Премиерот Заев на пуштањето во употреба на царинскиот терминал на граничниот премин Ќафасан
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше и се обрати на настан организиран од Царинската Управа на Република Северна Македонија по повод пуштањето во употреба на царинскиот терминал на граничниот премин Ќафасан.
Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Заев:
„Ми претставува големо задоволство да присуствувам и да ви се обратам на одбележувањето на крајот на градежните работи на царинскиот терминал на граничниот премин Ќафасан.
Вложувањето во развој на инфраструктурата во земјата е еден од приоритетите на оваа Влада, а во остварувањето на овој приоритет од огромна помош е поддршката на Европската унија, особено ИПА фондовите кои ни се ставени на располагање. Во оваа прилика ја изразувам мојата, како и благодарноста на Владата до Европската Унија, за поддршката во постигнувањето повисоки стандарди во сите јавни сфери во нашата држава и нејзината интеграција во Унијата.
Транспортниот сектор има многу важна улога во практикувањето на четирите основни слободи кои се суштината на Европската унија – слободно движење на стоки, услуги, капитал и луѓе, а за нивно практикување и промоција потребна е развиена и модерна инфраструктура.
Денешниот настан – ставање во употреба на надградениот и осовремен граничен премин Ќафасан, е повторно во насока на подобрување на поврзувањето. Се наоѓаме на еден од најфреквентните гранични премини во земјава на коридорот 8, преку кој годишно минуваат стотици илјади превозни средства и патници во и од Република Северна Македонија.
Овој нов терминал ќе придонесе за зголемување на пропусната моќ на преминот за стокови пратки, за намалување на времето потребно за вршење на гранични формалности и значително ќе ја подобри инфраструктурата за примена на современи средства за инспекција. Убедени сме дека со неговото ставање во функција, ќе се забрза движењето на стоковиот сообраќај кој последните години бележи постојан раст од просечно 10 до 15 % годишно.
Со него ќе се забрза и олесни стоковата размена преку најфреквентниот граничен премин кон Република Албанија, а истовремено се обезбедени дополнителни инвестиции со кои ќе се олесни и забрза транспортот долж паневропскиот Коридор 8. Работиме интензивно на имплементација на решението за заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување „One Stop Shop“, за уште повеќе да се намали времето на чекање на превозниците, со што ќе се намалат трошоците на економските оператори.
Царината е првата институција со која се сретнуваме во една земја и таа ја дава првата слика за тоа како функционира системот на државата. Со задоволство можам да кажам дека нашата Царинска управа е модерна институција, која придонесува во креирањето на поволна бизнис клима и штитењето на интересите на државата.
Царинската управа има постигнатото високо ниво на подготвеност за членство во ЕУ, што е нотирано и во сите извештаи на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија.
Ова е постигнатото со посветеност, ентузијазам и систематска работа на вработените во Царинската управа, за достигање на потребните стандарди, но и со постојаната поддршка на целиот овој пат од Европската унија.
Остануваме посветени на тоа да работиме и понатаму на олеснување на трговијата и транспортот, но важно е дека чекориме на вистинскиот пат.
Заклучувам со уште една голема благодарност до граѓаните на земјите-членки на Европската Унија за нивниот придонес како даночни плаќачи да придонесат во овие трајни добра кои остануваат на располагање на граѓаните на Република Северна Македонија но богами буквално на целиот овој регион од Западен Балкан.
Благодарам и нека е честито употребата на овој нов терминал.