23/11/2024
Македонија

Премиерот Заев на промоција на проектот „Воспоставување на интегрирано регионално управување со отпадот во Република Македонија“

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, учествуваше на презентацијата и на дискусијата за проектот „Воспоставување на интегрирано регионално управување со отпадот во Република Македонија“ што ја организираше Министерството за животна средина и просторно планирање.

На јавната дискусија на оваа тема, на која свои обраќања имаа и министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов како Претседател на Заедниците на локалната самоуправа, премиерот Заев ги информираше градоначалниците од сите општини за иницијативата што ја презема Владата на РМ за трајно и современо решавање на отпадот и депониите во земјата со воспоставување на интегрирано регионално управување со сметот и со современи регионални депонии.

За таа цел, рече премиерот Заев, се подготвува законско решение кое, времено, додека проектот не се реализира целосно, ќе ја префрли надлежноста и одговорноста за овие прашања на централно ниво.

„Оваа влада се определи за имплементирање на целосна децентрализација и зајакнување на општините во однос на нивните ингеренции и во однос на нивната финансиска самостојност. Едно такво прашање е прибирањето на сметот, неговото складирање и уништување, а последиците од неуспешните обиди директно се одразуваат на здравјето, на животната средина на нашите граѓани, како и во другите сфери како што е, на пример, производството на здрава храна“, истакна премиерот Заев во своето обраќање на дебатата на тема „Воспоставување на интегрирано регионално управување со отпадот во Република Македонија“.

Премиерот Заев додаде дека ниту централната власт, ниту градоначалниците како први претставници на граѓаните во локалните самоуправи, не можат да се поигруваат со ветувањата што им беа дадени на граѓаните, а едно од тие ветувања беше дека прашањето на отпадот и дивите депонии ќе биде едно од приоритетните прашања од интерес на граѓаните.

„И самите знаете какви беа реакциите на граѓаните заради дивите депонии, заради загадениот воздух. Тие реакции се оправдани и ние сме должни овие прашања од животен интерес на граѓаните да ги решиме“, нагласи премиерот Заев.

Претседателот на Владата на РМ потсети дека земјата има повеќе од 50 депонии што се користат од страна на општините за депонирање отпад. Сите се со висок, среден, или низок ризик, и ако на тоа се додадат и дивите, неконтролирани депонии, реакциите на граѓаните се со право.

„Ако сакаме да работиме во интерес на граѓаните, решавањето на отпадот мора да се реши веднаш. Сега е време да го промениме тоа. Да ја промениме оваа слика за Република Македонија, во земја која ќе ги прифати и ќе ги следи најдобрите европски искуства за управување со отпадот. Во Македонија се неопходни регионални депонии за решавање на проблемот со отпад и за поздрава животна средина. Градоначалниците на секој регион треба да донесат одлука кој модел ќе го прифатат, дали ќе искористат средства од европските фондови, дали ќе одат на модел на јавно-приватно партнерство или ако регионот има можност – сами да финансираат изградба на регионална депонија“, рече премиерот Заев.

Премиерот Заев упати апел до градоначалниците да поведат широка дебата во своите заедници и да обезбедат сè што е неопходно за да не се создава загриженост или страв меѓу граѓаните бидејќи проектите за регионални депонии е изготвен врз основа на најдобрите модели и искуства за безбедни места за складирање и управување со отпадот.

„Мораме на граѓаните да им ги презентираме аргументите дека современите депонии и современото управување со отпадот не само што е безбедно, туку може да биде и економски исплатливо. Вклучувањето на отпадот во ресурс е еден од клучните фактори за така наречената кружна економија. Ако повторно го произведуваме, повторно употребиме и рециклираме, и ако отпадот на една индустрија станува суровина на друга, можеме да бидеме сигурни дека сме на патот на остварувањето на кружната економија каде што отпадот е елиминиран, ресурсите се користат на ефикасен и одржлив начин“, рече премиерот Заев на дебатата на тема „Воспоставување на интегрирано регионално управување со отпадот во Република Македонија“ што ја организираше Министерството за животна средина и просторно планирање, и на која присуствуваа градоначалниците од општините во земјата.

Премиерот Заев, кој одговараше на повеќе прашања на градоначалниците, во завршницата на своето обраќање уште еднаш нагласи дека оваа влада е одлучна целосно да го заврши процесот на децентрализација и дека е во подготовка решение за исплаќање на долговите на општините и деблокирање на сметките на оние општини кои се соочуваат со ова прашање.