Премиерот Заев на средба со премиерот Харадинај во Приштина
Премиерот Заев, и владината делегација на Република Македонија во состав Крешник Бектеши, министер за економија, Горан Сугарески, министер за транспорт, Роберт Алаѓозовски, министер за култура, и Едмонд Адеми, министер без ресор задолжен за дијаспора, денеска имаа билатерална средба со премиерот на Република Косово Рамуш Харадинај, и со министри во неговата влада, во рамките на официјалната посета на Косово.
На билатералната средба двете делегации се согласија дека постои интерес за продлабочување на соработката во областа на енергетиката. Република Косово има големи резерви на јаглен, а Република Македонија има можности и потенцијали да учествува во гасификацијата на Косово.
Министрите на двете земји искажаа подготвеност колку што може побргу да се реализира идејата за заедничка царинска зона која во голема мерка ќе ја олесни трговската размена меѓу двете земји.
По билатералната средба на двајцата премиери имаа тет-а-тет средба, а веднаш по неа и заедничка прес конференција.
Во своето обраќање на прес конференцијата, претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, истакна:
Среќен сум што сум прв премиер на Република Македонија што дошол во посета на Косово.
Имавме многу добра и успешна средба со премиерот Харадинај и со другите министри во косовската влада. Исто така, благодарен сум што подоцна во текот на денот ќе се сретнам и со претседателот на Парламентот на Косово, г. Кадри Весели и со претседателот на Република Косово, Хашим Тачи.
Се среќаваме како лидери на две земји без отворени прашања.
Република Македонија и Република Косово имаат позитивни и конструктивни билатерални односи и соработка на сите нивоа.
Тука сме за да одиме чекор понатаму: да отвориме нови можности за натамошно унапредување и продлабочување на нашите меѓусебни односи. Се надеваме дека во иднина ќе имаме почести официјални и работни средби на високо ниво. Тоа ќе даде нова енергија и динамика на нашата соработка.
На денешната средба се обврзавме дека Мешовитиот комитет за спроведување на Договорот за отворање на граничниот премин Белановце-Станчиќ ќе ја интензивира работата.
Го изразивме нашиот интерес за проширување на билатералните договори за соработка меѓу двете земји. Сега имаме 19 билатерални договори и 16 документи. Во тек се 21 постапка за склучување други договори.
Се надевам дека многу бргу ќе бидат финиширани. Како аргумент и мотивација, сакам да го истакнам задоволството што го споделуваме за парламентарната соработка меѓу двете земји.
На премиерот Харадинај му пренесов дека дома, во Република Македонија, презедовме обврска да ги исполниме критериумите за да докажеме дека нашата земја има демократско и зрело општество. Тоа останува врвен приоритет на владата во Република Македонија. Истовремено, тоа значи дека сме посветени да изградиме едно општество за сите.
Сакам да ве информирам дека упатив отворена покана за премиерот Харадинај за возвратна официјална посета на Република Македонија. Во разговорите го потврдивме интересот за одржување заедничка владина седница, за која се надеваме дека ќе се организира во текот на 2018 година.
Дозволете ми само неколку редови во врска со економската и инфраструктурната соработка.
Во име на граѓаните, а особено на бизнисмените во Република Македонија, на средбата со премиерот Харадинај ја пренесов пораката за интензивирање на економската соработка и зголемување на обемот на трговска размена меѓу двете соседни земји.
Се согласивме дека е неопходно да ја подобриме инфраструктурата која не поврзува. Од наша страна, изразивме подготвеност да продолжиме со изградбата на делницата на автопатот Блаце-Скопје.
Подеднакво важно е да им помогнеме на деловните заедници на двете земји да ја продлабочат идната соработка. Натамошно унапредување на енергетската поврзаност и енергетската соработка е наш заеднички интерес.
Градење добри односи со сите соседи е нашата стратешка цел. Нашиот пристап во овој процес е многу отворен, конструктивен и искрен. Ние немаме никакви скриени агенди. Како регион, ќе успееме ако работиме и соработуваме заедно.
Нашата иднина е блиска соработка. Наши заеднички цели се благостостојбата на нашите граѓаните и членство во Европската унија.
Од своја страна, Претседателот на Владата на Република Косово Рамуш Харадинај ѝ посака добредојде на македонската владина делегација и на премиерот Заев, и изрази уверување дека пред двете земји претстои долга и плодна соработка каква што доликува на најблиски соседи.
https://www.youtube.com/watch?v=aFNIStYtJSE