29/11/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со еврокомесарката Габриел

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев придружуван од делегација во која беше министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, денеска, во Владата се сретна со европската комесарка Мариа Габриел, придружувана од амбасадорот на Делегацијата на Европската унија во Северна Македонија, Самуел Жбогар и нивните соработници.

Премиерот Заев посакувајќи и добредојде на еврокомесарката Габриел, која е во работна посета на Скопје, како дел од регионалната турнеја, и се заблагодари за континуираната поддршка на нашата земја во однос на интеграцијата во Европската Унија, како и за нејзината заложба за унапредување на Дигиталната агенда во рамките на ЕУ и за напорите за отворање можности за Западен Балкан за пристап до оваа област на соработка.

„На патот на остварувањето на нашите стратешки цели, членството во НАТО, и обезбедување на почеток на пристапните преговори со ЕУ, целосно сме посветени на одржувањето на добрите, пријателски односи со соседите, тоа го покажуваат договорите за соработка со Бугарија и Грција, и убедени сме дека тоа го отвора патот за поблиска и посеопфатна соработка во Регионот“, рече премиерот Заев, додавајќи дека меѓу приоритетите се прифаќање на нови технологии, кои денеска, во модерното време се вистинска потреба и зад која застанува целата Влада.

На средбата беше разговарано за важноста од поврзувањето и обезбедувањето на пристап до поширок, дигитален единствен пазар и интеграција.

Позитивно беше оценето организирањето на Првиот дигитален самит, кој нашата земја  успешно го организираше минатата година, и беше изразено убедување дека годинашниот самит во Белград исто така ќе донесе регионални придобивки, меѓу кои и напорите за финализирање на Регионалниот договор за роаминг на шесте земји од регионот на Западен Балкан.

На средбата беше изразена поддршка за преземањето мерки во сите области на економијата, а кои носат конкретни придобивки за сите граѓани и компании.

Беше споменато дека Европската Комисија дава целосна поддршка во напорите на Северна Македонија за зголемување на капацитетите на експертите во областа на сајбер безбедноста и напорите на Владата на Северна Македонија за формирање нова регионална академија за кибер безбедност.

Еврокомесарката Габриел изрази задоволство што има можност на премиерот Заев да му упати честитки за успешното имплементирање на Договорот од Преспа, кој како што истакна таа, е многу силен сигнал за подготвеноста на Северна Македонија за интеграција во Европската Унија.

Истовремено, таа на премиерот Заев му честиташе и за наградата, којашто заедно со грчкиот премиер Ципрас на Минхенската безбедносна конференција, им беше доделена за нивниот придонес за мирот и стабилноста во светот, оценувајќи ја како силна порака за граѓаните од целиот регион.

Еврокомесарката Габриел ги истакна приоритетите за остварување на Дигиталната агенда, како што се вклучувањето на училиштата во иницијативата за дигитална обука, каде е вклучен регионот на Западен Балкан и поттикнување на обуката и образованието во дигиталната област, подобрување на условите за развој на иновативноста и старт ап бизнисите мобилизацијата на јавната администрација, зајакнување на компјутерската безбедност, компјутерската и медиумската писменост и насочување на сите активности кон она што го бара дигиталното општество, потенцирајќи дека тоа е важно за младите и за сите граѓани.

На средбата беше истакната и огромна поддршка за инвестицијата на Владата во нов Технолошки парк во Скопје, што ќе ги обединува на едно место стартапите, науката и инвеститорите, со цел побрз развој на иновативните идеи од претприемачите и на чија презентација ќе присуствува еврокомесарката Габриел, заедно со премиерот Заев и министерот Манчевски, во чии рамки ќе започне со работа и бизнис-технолошкиот акцелератор за млади претприемачи и иноватори на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ).