Премиерот Заев на средба со делегација од Светска банка
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се сретна со високите претставници од Светска банка, потпретседателот за Европа и Централна Азија, Сирил Мулер, регионалната директорка за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер и Марко Мантованели, директор на Светска Банка за Македонија.
На средбата беше разговарано за долгорочната системска и аналитичка поддршка на Банката во досегашната и идната соработка со Република Македонија. Дискусијата за развој на повеќе сфери во општеството главно се фокусираше на зацврстувањето на сет инвестициски можности, како клучна развојна етапа што ќе го зајакне домашното инвестирање во економијата.
Премиерот Заев на средбата изрази задоволство од долгогодишната успешна соработка со оваа светска финансиска институција, потенцирајќи дека Владата има храброст да носи одлуки од кои веќе се чувствуваат позитивните придвижувања во македонската економија.
„Одржливоста на нашите капацитети е нешто на кое мораме сериозно да се посветиме“, рече премиерот Заев на средбата. Тој исто така нагласи дека дури и малите резултати во економското придвижување во Република Македонија се голем знак за напредок, но исто така, Владата е свесна за потребата од паралелно динамизирање на реформите кои ќе ги елиминираат пречките за понатамошен забрзан развој на земјата.
Првиот човек на делегацијата, Сирил Мулер, средбата ја окарактеризира како израз на поддршка за стабилната буџетска политика на Владата на Република Македонија, затоа што, како што беше речено, забележливи се плодовите и значајниот развој на потенцијалите на земјата.
Сублимирајќи ги резултатите од соработката на Светската Банка со Република Македонија, г-динот Мулер оцени дека заедничкиот труд веќе доаѓа до ниво каде многу проекти стануваат реалност. Потврдувајќи дека реформската амбиција на Владата на Република Македонија е препознаена од светот, тој изрази очекување дека успешната соработка и во иднина ќе придонесува кон позитивните резултати во напредокот на Република Македонија.