Премиерот Заев на средба со извршниот директор на ТАВ Сенер
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев придружуван од министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска се сретна со извршниот директор на ТАВ, Сани Сенер и со генералниот директор на ТАВ Македонија, Алп Ер Тунга Ерсој.
На средбата беше потврдена одличната соработка со ТАВ којашто во иднина ќе се унапредува и продлабочува. Премиерот Заев ја истакна важноста на традиционалното пријателство и одличната билатерална соработка на нашата земја со Република Турција во градењето на цврсти економски релации помеѓу двете земји.
Извршниот директор и претставниците на ТАВ го поздравија зачленувањето во НАТО на нашата земја која наскоро ќе се нарекува Република Северна Македонија и започнувањето на преговори со Европската Унија како важни процеси за стабилна бизнис клима и економски напредок на земјата.
На средбата се разговараше и за забрзување на процесот на реализација на новите инвестиции од 10 милиони евра што ТАВ ќе ги направи за модернизација на македонските аеродроми и за инвестиции од 35 милиони евра во инфраструктурни проекти, локални патишта, градинки, водоводи и канализации во висина, што произлегува како обврска на ТАВ од договорот за концесија. Постои согласност од двете страни дека во најбрз временски период треба да отпочне реализацијата на овие проекти.