22/11/2024
Македонија

Премиерот Заев на Самитот 16+1 во Софија: Со новите иницијативи од овој самит ја зацврстуваме и унапредуваме взаемната соработка

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев е во еднодневна посета на Република Бугарија кадешто учествува на Седмиот самит на шефови на влади од процесот на соработка помеѓу Народна Република Кина и земјите од Источна и Централна Европа (16+1). Премиерот Заев ја предводи владината делегација во состав заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Во рамки на овој Самит се одржа пленарна сесија на премиерите на владите на земјите од ЦИЕ и НР Кина кадешто премиерот Заев имаше свое обраќање. Премиерот Заев изрази благодарност до сите премиери и учесници на сесијата за соработката и на премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов за одличната организација на ваков голем настан од меѓународен карактер.

„Република Македонија е мала земја којашто е посветена на концептот на поврзувањето, што всушност е дел и од иницијативата 16+1. Како што вели кинеската поговорка -Патувањето од илјада милји започнува со еден чекор- така и оваа иницијатива 16+1 претставува првиот чекор на едно впечатливо патување и платформа со која Република Македонија ќе може да ги продлабочи врските и поврзувањето, да напредува на полето на енергетиката и инфраструктурниот развој“ порача премиерот Заев.

Премиерот Заев рече дека со здружени напори 16-те земји од овој регион можат да ја унапредат размената и движењето на луѓето, добрата и услугите, искуствата и да ја користат експертизата и знаењето од НР Кина во овие процеси, но истовремено и да го направат овој регион атрактивна и примамлива дестинација за нови инвестиции на кинексите компании и примамлива туристичка дестинација за кинеските туристи.

„Би сакал да нагласам дека на почетокот на месец март, 2018 година Република Македонија официјално во Скопје го отвори Центарот за координација на културната соработка помеѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа. Овој центар нуди одлични можности за мониторинг, промоција и афирамција на културната соработка помеѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа но исто така и настојува да ги продлабочува и зајакне релациите помеѓу земјите во културата којашто ја има централната улога во унапредување на меѓусебното разбирање и продуктивниот дијалог“ додаде премиерот Заев.

Премиерот Заев информираше дека Република Македонија во септември ќе биде домаќин на 5-иот Симпозиум на земјите од ЦИЕ и НР Кина на Тинк Тенк организации, а следната 2019 во наша организација ќе биде 4-иот Состанок на министри за културна соработка кој произлегува како наша обврска од процесот 16+1.

„2018 година е од исклучителна важност за евро-атлантската интеграција на мојата земјата. Мината година, го потпишавме Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија, а минатиот месец го потпишавме Договорот со кој го решивме деценискиот спор за името и за воспоставување на стратегиско партнерство со нашиот јужен сосед, Република Грција со што осигуравме широка перспектива за постигнување на нашите стратегиски цели за воспоставување на уште поинтензивна билатерална соработка на регионално ниво.“ истакна премиерот Заев.

Премиерот Заев во своето обраќање посочи дека со Народна Република Кина оваа година навршуваме 25 години од воспоставувањето на дипломатските релации и во тој дух изрази безрезервна благодарност за поддршката што ја добиваме од НР Кина и цврстата заложба за продолжување на плодната соработка.
 
„Убеден сум дека од овој Самит ќе произлезат многу нови иницијативи и идеи кои ќе ја зацврстат и унапредат взаемната соработка, како и поврзувањето и комуникацијата меѓу граѓаните од нашите земји.“ порача премиерот Заев на крајот од своето обраќање на пленарната сесија на премиерите на владите на земјите од Централна и Источна Европа и НР Кина.