Премиерот Заев на средба со менаџментот на „Мермерен комбинат“ од Прилеп
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев прими делегација на сопствениците и на менаџментот на компанијата „Мермерен комбинат“ од Прилеп.
На средбата во кабинетот на премиерот, на која присуствуваа и Заменикот претседателот за економски прашања и за координација со економските ресори д-р Кочо Анѓушев и Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, во името на сопствениците на компанијата, господинот Христофорос Павлидис, информираше за тековните бизнис активности на компанијата „Мермерен комбинат“, и ги најави новите инвестициски планови за дополнителен развој на компанијата, како и за нивните намери да вложат и во другите области, особено во енергетиката во делот на производство на електрична енергија од обновливи извори.
Премиерот Заев ги поздрави намерите на компанијата да вложува во осовременување на технологијата за производство и во производството на готови производи, и нагласи дека, како и секоја друга компанија, и „Мермерен комбинат“ може да очекува поддршка од владините програми за развој на бизнисот, особено кога станува збор за инвестициски вложувања што отвораат нови и добро платени работни места.
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев истакна дека секоја средба со претставниците на компаниите со странски капитал е добредојдена за усовршување на моделите за соработка со владините институции и за надминување на прашањата кои произлегуваат од работењето.
– Секое искуство и препораки што доаѓаат од бизнисот и од компаниите со странски капитал, и нивните успешни приказни, во истовреме се и пораки за потенцијалните и идните инвеститори и за нас се многу важни – нагласи премиерот Заев на средбата со сопствениците и со менаџментот на компанијата „Мермерен комбинат“ од Прилеп.