23/11/2024
Македонија

Премиерот Заев на предавањето на системот е-Градежно земјиште на ЗЕЛС

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска присуствуваше на примопредавањето на софтверскиот систем е-Градежно земјиште, кое Министерството за транспорт и врски му го предаде на Заедницата на единиците на локалните самоуправи (ЗЕЛС), која понатаму ќе го проследи до општините во Република Македонија.

Оваа софтверска програма има за цел да им овозможи на граѓаните да ја спроведат целата постапка по поднесени барања за отуѓување, за давање на долготраен и краткотраен закуп, за давање на право на трајно користење, за пренесување на право на сопственост и засновање на право на стварна службеност на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија.

Со програмата е-Градежно земјиште, во период од неколку месеци се очекува да има забрзување на сите постапки и да се воспостави висок степен на прецизност и дисциплина во однос на роковите за постапување по овие прашања.

Премиерот Заев во своето обраќање по повод овој настан во ЗЕЛС истакна дека овој сервис во рацете на општините е уште еден чекор од децентрализацијата, односно од пренесувањето на правата и обврските од централната на локалната власт.

„Пренесувањето на надлежностите кон локалните самоуправи овозможува додемократизација на Република Македонија. Убедени сме, дека преку еден ваков механизам, со пренесувањето на софтверот за управување со градежното земјиште, општините ќе бидат многу помоќни, ќе бидат многу посилни, пофлексибилни, попосветени, да им излезат во пресрет на барањата на граѓаните или на компаниите. Ова, треба да значи охрабрување за сите инвеститори во Република Македонија, дека постапките кои ќе ги водат како први чекори за идни градби ќе бидат решени на локално ниво“, истакна премиерот Заев во своето обраќање.

Претседателот на Владата на Република Македонија Заев нагласи дека процесите за целосна децентрализација се од значење и за севкупниот развој на Република Македонија.

„Посакувам успешно менаџирање, сакам да знаат и граѓаните и градоначалниците, но и советниците, дека владата продолжува со јакнење на капацитетите на општините за нови чекори за децентрализација на власта. Ги разгледуваме и новите институционални можности за децентрализирање, да пренесеме нови надлежности и да ги зајакнеме финансиските капацитети на општините“, потенцираше премиерот Заев во обраќањето по повод примопредавањето на софтверскиот систем е-Градежно земјиште од Министерството за транспорт и врски на Заедницата на едниците на локалните самоуправи, и додаде дека пренесувањето на надележостите од централна кон локалните власти ќе создаде услови за уште поодговорно работење на општините во интерес на граѓаните.

Одговори на прашања од новинари:

Прашање: Дали со овој чекор ќе им се даде поголема моќ на општините, со оглед на тоа дека на овој начин ќе прибираат повеќе пари и полесно ќе може да решаваат предмети, што беа во надлежност на Република Македонија, па мораа да бараат согласност од државата?

Премиерот Заев: Така е. Една од предностите на ова денеска што го правиме е поврзано со земјиштето како претходна постапка во легализацијата. Општините ќе можат, заедно со дел од остатокот на надлежностите на државата, да ги решаваат имотно-правните односи кои што се неопходни за да може да издадат решенија за легализација на одредени објекти.

Размислувањата за децентрализацијата на власта се во следниот правец. Сакаме да го спроведеме комплетно Законот за рамномерен регионален развој. Овој закон значи 100 милиони евра дополнителни пари за општините, од она што досега државата го спроведувала и од она што дополнително треба да го обезбедиме како обврска. Тоа значи, дека во иднина, штом ќе бидат подготвени капацитетите на општините, а се надевам тоа ќе биде до крајот на 2018 година, ќе се пренесат капиталните инвестиции за изградба на основни, средни училишта од Министерството за образование и наука на општините. Изградбата на капиталните инвестиции на детските градинки, делот на здравствените домови, како примарна и превентивна здравствена заштита.

Веројатно најголем дел од Домовите на културата, освен оние што се од национален интерес, кои што ќе бидат задржани, ќе ги преземат општините. Огромен процент на Домовите на културата се уште се под Министерството за култура, тие треба да бидат симнати на локално ниво.

Одредени надлежности во управувањето на шумите, одредени надлежности во управувањето на земјоделското земјиште планираме да пренесеме. Планираме да пренесеме одредени надлежности во делот на изградбата на патиштата во Република Македонија, за да го зајакнеме финансискиот капацитет за изградба на локалните патишта, каде што се надлежни самите општини. Дури и регионалните патишта, кои што имаат регионален аспект,

Со овие суми на пари, од 100 милиони евра, граѓаните ќе го почувствуваат унапредување на услугите и унапредувањето на квалитетот на развојот на инфраструктурата. Да нема кочници, затоа што имаме и мали општини со многу помал капацитет, за кој што ќе треба организација во делот на проектирањето, во делот на имплементирањето на одредени конкретни инфраструктурни проекти.

Не застануваме тука. Размислуваме и во делот социјалната политика. Центрите за социјална работа, на пример, веруваме дека ќе бидат многу потранспарентни, парите ќе стигнат навистина кај ранливите категории на граѓани, ако се одлучува на локално ниво. Јас, не верувам дека било кој министер, заменик-министер или државен секретар знае подобро кој навистина треба да земе социјална помош во Кичево, во Штип, отколку што тоа го знаат локалните власти, заради тоа што граѓаните многу полесно можат да допрат до градоначалникот, до советниците, за да можат случајните, намерни или ненамерни неправди, да бидат исправени. Тоа, во суштина значи дека ќе имаме потранспарентен процес, демократичноста во државата ќе се зголеми, и ќе значи заштеда на квалитетни пари на граѓаните на РМ.

