22/11/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со претставници на Сојузот на стопански комори

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев заедно со министрите задолжени за економските ресори Фатмир Битиќи – заменик на премиерот задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Фатмир Бесими – министер за финансии, Арјанит Хоџа – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јагода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Насер Нуредини – министер за животна средина и просторно планирање и Венко Филипче – министер за здравство, денеска имаа средба со претставници на Сојузот на стопански комори.  

Премиерот Заев им порача на деловните луѓе, претставниците на најголемиот број на мали и средни претпријатија во државата, членки на Сојузот на стопански комори дека Владата е тука, да помогне и подаде рака на бизнис секторот.

„Неслучајно во првите денови од работењето на новата Влада сме на средби со нашите македонски комори затоа што фокусот е на економијата и правниот систем.
Државата е стабилна и постои да им помага на граѓаните, на стопанството и во дијалог со стопанските комори и синдикатите и сите учесници во општествениот живот ќе бидеме со намера за им служиме, да бидеме најдобар сервис и за време на коронакризата, за која најавуваат дека ќе продолжи следните 6 до 8 месеци.

Во такви околности, државата почна со процес на дискусија, дебата и консултации за креирање за следни пакети мерки за поддршка на стопанството, економијата и граѓаните.

Владата е стабилна, коалицијата што е формирана е силна, изградена на основа на вредности и испраќа порака на предвидливост, што е значајна за планирање и проекција на економските процеси и инвестиции. Најавуваме период од четири години каде што нема да има вонредни парламентарни избори“, истакна премиерот Заев и најави стабилен период и во даночната политика.

„Данокот на добивка останува на ниво од 10% и продолжуваме со одложување на аконтациите од данокот на добивка. Данокот на личен доход останува исто така на 10%, но остануваме доследни на воведувањето на правичното прогресивното оданочување преку инклузивен процес на разговори и дебата, која треба да биде од полза и на компаниите и на граѓаните. Останува и заедничката заложба за искоренување на сивата економија која е поголема од 30% и нанесува штета врз буџетот и парите на граѓаните и чесните фирми во нашата земја, преку мерки креирани заедно со УЈП, македонски царини и државните инспекции и преку зајакнување на инспекциските служби“, рече премиерот Заев.

Во однос на намалување и укинување на пара-фискалните давачки што се побарувања на стопанските комори, премиерот Заев рече дека таргет на новата Влада е до крајот на мандатот 75% од пара-фискалните давачки да ги отстранува и истовремено да има одредено намалување на даноци, со цел стимулирање на развој на економијата и новите информатички технологии и тоа скалесто до 2021 година од 18% на 5%, до 2022 на 3% и 2023 година на 0%.
Во делот на угостителството и туризмот, за ресторанските услуги ќе воведеме единствен данок од 10%“, заокружи премиерот Заев.