Премиерот Заев на средба со претставници на Асоцијацијата на легални такси превозници
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска прими делегација на Асоцијацијата на легални такси превозници кои на средбата ги изразија своите очекувања за брзо донесување на законските измени со кои треба да се реши прашањето на нелегалните такси превозници и компании, можностите за целосна фискализација во такси превозот, како и за проширување на можностите за субвенции за електрични возила.
На средбата премиерот Зоран Заев истакна дека прашањата што ги засегаат претставниците на Асоцијацијата на легални такси превозници, кои вработуваат повеќе од 4.000 граѓани, се од интерес и за Владата, особено во делот на фискализацијата и елиминирањето на сивата економија, и во однос на квалитетот на такси услугите за граѓаните.
Како посебно значаен на средбата беше нагласен заедничкиот интерес за системско решавање на набавката на нови возила со високи еколошки стандарди и електрични автомобили, како придонес во справувањето со аерозагадувањето.