22/11/2024
Македонија

Премиерот Заев на седницата за изборот на членови на Владата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска го образложи пред Собранието Предлогот за избор на членови на Владата.

Премиерот Заев рече дека врз основа на член 94 од Уставот на Република Северна Македонија, како претседател на Владата, доставува 5 имиња за нови министри во Владата, дека нивното функционирање ќе биде согласно владината програма и во насока на максимални резултати во ресорите.

Претседателот на Владата, Заев ги предложи:

– Трајан Димковски, за министер кој ќе раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство,

– Горан Милевски, за министер кој ќе раководи со Министерството за локална самоуправа,

– Хусни Исмаили, за министер кој ќе раководи со Министерството за култура,

– Насер Нуредини, за министер кој ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање и

– Садула Дураки, за министер кој ќе раководи со Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците.

За Димковски, премиерот Заев посочи дека потекнува од министерството и дека ќе ги продолжи земјоделските политики коишто даваат резултати, дека ќе биде и натаму посветен на успешното субвенционирање, но и на пласманот. Земјоделството, како што рече премиерот Заев, е значајна гранка во држава. Во таа насока, се очекува Димковски да работи на капиталните инвестиции во земјоделството. Исто така, да биде посветен и на мотивирањето на младите да работат во земјоделството.

За Милевски, премиерот Заев објасни дека ќе биде посветен на следната фаза на децентрализацијата во делот на трансферот нови надлежности од централната на локалната власт, како и поголеми буџетски средства. Дел од тие средства ќе бидат обезбедени од поголеми проценти средства од даноците, што ќе одат кон општините. Како области каде се гледа можност за префрлување дополнителни надлежности на единиците на локалната самоуправа се посочени: културата, центрите за социјална работа, од здравството, подрачните единици на Министерството за земјоделство, водостопанството. Како јакнат капацитетите на општините, така ќе ја развластваме централната власт, рече премиерот Заев.

За Исмаили, премиерот Заев рече дека доаѓа од медицината, но е општественик и активист во културата, борец за подобрување на културниот амбиент и надвор од националните институции. Тој изрази очекување за подобрување на системското работење, задоволување на потребите на културните работници, преку нивелирање на платите согласно принципот на правичност, создавање “денешна“ култура, изработка на Програмата за културата низ отчетност, за покривање на сите потреби на културата, а сето тоа низ развоен буџет и на транспарентен начин.  

За Нуредини, претседателот на Владата, Заев, рече дека е високо едуциран во корпоративното работење, бизнисот и т.н. green економија (“зелена“ економија), којашто дава резултати во регионот и во Европа. Премиерот Заев изрази очекување дека она што е сработено во екологијата ќе продолжи да се надоградува преку подобрување на состојбата со загадувањето на воздухот, преку алоцирање повеќе десетици милиони евра за системите за греење, за филтри во индустриските зони, со целосно почитување на интегрираните дозволи во екологијата. Премиерот Заев изрази очекување дека ќе продолжи работата на депониите, т.н. фабрики за отпад, како и на пречистителните станици, во сите региони, за што има издвоено и државата средства, а се употребуваат и грантови преку Светска банка и ЕБОР. Фокусот на државата е екологијата, рече премиерот Заев.

И за Дураки, претседателот на Владата, Заев, објасни дека ќе раководи со новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, формирано со цел формалното заокружување на правниот аспект на Рамковниот договор да помине во фаза на квалитативно спроведување на концептот Едно општество за сите граѓани, со еднакви права и одговорности. Премиерот Заев изрази верба дека согласно политичката позиција која ја има Дураки, како единствен член на највисокото раководство на ДУИ, тој да преземе сериозно споделување на одговорностите за градењето Едно општество за сите.

Претседателот на Владата, Заев, на почетокот се заблагодари на досегашните министри со коишто изрази надеж дека ќе продолжи соработката. 

– Уште еднаш да им се заблагодарам на министрите кои досега му служеа на нашиот народ и на нашата земја, извршувајќи ја својата функција министер. Мислам дека во иднина ќе можеме да ја продолжиме соработката со тие луѓе затоа што дефинитивно беа луѓе кои посветено работеа за граѓаните и за државата, рече меѓу другото премиерот Заев на собраниската седница за избор на членови на Владата на Република Северна Македонија.

Во репликите, премиерот Заев, нагласи дека очекува максимилизирање на резултатите од посветено работење на Програмата на Владата.