23/11/2024
Македонија

Премиерот Заев на панелот „НАТО ангажмани: Дијалози на Самитот во Брисел“

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, првиот ден на НАТО Самитот, на шефови на држави и влади, го започна со учество на панелот „НАТО ангажмани: Дијалози на Самитот во Брисел“.

Учеството на панелот се совпадна со соопштението кое во истиот момент беше објавено, дека земјите членки на НАТО донесоа одлука да ја поканат Република Македонија да ги отпочне завршните преговори за полноправно членство во алијансата, и делегацијата на Република Македонија беше пречекана со аплауз и одобрување од гостите и учесниците на панелот.

На почетокот од своето обраќање на панелот, премиерот Заев истакна дека со одлуката на земјите членки на НАТО да испорачаат покана за нашата земја, Република Македонија станува дел од семејството, во куќа во која припаѓаме.

Во дебатата на панелот, премиерот Заев одговараше на повеќе прашања и нагласи дека Република Македонија во изминатите години постојано работеше на подигање на стандардите и на имплементација на вредностите што ги негува алијансата.

Република Македонија и дотогаш, и од тогаш натаму, активно учествува во мисиите на северно-атлантскиот сојуз. Заедно со Алијансата, нашата земја, активно придонесува во мисиите за сузбивање на глобалните закани, терористичките закани, како и заканите што доаѓаат од насилен екстремизам.

Припадниците на АРМ добиваа доверба да бидат дел или да бидат главни актери во сериозни безбедносни предизвици. Со учеството во тие мисии растеа и капацитетите на припадниците на АРМ, како и на цивилните структури на нашата администрација.

Премиерот Заев одговараше и на прашањата поврзани со безбедносните политики и регионалната соработка, како и за мостовите за соработка кои ги градиме со сите соседи.

Во дебатата посебно место имаше Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство со Грција, со што беше откочен нашиот прием во Алијансата и беше пресуден момент Република Македонија да добие датум за преговори со ЕУ. Нашата земја конечно го добива местото што го заслужува.