26/11/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со британскиот амбасадор во заминување Гарет

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска во својот кабинет го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија Чарлс Гарет, по повод завршувањето на неговиот мандат во земјата.

Изразувајќи благодарност за заложбите и континуираната поддршка на британскиот амбасадор Гарет, премиерот Заев го истакна активниот ангажман на амбасадорот за време на неговиот мандат, истакнувајќи го неговиот значителен придонес за унапредување на односите меѓу двете земји.

Премиерот Заев ја истакна улогата и поддршката на Велика Британија која Македонија ја доби во клучните моменти на остварување на демократските процеси, на патот кон евроатлантските интеграциски процеси. Тој додаде дека остварувањето на главните цели, членството на Македонија во ЕУ и НАТО создаваат можности за интензивен економски раст, нови инвестиции и отворање нови работни места, како перспектива која ја очекуваат македонските граѓани.

На срдечната и пријателска средба, двајцата соговорници разговараа за внатрешно-политичките настани во земјата со посебен акцент на неодамна постигнатиот договор меѓу Република Македонија и Република Грција за стратегиско партнерство и решавање на долгогодишниот спор за името, при што амбасадорот Гарет ја поздрави храброста и лидерството на премиерот Заев.

Беше истакнато дека Македонија и Обединетото Кралство се посветени на продлабочување на билатералната соработка во сите сфери и беше искажано уверување дека соработката и поддршката за Македонија и стабилен и просперитетен Западен Балкан ќе продолжи и во иднина.