Премиерот Заев на средба со Бордот на директори на групата „Македонија 2025“
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, се сретна со Мајк Зафировски, Џон Битов помладиот и Роберт Арсов, членови на Бордот на директори на „Македонија 2025“, невладина организација во која членуваат бизнисмени од дијаспората и менаџери од Македонија.
„Владата на Република Македонија се отвори кон сите, кои можат да придонесат кон економски напредок на државата. Ја поздравуваме иницијативата на дијаспората и конретното активирање на претставниците на групата МК 2025 во Македонија, што значи силен импулс за нови идеи, програми и инвестиции во државата, со цел успешно спроведување на реформите, посебно во иновациите и проектите од областа на образованието на менаџерите“ – рече на средбата премиерот Заев.
Тој потенцираше дека „Самитот – Македонија 2025“, кој од утре до 2-ри ноември се одржува во Скопје, е извонредна можност за бизнис лидерите да разменат контакти и да споделат знаења од многу области, кои ќе доведат до економски и технолошки напредок на земјата.
Истовремено, претседателот на Владата на Република Македонија ја истакна важноста на формите за развивање образовни проекти за инвестирање во капацитети на економски претприемачи, со поддршка на домашните и странските инвеститори, вклучително и малите и средни претпријатија, што ќе помогне во трасирање на патот на Македонија кон ЕУ и НАТО.
На средбата се разговараше и за можноста да се потпише заедничка соработка за изградба на Научно-технолошки парк и бизнис акцелератор.