22/11/2024
Македонија

Премиерот Заев на свеченото отворање на автопатот Демир Капија – Смоквица

Официјално отворен автопатот Демир Капија – Смоквица, новата автопатска делница, која е во рамки на коридорот 10, е дел од вкупните вложувања на Европската Унија во транспортната инфраструктура на земјата, кои во изминатите неколку години достигнаа речиси 325 милиони евра.

Новиот автопат од Демир Капија до Смоквица во должина од 28,2 километри обезбедува значително скратување на времето на патување, ја зголемува безбедноста за сите учесници во сообраќајот и создава услови за динамизирање на транспортот и трговијата, како и натамошен развој на целокупната економија.

Ова се клучните придобивки за земјата, нејзините граѓани и деловни субјекти од новиот автопат во чија изградба се вложени вкупно 227 милиони евра.

„Поврзувањето е основен чекор за изедначување на нашите регионални стандарди со оние на Европската Унија кон која не водат сите патишта. Овој автопат е еден од нив и во буквална смисла. Овој автопат поврзува, и води кон ЕУ! Оваа делница од автопатот „Пријателство“ во себе ја има вградено и приказната, искрената приказна, за поддршка и соработката, помеѓу Република Македонија и Европската Унија. Една од најјасните заложби на оваа Влада, е издигнувањето на Македонија како конструктивна точка која поврзува и сплотува во заедништво, оттаму, овој автопат е можеби една од најјаките симболики за тоа. Нашата темелна вредност и определба, да ги издигнеме капацитетите на нашата земја на ниво достојно за да биде членка на ЕУ, е силна мотивација за усогласување на нашата, национална патна инфраструктурна стратегија, со онаа на Европската унија“, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев, заблагодарувајќи се на поддршката што Европската Унија ја обезбедува во развојот на инфраструктурата на земјата.

На настанот беше официјално отворен новиот автопат и беше означен стартот на „ЕУ за ТЕБЕ“ кампањата за инвестициите на Европската Унија во транспортната инфраструктура.

„Со отворањето на овие 28,2 км од автопатот Демир Капија – Смоквица го додадовме делот од Пан-Европскиот Коридор 10 кој недостасуваше во земјата. Овој автопат ќе го олесни движењето, ќе го поттикне економскиот развој и ќе обезбеди одржливо и побезбедно патување“, рече Генералниот Директор за Соседски политики и преговори за проширување во Европската Комисија, Кристијан Даниелсон, во своето обраќање.

Во изминатите неколку години Европската Унија вложи речиси325 милиони евра во транспортната инфраструктура на земјата. Со нив се изградени и обновени над 100 километри автопатска мрежа, 64 километри патишта во повеќе од 40 општини и 60 населени места, 16 километри железничка пруга и 11 железнички станици.

Како и останатите инфраструктурни проекти на ЕУ, така и новиот автопат е изграден според најсовремените градежни, технички и безбедносни стандарди. Долж трасата на автопатот изведени се над 8 милиони метри кубни високи насипи и длабоки ископи во теренот, како и 6 моста, близу 100 канали, 2 сообраќајни клучки и 2 двојни тунели со должина од над 1,2 километри. Покрај современото енергетски ефикасно осветлување, во тунелите се инсталирани и систем за вентилација, за детекција и гаснење на пожар, за резервно напојување со електрична енергија, како и SCADA систем за мониторинг и управување со сообраќајот.

„Од денеска добиваме нова, модерна и безбедна автопатска делница, прва од овој тип на Балканот. Автопатот ги содржи сите потребни карактеристики за сообраќајна безбедност што ни дава сигурност дека сообраќајот по оваа делница ќе се одвива побезбедно за сите учесници. Истиот е проектиран и изграден согласно нормите и стандардите на Европската Унија за заштита на животната средина, што дополнително влијае на намалување на емисијата штетни гасови“, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Продолжување на поддршката и инвестициите кои треба да обезбедат поефикасно инфраструктурно и енергетско поврзување на целиот регион е една од шесте приоритетни иницијативи во новата Стратегија на Европската Унија за поддршка на трансформацијата на Западен Балкан. Со неа се предвидуваат дополнителни инвестиции на ЕУ од над една милијарда евра во натамошниот развој и инфраструктурата на земјите од Западен Балкан.

