Премиерот Заев на средбата со децата од СОС детско село и од Детскиот дом „11 Октомври“
Претседателот на Владата на Република Македонија, по повод новогодишните празници, денеска се сретна со децата од СОС детско село и од Детскиот дом „11 Октомври“.
Во рамките на средбата, во Владата на Република Македонија, за децата беше организирана соодветна програма и претстава со популарниот Петко и неговите пријатели од популарната телевизиска емисија. Гостите на премиерот имаа прилика да ја разгледаат зградата на владата и да се запознаат со нејзината работа.
За време на оваа посета, децата од СОС детско село и од Детскиот дом „11 Октомври“ имаа прилика да се дружат и да разговараат со премиерот Зоран Заев.
Претседателот на Владата на РМ во разговорот со децата истакна дека на истекот на 2017 година, една од своите последни работни средби во Владата ја остварува со овие деца за да ги слушне од нив нивните размислувања и предлози за подобра и посеопфатна грижа.
Премиерот Заев во разговорот со децата, меѓу другото, истакна:
„Оваа средба ја организиравме за да ја афирмираме нашата заложба дека никој нема да биде изоставен, кога велиме дека градиме општество еднакво за сите.
На тоа не обврзува оваа наша определба, нашите усвоени стратегии за заштита на децата, и сите меѓународни конвенции што ги има прифатено и ратификувано Република Македонија.
Нашата обврска прозлегува и од фактот што Република Македонија е социјална држава и хумано општество, во кое грижата за сите нејзини граѓани, без исклучок, е првенствена обврска.
Кога државата ја презема улогата да застане во првата линија на заштита и на воспитување на децата без родителска грижа, ја презема и обврската тоа да се остварува во средина исполнета со љубов и поддршка.
Сите деца и младинци без родителска грижа, заслужуваат шанса да ја обликуваат својата иднина и да станат самостојни учесници во општеството. Тие имаат право да живеат во поддржана и згрижувачка средина. Средина што ја овозможува институционална и емоционална поддршка, како клучна за овие деца.
Владата на Република Македонија ги утврдува критичните точки и решенијата на системот за социјална заштита. Особено за децата изложени на ризик. Отворени сме да ги чуеме сугестиите и предлозите непосредно од децата, младинците и нивните воспитувачи и згрижувачи.
Заедно да дојдеме до најдобрите решенија.
Се заложивме дека до 2020 година ниту едно дете нема да биде подложно на маните на постоечкиот институционален систем.
Нашата намера е да им дадеме повеќе шанса и простор на иновативните решенија, надвор од класичните институции. Тоа ќе резултира со пријателски и топли средини за нивниот емоционален развој, како и можности за образование и професионална ориентација.
Овие наши деца се дел од најголемото богатство на Република Македонија – народот!“
Во име на децата од Детското СОС село, на премиерот Заев му беше доделена благодарница за хуманост и исклучителна поддршка.
Претседателот на Владата на Република Македонија им посака среќна Нова 2018 Година, и им посакува убаво да си ги поминат новогодишните празници.