Премиерот Заев од Скопскиот Аквадукт: Со конкретни акции го штитиме културното наследство на Македонија
Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, придружуван од министерот за култура Роберт Алаѓозовски, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски денеска беше во посета на на Скопски Акведукт.
Во изјавата за медиуми премиерот Заев кажа:
„Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани, чувањето на овие наши непроценливи богатства, богатства на сите граѓани на Република Македонија, е наша голема должност и привилегија, работа на која се зафаќаме со голема одговорност и внимание.
Денеска, заедно со министерот за култура и градоначалниците на Скопје и Бутел објавуваме акција за целосна заштита и конзервација на Скопскиот аквадукт и создавање на еден пријатен амбиент со повеќе придружни рекреативни и културни содржини.
Како што гледате, просторот околу овој бесценет историски објект, кој во изминатите години беше претворен во дива депонија, оставен запустен без никаква грижа, сега е целосно исчистен. Оттука па натаму, продолжуваме со интензивна акција, која треба оваа локација да ја претвори во атрактивна дестинација за граѓаните на Скопје, на Македонија, но и за регионалните и светските туристи.
Драги сограѓани, во годината посветена на европското културното наследство, нашето внимание е кон грижата за нашите културни и историски богатства.
Го покажавме тоа и со усвојувањето на мерките за заштита на Охрид, со што ја спречивме опасноста за губење на статусот на светско наследство под заштита на УНЕСКО. Го спречивме пропаѓањето на црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново, ја заштитивме галеријата со престари икони во Музејот на Македонија и многу други зафати. Апелирам до сите институции и граѓани – неопходно е сите заедно да се грижиме и да ги чуваме убавините на Македонија.“
Интегрален текст од изјавата на министерот за култура, Aлаѓозовски,
„По повеќегодишно институционално запоставување, во 2018 година издвоиме 1.100.000 денари за изработка на Проект за конзервација и реставрација на Скопскиот аквадукт. За оваа наша уникатна знаменитост, подготвени сме да вложиме и повеќе за да го спречиме нејзиното пропаѓање и да го заживееме овој прекрасен дел од градот. Први за конзервација се најзагрозените делови на аквадуктот, а понатамошната реконструкција ќе се одвива внимателно и стручно во неколку фази. Освен тоа, Министерството ќе ги поддржи програмски и културните содржини кои ќе ги реализираат Градот и општините на чија територија е локалитетот и контактните зони.
Последни посериозни инвестиции во геотехничките и геофизички истражувања, сондирањата и анализата на материјалите на Аквадуктот се реализирани пред неколку години, претежно со меѓународни донации, додека нашите институции беа прилично пасивни и речиси го игнорираа овој атрактивен локалитет, кој наместо да го оствари својот културен, туристички, рекреативен, еколошки потенцијал, беше претворен во една голема депонија. Благодарни сме за директната поддршка на Владата за оваа заедничка иницијатива, со која уште еднаш демонстрираме дека заштитата на културното наследство е врвен приоритет за сите институции и на тоа ќе продолжиме да работиме посветено и со заеднички сили.“