Премиерот Заев на свеченото отворање на автопатот Демир Капија – Смоквица: Овој автопат поврзува, и води кон ЕУ

Премиерот Заев предводеше владина делегација на свеченото пуштање во употреба на автопатот Демир Капија Смоквица и во своето обраќање истакна:

Почитуван директоре на директоратот за проширување, DG Near Кристијан Даниелсон

Почитуван амбасадоре Жбогар,

Почитуван министер за транспорт и врски во Владата на Република Грција Христос Спирцис

Почитувани вицепремиери и министри во Владата на Република Македонија, претставници на локалната самоуправа и дипломатски кор,

Почитувани гости и пријатели,

Денеска во серијата значајни проекти впишуваме уште еден што во изминатиот период ги реализира нашата земја.

Денеска ја пуштаме во функција делницата Демир Капија – Смоквица од автопатот „Пријателство“, и го завршуваме инфраструктурниот потфат што како патека за граѓаните се испружи до границата со нашиот сосед и пријател – Република Грција.

Со оваа делница, и со завршните работи на рехабилитацијата на делот на автопатот од Неготино до Демир Капија, го затвораме целосно делот од Паневропскиот Коридор 10, кој минува низ нашата земја, со едно современо и безбедно автопатско решение.

Секако, нема да пропуштиме да споменеме дека овој проект го започна претходната влада, од огромна потреба на граѓаните. Ние тоа го препознаваме и го потенцираме.
Само ќе ја повторам нашата определба дека, без разлика на сите слабости и долгови што ги наследивме, Владата на Република Македонија даде збор дека ќе ги заврши сите започнати патни проекти во најбрзите можни рокови.

Нам денеска ни останува да го одбележиме крајот на сите градежни работи и во свечена атмосфера да им го предадеме на граѓаните на нашата земја и на граѓаните на Европа, делот од овој автопат кој им овозможува безбедно стигнување до сите дестинации на овој потег до границата со Република Грција и обратно.

Од тука, со поврзувањето со автопатните и другите инфраструктурни коридори во таа земја, да стигнат до своите бизнис дестинации, до своите пријатели, до местата за одмор. И обратно, граѓаните на Грција и граѓаните на светот да можат да циркулираат низ Македонија по модерни, современи и безбедни патишта.

Почитувани,

Минатата недела во Скопје го организиравме и успешно го реализиравме првиот „Дигитален Самит на Западен Балкан“. Сите гости, премиери, вицепремиери, министри, директори на најголемите телекоми, врвни експерти во дигиталната комуникација, го дадоа својот придонес за еден многу значаен процес во овој наш регион: Дигиталната трансформација и поврзувањето во регионот врз основа на е-економија, е-владини услуги, е-општество.

Процес за нови, подобри, поефикасни и поевтини услуги за граѓаните за нивните лични потреби, за потребите на поврзувањето на бизнис заедницата, за поврзувањето на нашите општествени заедници. Поврзувањето – како основен чекор за изедначување на нашите регионални стандарди со оние на Европската Унија кон која не водат сите патишта.

Овој автопат е еден од нив и во буквална смисла. Овој автопат поврзува, и води кон ЕУ!

Оваа делница од автопатот „Пријателство“ во себе ја има вградено и приказната, искрената приказна, за поддршка и соработката меѓу Република Македонија и Европската Унија.

Една од најјасните заложби на оваа Влада, е издигнувањето на Македонија како конструктивна точка која поврзува и сплотува во заедништво, оттаму, овој автопат е можеби една од најјаките симболики за тоа.

Нашата темелна вредност и определба, да ги издигнеме капацитетите на нашата земја на ниво достојно за да биде членка на ЕУ, е силна мотивација за усогласување на нашата, националната инфраструктурна стратегија, со онаа на Европската унија.