Прашање: Што се случи со идејата, за Владата да се задолжува во име на општините?

Премиерот Заев: Работиме на тоа. Ги чекаме понудите на банките. За нас е многу важно да добиеме што е можно пониски каматни стапки и да добиеме можност по пат на преговарање за исплата на сите тие долгови кои општините ги имаат спрема добавувачите, да добиеме подобри услови. Јас, се надевам дека во многу брзо време ќе можеме да соопштиме конечно која е одлуката. Одлуката за тоа државата да подигне кредит е веќе донесена, за да го пренесе на општините, да ги исплатат своите обврски спрема добавувачите, некаде околу 120 милиони евра. А, самиот кредит ќе го враќаат општините на подолг период, некаде на 15 или 20 години, со пониски каматни стапки. Очекуваме два, два и пол посто каматни стапки, кои што за сметка на денешните 13 посто кои што ги плаќаат како затезни камати општините за сите долгови кои што се доспеани. Ние веруваме дека на тој начин ќе ги растеретиме општините, ќе им дадеме еден ветер во грб, за нивното напредување во иднина. Исто така, овие пари одат кај домашните компании на кои што им должат општините, па истовремено сме свесни дека парите ќе се искористат за нови инвестиции во РМ.

Прашање: Чекате понуда од домашните банки или од меѓународни институции?

Премиерот Заев: Од меѓународни институции, но се разговара и со домашните банки. Ако тие се подготвени да направат конзорциум на понуда од ваков износ, 120 милиони евра и да бидат конкурентни на меѓународните банки наше задоволство ќе биде да се договориме со домашните банки заради тоа што тие пари се директно пласирани за долгот на општините кој преку 95% е кон домашните компании коишто работеле за сметка и во име на општината.

Прашање: Премиере дали ќе го повлечете најавениот предлог за Законот за нотаријат бидејќи адвокатите бараа негово повлекување, доколку не, како најрадикална мерка најавија штрајк?

Премиерот Заев: Ред е прво да разговараме, а после тоа правото на штрајк не им бега. Јас денеска закажав состанок со министерот за правда и заменик министерот за правда, мојот советник за правни работи, но и претседателот на Комората за нотаријат на нотарите, претседателот на Комората на адвокатите и претставникот на Стопанската комора којашто работи на оваа проблематика. Верувам дека денеска ќе најдеме решение коешто ќе биде прифатливо за двете страни, а во функција на закон којшто пред сè ќе им служи на граѓаните. Во борбата кој ќе добие повеќе можности да заработи, се забораваат дека сите им служиме на граѓаните преку пренесени овластувања, пред сè нотарите, но секако и адвокатите. Наша конечна цел како влада е да ги намалиме трошоците на граѓаните во било која постапка.

Во тоа име јас се надевам дека денеска ќе имаме разбирање од претставниците на двете комори и на Стопанската комора на Македонија да изнајдеме правично решение и секој да добие фер шанса согласно Уставот и законите да заработува од Република Македонија, но и граѓаните да добијат пониски сметки при нивните правно формални постапки којшто ги водат пред институциите.

Прашање: Законот ќе претрпи промени?

Премиерот Заев: Законот секако ќе претрпи промени. Јас тоа што можам од старт да го кажам е дека во еден дел сигурно се во право адвокатите, во еден дел сигурно се во право и нотарите. Верувам дека има и меѓународни пракси, ние не го измисливме ова, ќе ги примениме сите меѓународно добри, признати примери, и она што е пракса во Република Македонија, сослушувајќи ги аргументите на двете страни, на крајот да се донесе правично законско решение за заинтересираните страни. Но, како што реков ви функција на интересите на граѓаните на Република Македонија.

Прашање: Во врска со Советот за имплементација на реформата во правосудниот систем на кој вие ќе бидете претседател. Кога официјално ќе стартува со работа и кои се имињата кои ќе членуваат во него?

Премиерот Заев: Овие денови очекуваме да привршуваат преговорите на политичко ниво за политичките аспекти на самите закони. Понатаму, со формирањето на Советот за имплементација на стратегијата кој ќе ги соопштува своите ставови заедно со експертизите на овие многу значајни документи. Затоа е формиран совет од практичари, луѓе кои го применуваат законот и ќе го применуваат новиот закон согласно реформите.

Она што го очекуваме да стигне во идниот период се експертските мислења за, на пример како се казнува и разрешува судија, како се наградува и унапредува судија, или одредени други експертски мислења за законот во чие практикување потоа ние политичарите апсолутно не треба да се мешаме. Затоа е важно сега, кога се донесуваат законските решенија, обезбедувањето на политичката согласност од сите политички партиципиенти. Јас се надевам на работните групи коишто постојат меѓу пратениците, ќе бидат усогласени до крајот на неделата, и ако тоа биде завршено, веројатно идната недела ќе го формираме Советот за имплементација на стратегијата за реформите во правосудството.

Мислам дека сега се искристализираа работите дека довербата во таквиот совет мора да биде од старт максимално изградена за да има успешност во коментарите и сугестиите коишто овој совет треба да ги дава по ваквите многу важни закони што се однесуваат на една од најзначајните реформи, а тоа е реформата во правосудството.