22/11/2024
Македонија

Премиерот Заев на седницата за пратенички прашања

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на денешната собраниска седница за пратенички прашања соопшти за нова канадска инвестиција во Охрид, новина за комбинатот Еурокомпозит, за којшто има два заинтересирани странски инвеститори, за 100-тина инвеститори кои се пред одлуки за инвестирање во Македонија, со што очекува намалување на невработеноста во државата.

– Доаѓа позитивен амбиент за Република Македонија, илјадници граѓани ќе најдат работа во Македонија и се надевам дека ќе имаме драстично намалување на невработеноста, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата Заев најави добра перспектива за работа на фабриката Еурокомпозит во скоро време.

– Новина за Еурокомпозит во однос на порано е што има понуди, рече премиерот Заев.

Тој додаде дека „денови, или месец се во прашање до донесувањето одлуки“.

– Транспарентно сакам да соопштам, има понуда од турска компанија и од српска компанија, двете се кредибилни и работат оружје, познати меѓународни компании се, меѓународно интегрирани и веруваме дека со тоа ќе дадат иднина. Јас сум убеден дека ќе има успешна трансформација на Еурокомпозит Прилеп, за да можат работниците кои работат да имаат своја иднина до своето пензионирање, но секако и за самиот комбинат да работи успешно и да произведува квалитетни производи, коишто се бараат на пазарот, соопшти премиерот Заев.

Тој посочи дека Владата е насочена првенствено кон решенија за вработените.

– Понудите што ги бараме се да бидат покриени сите заостанати придонеси, сите заостанати плати и да бидат исплатени добавувачите. Наш примарен таргет ни се вработените и нивните побарувања. Ако добиеме понуди што ќе ги покријат доминантно заостанатите побарувања на работниците, плати, придонеси по основ на плати, ќе ги прифатиме понудите, рече премиерот Заев, кој изрази оценка дека е можен договор со заинтересираните инвеститори.

Тој соопшти дека Владата има и алтернативно решение.

– Државата има и друга алтернатива, да издвои 3 милиони евра и да ги плати сите тие обврски и да постави добар менаџмент којшто е меѓународно интегриран и упатен во оваа работа, за да продолжи работата на Еурокомпозит.

Претседателот на Владата Зоран Заев рече дека наследеното прашање со Еурокомпозит Владата сака да го реши трајно, дека повеќе од стомина поранешни вработени се згрижени со Законот за стечајците, но дека фокусот на Владата е Еурокомпозит да работи со модерна и современа опрема, за што изрази верување дека Комбинатот има капацитет за пласман и за МВР и МО но и за перспективи во регионални рамки.

Одговор на пратеничко прашање 1

Одговор на пратеничко прашање 2