22/11/2024
Македонија

Премиерот Заев од Дојран: Веруваме во вредноста на граѓанскиот ангажман, охрабрувам сите да се вклучуваме во акциите на заедниците

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заменикот министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Mакрадули и советникот на премиерот за животна средина Драган Јованов, денеска се придружија на градоначалникот и граѓаните на Дојран во акцијата за уредување на општината.

Во акцијата учествуваа и повеќе граѓани на Дојран, а се придружија министерот за култура, Роберт Алаѓозовски и советничката, Цветанка Ласкова.

Оваа акција е инцијатива на ЗЕЛС која се спроведува во повеќе општини во земјава.

Во изјава за медиумите премиерот Заев рече:

„Почитувани присутни, почитувани медиуми, граѓани на убавиот Дојран,

Чест и задоволство ми е, денеска, од Дојран, еден од бисерите на македонската автентичност, да покажеме дека здружените граѓански акции придонесуваат за покревање на духот на заедништвото и за поубава Македонија.

Денеска, се придружуваме на градоначалникот и граѓаните на Дојран, заедно во акцијата која е иницијатива на ЗЕЛС за уредување и чистење на локалните и животните средини во општините ширум Македонија.

Дојран заслужува вакво внимание, посветеност од локалната самоуправа, од заедницата, но и од мене како премиер, заради населението кое живее тука, но и заради илјадниците туристи кои доаѓаат за одмор и релаксација во оваа прекрасна македонска општина.

Туристичките центри, каков што е Дојран, се лицето на Македонија пред туристите. Односот на државата кон локалните средини, но и односот на заедницата кон својата средина, во голема мера влијаат врз тоа какви искуства ќе запаметат туристите од Дојран и од другите туристички центри

Убавата, чистата и уредена средина го дава пријатното чувство кое ќе ги поттикне да се вратат повторно, а со таков континуитет во целосното разубавување, Дојран уште повеќе ќе блеска во својот познат сјај.

Граѓаните многу јасно и гласно ни дадоа до знаење дека нема да прават компромиси кога е во прашање здравјето и животната средина.

Тоа за нас беше доволен сигнал за тие приоритети да ни се меѓу најбитните во креирањето политики за подобрување на животот на сите во Република Македонија.

Затоа сме денес заедно тука, затоа што веруваме во вредноста на граѓанскиот ангажман, не само во политиката, туку и во секојдневниот живот. Навидум малите нешта како оваа акција денес, нѐ зближуваат како луѓе и нѐ прават единствени во грижата за локалната заедница. Овие се тие европски манири за кои зборуваме, ова значи да се донесе Европа тука, дома, во Македонија.

Ги повикувам сите општини, сите локални самоуправи, почесто да организираат вакви конкретни акции кои значат директна помош за подобар живот на граѓаните. Ги охрабрувам сите граѓани да се ангажираат во акции на заедниците. Ајде сите заедно да се вложиме за нашата убава Македонија.

Благодарам“.


Одговори на премиерот Заев на новинарските прашања поставени во Дојран:

П1: За долгот што го има општина Дојран кон ЕУ, дали Владата размислува како овој проблем да се реши, бидејќи од тоа зависат и останатите проекти?

Премиерот Заев: Овде е водена постапка во изборот на фирмата изведувач, но конечното решение на ЕУ е дека парите мора да се вратат. Секако тоа е последица на претходната власт и нејзиното владеење. Но јас не навлегувам во тоа, го гледам од аспект како да го решиме проблемот. Креативноста на градоначалникот и министерството за локална самоуправа е тука и веќе изнајдоа начини како да го предложат на Влада, директно владата да интервенира и да го реши овој проблем. Затоа што девет милиони денари или 150 000 евра, може и нешто повеќе, се огромни пари за општина Дојран.

Проектот е реализиран, но суштината е што Дојран не може да ги врати овие пари. Тука државата ќе интервенира. Тоа е важно за да може Дојран да продолжи да добива проекти од ЕУ, затоа што веќе има аплицирано на повеќе вакви проекти.

Заедно на европските пари се надеваме и на соработката со Грција, во делот на испуштањето на водата од езерото, за да може да има проточност, за да може да се врати и квалитетот на водата, којшто сега во мај е добар, но треба да биде добар и во секој дел од годината.

Владата со општина Дојран ги разгледува можностите за донесување на генералните урбанистички планови, што е многу важно поради развојот на Дојран. Потоа давањето на конзерваторските услови и согласностите од министерството за земјоделие за пренамена на земјиштето. Јас верувам дека брзо ќе заврши јавната дебата во Дојран и планот ќе биде донесен. Јавното државно претпријатие отпочна со проектните документации. Оваа година во програмата е влезено проектирањето на обиколницата на Дојран за полесно да се стига до граничниот премин. Тоа е еден голем проект за Македонија, а се наоѓа овде во Дојран, клучен е и за целиот овој регион.

