22/11/2024
Македонија

Премиерот Заев оствари средба со „Детската амбасада за сите деца во светот“

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска оствари средба со претставници на „Детската амбасада за сите деца во светот“.

Гостите го информираа премиерот за целите и активностите на „Детската амбасада за сите деца во светот“, и воедно побараа поддршка за продолжување на проекти кои како што истакнаа гостите, се благородни и се во служба најмногу на децата од социјално ранливите категории.

Тие побараа од премиерот помош и за возобновување на фондот за деца на загинатите бранители, и го поканија да биде почесен гостин и покровител на јубилејот 20 години од „Детската амбасада за сите деца во светот“.

Премиерот Заев, изрази уверување дека поддршка од Владата ќе имаат, затоа што, како што рече тој, „посебно сме чувствителни кога се децата во прашање, затоа што тие се нашата иднина“.

Тој во текот на средбата, со гостите сподели искуства од земјите членки на Европската Унија, во насока на размена на идеи за функционирањето и само одржливоста на проектите што ги спроведува оваа организација.

Тој ги охрабри претставниците на „Детската амбасада за сите деца во светот“, навремено да го информираат за своите активности, како и да стапат во контакт со ресорните министри, за реализација на нивните проекти.