22/11/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со лозарите од кавадаречко-неготинскиот регион

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, придружуван од Заменик претседателот на Владата задолжен за економските ресори Кочо Анѓушев, градоначалникот на општина Кавадарци Митко Јанчев и градоначалникот на општина Неготино Тони Делков, вчера доцна попладне во Кавадарци остварија средба со лозарите од регионот, претставувани од Здружението „Напредни лозари“.

На средбата во општинската зграда, на која се придружија поголем број лозаропроизводители стана збор за актуелните прашања поврзани со сезонскиот откуп на грозјето кој е во тек и кој ќе се засили до крајот на месецот и во текот на септември.

Премиерот Заев на средбата информираше дека оваа година за прв пат многу навреме ги почнавме разговорите и со лозарите и со откупувачите, и се дека биле одржани десетици средби на кои се донесоа заклучоци винариите да обезбедат откуп на целокупниот род, и е договорена повисока цена од најмалку 1 денар за одделни сорти винско грозје, а за некои од поквалитетните постигната е повисока цена од ланската за 2 денари.

„Видовме неколку аспекти на проблемот. Благодарам на конструктивноста. Проблемот е заеднички, тука сме за тоа. Драго ми е што сме заедно седнати. Пратеници, и советници од сите партии, да се обидеме да направиме максимално за нашиот народ. Тие се доволно мотивирани за тоа, и ние политичарите треба да помагаме и да ги подобриме условите за живот на граѓаните, да заработуваат повеќе“, истакна премиерот Заев на средбата со лозарите од кавадеречко-неготинскиот регион, додаде дека ќе бидат направени дополнителни разговори со винариите за можностите за дополнително зголемување на цената за откуп.

Претседателот на Владата Зоран Заев ја прифати како реална иницијативата на лозарите за зајакнување на инспекциските контроли на откупните станици заради поплаките на лозарите дека откупувачите не го вреднуваат грозјето соодветно на квалитетот.

„Ќе обезбедиме за секој откупен пункт да има во тие месец дена додека трае откупот, постојано инспектори кои ќе ја контролираат откупот и шеќерните единици и контролата. Ќе изнајдеме најдобри начини. Да донесеме заеднички соодветни одлуки за да се решат сите прашања“, рече премиерот Заев на средбата со лозарите.

Тој додаде дека како високорангирана од 193 земји во светот по квалитет на вино, Република Македонија треба да го осигура тој углед и во иднина.

„Грозјето ни е еден од најстратешките производи. Не можеме да интервенираме директно во цените бидејќи така можеме да го нарушиме пазарниот принцип. Но, можеме да најдеме други пазари, дополнителни откупувачи. Ќе ги провериме цените за откуп на соседните земји Бугарија, Србија, Црна Гора, за да се обидеме да ги изедначиме нашите. Затоа се бориме и за ЕУ, тоа е таа борба која ја водиме и која ќе отвори дополнителни можности и пазар од 500 милиони жители“, нагласи премиерот Заев.

Како еден од заклучоците на оваа средба премиерот Заев порача дека барањата на лозарите за минималните цени се јасни, и тие барања ќе бидат пренесени во работните тела на владата како аргументите за да се земат предвид кога ќе се носат одлуки од интерес на лозаропроизводителите.