат токму нив, на граѓаните.
„Справувањето со сторителите е сложено: Треба да се види дека правдата треба да се спроведе, додека, истовремено, новата политичка и владејачка гарнитура мора да гарантира дека кршењата на човековите права нема да се повторат и дека се спроведува правда со владеење на правото, а не политички реваншизам“, рече Премиерот Заев во своето обраќање.
Уверувајќи дека враќањето на правната држава и владеењето на правото го има како една од неговите приоритетни задачи, на која приоѓа со најголема одговорност, Премиерот нагласи дека искуството од скорешното минато низ кои поминаа граѓаните на оваа земја во, како што рече, заробената држава, дава едно ново значење на заштитата на нашите основни вредности, на основните човекови права, на демократијата и на владеењето на правото.
Интегрален текст од изјавата за медиумите на премиерот Зоран Заев:
„Денеска, на покана на организаторот зедов учество на отворањето на дводневниот Форум за владеење на правото во југоисточна Европа.
Ја прифатив оваа покана со големо задоволство, бидејќи темата на овој форум целосно се совпаѓа со еден од моите врвни приоритети како Претседател Владата на Република Македонија – да ја вратам довербата во институциите и владеењето на правото во нашата земја.
Искуството од скорешното минато низ кои поминаа граѓаните на Република Македонија, во заробената држава, им даваат на заштитата на нашите основни вредности, на основните човекови права, на демократијата и на владеењето на правото – ново значење.
Затоа враќањето на правната држава и владеењето на правото, се обврски на кои им приоѓам со најголема одговорност.
Владеењето на правото, правната сигурност, и еднаквиот пристап до правдата на сите, се дел од нашиот стратешки концепт „Едно општество за сите“.
Во реализацијата на тој концепт примарни остварувања се оние што треба да се остварат во борбата против дискриминацијата и исклучувањето, во родова еднаквост и во обезбедувањето на правичен пристап до основните услуги и ресурси за сите граѓани подеднакво.
Да не се заборави дека владеењето на правото ја помага и економската одржливост. Со обезбедување еднакви можности и рамноправен пристап до основните услуги, владеењето на правото овозможува инклузивен социјален развој и помага во борбата против сиромаштијата и нееднаквоста.
Дозволете ми да укажам на уште едно искуство како придобивка од негувањето и застапувањето на концептот на владеење на правото: Како што владеењето на правото влијае на развој на општеството, така и развојот на општеството го зајакнува владеењето на правото.
Тоа е вредност што ја делат сите прогресивни европски држави.