Премиерот Заев објави нови инвестиции во државава и отворање нови работни места
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, објави нови инвестиции во државава, на седницата за пратенички прашања во Парламентот.
„Она кое што сакам да го знаат граѓаните е дека во овој период е купена фабрика за кабли Неготино, од турска компанија, којашто не работеше години и години, за 6.5 милиони евра. „Дрекслер Мајер“ најавија инвестиција во Куманово за нови 2.000 вработувања. Овие денови нов погон во Кавадарци исто „Дрекслер Мајер“. „Кромберт и Шуберт“ доби една цела нова линија на „Мерцедес“, којашто ќе значи ангажман на 1.600 работници и бараат локација, веројатно се пред одлука за нова фабрика во државава. Со 9 компании во моментов преговараме како за нови странски инвестиции. Очекуваме во втората половина да се вратиме на нормалниот раст“, рече премиерот Заев.
„Пред некој месец и агенцијата „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на државата, секаде паѓаат кредитните рејтинзи, ретко е некоја земја со стабилен, или се бројат на една рака, земјите со напредок“, додаде премиерот Заев.
Тој информираше дека „индустриското производство бележи тенденција на раст, тенденција на раст покажува и трговската размена во странство, приходите во Буџетот се во пораст“.
„На една година од почетокот на пандемијата може да заклучам дека исправни мерки донесовме и исклучително исправни одлуки за да се пуштат сериозни пари и државата да се откаже од сериозни приходи, се со цел поддршка на работните места, на најсиромашните граѓани, најпогодени од кризата, но секако и на компаниите во државата“, оцени премиерот Заев.
Тој посочи дека петтиот пакет мерки има развојна компонента, дека се јакнат приходите, обртите на компаниите, за да се зголемува извозот, за да отворат погоните и за нови работни места, да се зголемува иновативноста и конкурентноста и компетитивноста насекаде во светот.
„Петтиот пакет мерки е поделен на 4 главни столбови и тоа е директна финансиска поддршка на компаниите со цел задржување на работните места на граѓаните, во секторот туризам, занаетчиство, угостителство, транспорт, индустрија за организација на настани. Финансиска поддршка е вториот столб, за ликвидност на приватниот сектор, со бескаматни кредити за задржување и зголемување на бројот на работници со можност за грантови, понатаму, креирање поволно деловно опкружување, со системско редефинирање на царинскиот тарифник, намалување на парафискалните давачки, даночни олеснувања и слично и директната поддршка на граѓаните на коишто им се помага“, соопшти премиерот Зоран Заев на седницата за пратенички прашања во Парламентот.