Да ги затвориме празнините во транспортните мрежи и да ги отстраниме тесните грла кои сè уште го попречуваат нормалното функционирање на внатрешните и на меѓународните ефикасни економски политики.

Добро развиена и меѓусебно поврзана патна инфраструктура е клучен фактор за економски раст.

Почитувани гости и пријатели, присутни на овој значаен настан,

Сакам да гледам на овој настан, на пуштањето во сообраќај на оваа супер модерна европска автопатна делница, како на дел, или уште повеќе, како на поттик и за пролетната градежна офанзива што ја отпочнаа институциите на Владата на Република Македонија, Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта со поддршка на економските и финансиските ресори. Како на домашните, така и на меѓународните.

За капиталните инвестиции за 2018 година, издвоивме 1,43 милијарди денари повеќе од износот утврден со ребалансот во 2017 година.

Средства што ги насочуваме на унапредување на инфраструктурата: патна, железничка и енергетска се многу важни.

Нема да дозволиме катастрофални импровизации.

Ја започнавме изградбата, реконструкцијата и рехабилитацијата на патната инфраструктура на автопати, експресни и регионални патни проекти во вкупна должина од 800 километри и со вредност од 270 милиони евра.

Продолжуваме со изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.

Ја интензивиравме изградбата на пругата кон Бугарија, на делницата Куманово- Бељаковце со обезбедени 70 милиони евра грант од ЕУ и со дополнителни 60 милиони евра од Оперативната програма 2014-2017 од ЕУ за изградба на пругата кон Бугарија, на делницата Крива Паланка-Деве Баир.

Влеговме во овие проекти со многу научени лекции, но денеска повикувам да се инспирираме од добрите практики и од позитивните искуства. Особено во делот на остварувањата на инженерите, на градежните работници.

Од нивните вредни раце произлезе овој автопат. Современо и безбедно автопатно решение според највисоките европски стандарди за транспорт, патна комуникација и безбедност. Автопатна делница која ќе биде референца, решение за инспирација и за новите патни проекти во земјата.

Нашата неотповиклива и силна заложба за подобрување на поврзаноста во земјата и во регионот, а со тоа и со Европа, ќе донесе значителни подобрувања и зголемување на севкупната економија, што ќе доведе до раст, создавање работни места и вистинско подобрување на животот за сите наши граѓани.

Како и за сите клучни проекти од интерес за граѓаните, Владата ќе ги носи одлуките за големите инвестиции во инфраструктурата транспарентно и низ консултации со граѓаните и релевантните експерти.

На крајот, дозволете ми да изразам благодарност до Европската Унија и до Делегацијата на Европската Унија во Скопје за огромниот придонес и поддршка во реализацијата на овој проект.

Остануваме посветени заеднички и понатаму да го градиме нашето пријателство низ политичката соработка, но и низ соработката на вакви значајни проекти од непосреден интерес за граѓаните на Република Македонија и на граѓаните на Европа.

Голема благодарност и признание и за сите што непосредно работеа на овој сериозен и сеопфатен градежен патен проект.

На сите граѓани што од денеска ќе патуваат низ оваа делница им посакувам безбеден пат до нивните дестинации.

Благодарам.


Министерот Сугарески на свеченото отворање на автопатот Демир Капија Смоквица: Овој автопат да биде правец за побрза интеграција во ЕУ

Почитуван г-дин Зоран Заев, Претседател на Владата на Република Македонија,

Почитуван г-дин Кристос Спиртцис,  Министер за инфраструктура и  транспорт на Грција ,

Почитуван г-дин Кристиан Даниелсон, Генерален директор за соседски политики и преговори за проширување во Европската комисија,

Почитуван Амбасадор на Европската Унија во Република Македонија,

Ваши Екселенции,

Почитувани претставници на Владата, Градоначалници,

Драги гости, дами и господа

Денеска означуваме завршување на многу значаен капитален инфраструктурен проект за Република Македонија, но истовремено денеска означуваме ново поглавје за Европска Македонија.

Од денеска добиваме, нова, модерна и безбедна автопатска делница, прва од овој тип на Балканот.