Истовремено она што е многу важно верувам дека Дојран ќе биде една од доминантните општини којашто ќе биде подржана во рамките на проектот за туристички развој, за којшто под водство на потпретседателот на Владата, Анѓушев, во скоро време ќе се се одлучува преку комисии. Верувам дека Дојран, Охрид, Струга, Преспа се општините покрај езерата во Македонија, нашите бисери, коишто треба да бидат сериозно подржани, па после тоа секако и другите општини во Македонија.

Така што, филтер станицата и нејзиното завршување, поради заштитата на езерото е преокупацијата на градоначалникот и советниците, но и на мене и на Макрадули и на Љупчо и на Драган и на сите кои што сме тука, поради тоа што имаме споделени надлежности. Но и да немаме споделени надлежности, редот е да си помогнеме, затоа што Дојран е нашето природно богатство коешто треба да го чуваме и да му се радуваме.

П2: До каде е реконструкцијата на Владата?

Премиерот Заев: Реконструкцијата на Владата е дојдена во фаза на размислување помеѓу понудите на партиите со кои што разговаравме. Викендот, најверојатно ќе се искористи за размислување после разговорите со сите партии, а и кај нас во СДСМ и во коалицијата исто така.

Ако кажеме да, мислам дека ќе бидеме веќе готови со одлуката за Влада, мислам на министри и заменици, а после тоа ќе почнеме да разговараме за директори, заменици-директори и слично. Затоа што на процесот гледаме како на процес на превземање одговорност. Тоа значи, соодветни кадри, соодветни луѓе, но и соодветни капацитети.

Очекувањата на граѓаните се со право високи, и ние тие очекувања треба да ги исполниме.

П3: Дали ќе го поддржите предлогот на Претседателот за гувернер на НБРМ? Тој вели дека Ве информирал за Богов за нов гувернер, дали ќе го поддржите и вие истиот?

Премиерот Заев: Јас имав состанок со Претседателот кон крајот на март, каде што Претседателот ми кажа со кого разговара, со кого имал намера да разговара. Знаат граѓаните дека предлагач на гувернерот е Претседателот, а парламентарното мнозинство го бира. 
Тогаш заклучивме дека прво треба тој да разговара со актуелниот гувернер Богов дали ќе прифати. Ако прифати Богов и претседателот одлучи да го предложи, би ми соопштил мене за да разговарам со парламентарното мнозинство.

Јас за одлуката слушнав од Собранието и од медиумите. Значи немавме втор разговор, за после неговата одлука да направиме една фаза на подготовка, разговори со парламентарното мнозинство. Како за предлозите за Уставен суд, така се случи и со предлогот за гувернер на НБРМ, се информиравме од медиумите.

Јас одржав координација со парламентарната група и таа не го прифаќа кандидатот Богов за нов гувернер. И побарав веднаш средба со претседателот Иванов. Се надевам дека брзо ќе се видиме за да можеме да усогласиме став затоа што до крајот на мај треба да се избере гувернер.

Ова е сериозна институција, јас верувам дека по пат на кохабитацијата и дијалогот којшто го имаме ќе изнајдеме решение. Правото е апсолутно на Претседателот да предложи, но правото е и на парламентарното мнозинство да избере гувернер.

Оваа институција мора да ја држиме професионална. Разговараме за експертски решенија, не за партиски решенија, кои што и понатаму би ја чувале монетарната политика стабилна, затоа што и нас како Влада тоа ни е од голема важност за да можеме да ги креираме другите економски политики.

П4: Заврши уште една рунда преговори на министрите за надворешни работи меѓу Македонија и Грција. Велат дека има напредок, тоа е нивната оценка, но какво е вашето размислување, кој е вашиот став, според информациите од министерот за надворешни работи?

Премиерот Заев: Вчера разговарав со министерот Димитров, и направен е напредок во креативноста на изнаоѓање на решенијата, за она коешто за нас е важно да може да помине, вклучувајќи го достоинството и идентитетот, но и за грчката страна исто така можност да помине достоинството и идентитетот. Секако тоа се само идеи на маса за кои што продолжуваме да размислуваме. Димитров ги пренесе кај мене, веројатно министерот Коѕијас ќе ги пренесе кај премиерот Ципрас, за да можеме понатаму веќе да ги договориме следните средби.

Знам дека кон крајот на идната седмица најверојатно пак ќе има некоја средба, ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Целта е, кога веќе сме дојдени на крајот, кога има критики, ајде да ги добиеме и позитивните поени со можното решение.

Јас сум убеден дека поради креативноста и посветеноста на двете стани во процесот на преговорите, можеме конечно да здивнеме со еден проблем помалку, којшто е еден од покрупните во Македонија, којшто ќе ги отвори портите на НАТО и ЕУ.

Притоа важно е да не бидеме обесчестени и понижени, како впрочем и грчката страна. Убеден сум дека кога веќе стигнавме до овде, двете страни имаат искрена вистинска намера за решение.