Овој автопат од Демир Капија до Смоквица кој е во должина од 28 километри, технички беше најтешката делница за изградба од патниот Коридор 10 во Македонија, која поминува низ Демиркаписката клисура и тешко достапниот планински терен по неа.

Од тие причини ова автопатско решение претставува најсовремен тип на градба која е изградена по сите светски и европски стандарди.

Автопатот располага со по три сообраќајни ленти од двете страни, два тунели со должина над 1 километар и истите претставуваат најдолги патни тунели во Република Македонија.

Во однос на тунелите, она што сакам да потенцирам е Контролниот центар во Неготино од каде се врши 24 – часовен мониторинг за целиот сообраќај што се одвива во тунелите. Овој контролен центар претставува најсовремено решение за управување со кризни ситуации од каде се обезбедува управување на сообраќајот во тунелите во реално време.

Составен дел од овој автопат се и шест мостови, од кои пет мостови се градени со конзолен тип на градба, што исто така претставува новина во градежништвото во Македонија.

Дозволете ми да нагласам дека овој автопат е проектиран и изграден согласно нормите и стандардите на Европската Унија за заштита на животната средина, што дополнително влијае на намалување на емисијата на штетни гасови.

Истиот ги содржи сите потребни карактеристики за безбедност што ни дава сигурност дека сообраќајот по оваа делница ќе се одвива побезбедно за сите учесници.

Вредноста за изградба на автопатот изнесува околу 218 милиони евра за изградба и 10 милиони евра за надзор.

Средствата се обезбедени преку грант од Европската Унија во висина од 70 милиони евра и заеми од Европската банка за обнова и развој и Европската Инвестициона Банка. 

Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам на нашите пријатели од Европската Унија, но исто така и другите меѓународни финансиски институции за поддршката што ни ја овозможуваат за реализација на инфраструктурните проекти во нашата држава.

Република Македонија е на добар пат да влезе во Европското семејство на развиени и просперитетни земји. Би посакал овој автопат да биде вистинскиот правец за побрза интеграција меѓу најдобрите.

Почитувани Пријатели,

Тоа што во овој момент е најважно е дека граѓаните на Република Македонија добија модерен автопат граден по сите стандарди.

Не сакаме да се навраќаме на ситуациите што ги наследивме од претходната Влада во однос на изградбата, бидејќи тоа што за нив беше невозможно, ние за само неколку месеци успеавме да го надминеме и да овозможиме овој автопат да биде пуштен во употреба.

Уверени сме дека најголема корист од овој нов автопат ќе имаат граѓаните на Република Македонија, но и сите други странски државјани кои транзитираат низ земјата и ќе ја користат оваа делница.

Во оваа прилика сакам да истакнам дека влеговме во силен инвестициски циклус во изградба и реконструкција на целокупната патна инфраструктура во државата.

Тоа што е важно за нас како држава е да имаме брз, безбеден и модерен Коридор 10, кој најдолг рок на земјата ќе и донесе економски раст и подигнување на нивото на квалитетот на транспортните услуги.  Од друга страна ќе се овозможи побрза интеграција во регионот, а земјата ќе ја направи клучен транзитен центар на Балканот.

Во таа насока сакам да дополнам дека:

  • автопатот од Куманово до Миладиновци е реконструиран во двата правци, 
  • потоа се рехабилитираше оштетената возна лента на делницата Велес – Градско,
  • за два до три месеци ќе завршиме со реконструкција на автопатската делница Неготино – Демир Капија.
  • рехабилитацијата на делниците  Смоквица – Гевгелија и од Гевгелија до граничниот премин Богородица е завршена.

Што значи дека за неколку месеци Република Македонија ќе има комплетно рехабилитиран, модерен и безбеден Коридор 10.

На крајот би сакал да им се заблагодарам на сите институции, приватни компании, домашни и странски, поединци и сите останати кои досега директно или индиректно биле вклучени во изградбата на автопатот и посакувам да имаме и други вакви модерни и безбедни автопати во Република Македонија.

Ви благодарам на вниманието.