Премиерот Заев покровител на 45-та Галичка свадба
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со Заменик на Претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министрите за култура, за комуникации, отчетност и транспарентност и за дијаспора, Асаф Адеми, Роберт Поповски и Едмонд Адеми, како и со заменик – министерот за локална самоуправа Дејан Павлески и со Националниот координатор за развој на културата Роберт Алаѓозовски, денеска присуствуваше на 45-тата Галичка свадба.
Искажувајќи го своето задоволство поради можноста да биде покровител на овогодинешната Галичка свадба, Премиерот Заев истакна дека Владата ќе продолжи да ја негува македонската традиција.
„Пред само неколку дена во Брисел бев посебно горд на поканата која ја добивме за членство во НАТО. Денеска сум посебно горд на нашата историја, нашето културно историско наследство кое го славиме со векови наназад и така ќе продолжиме во иднина. Нашето културно наследство е наша гордост. Штитејќи го културното наследство, го јакнеме и нашиот идентитет“, рече Премиерот Заев.
Инаку во мај годинава, престижниот магазин „Њујорк тајмс“, Галичката свадба ја вброи меѓу 9-те најдобри фестивали во Европа. На оваа листа покрај од Македонија, се наоѓаат фестивали од Шведска, Шпанија, Германија, Шкотска, Чешка, Италија и два фестивали во Франција.
Оваа значајна културна манифестација повеќе од 4 децении ги негува свадбарските обичаи и ритуали на жителите од мијачкиот крај. Во исто време, ја зачувува автентичноста на изворните песни и ора, како и надалеку познатата галичка носија на која е врежан печатот на вековните македонски традиции.
„Почитувани пријатели, ја градиме Македонија како едно општество, како едно семејство за сите. Тоа е промена за трајна придобивка којашто од Македонија ќе направи земја со која сите ќе се гордееме“, додаде Премиерот Заев.
Тој на овогодинешните младенци на Галичката свадба, Тања Лепчевска и Златко Димовски им посака среќа, бериќет и брак исполнет со многу деца.
Галичката свадба секоја година се одржува на „Петровден“, односно за време на викендот кој е најблиску до овој празник. Манифестацијата, традиционално, започнува в петок. Низата свадбени обичаи кулминираат денеска, со венчавањето на младоженците во црквата „Св. Петар и Павле“, како и со изведбата на невестинското и други ора. Во минатото на Петровден во ист ден се правеле повеќе од 60 свадби.
Меѓу гостите на овогодинешната, 45-та Галичка свадба, беа и амбасадорите на неколку земји во Република Македонија. Оваа значајна културна манифестација ја следеа повеќе од три илјади луѓе од земјава, но и од странство.
Во своето обраќање Премиерот Заев, меѓу другото истакна дека Владата на Република Македонија и натаму ќе ја негува македонската традиција.
Во продолжение, интегралниот текст од обраќањето на Премиерот Заев:
„Во срцето на Мијачијата, моето срце е преполно. Пејсажите, природната убавина со која сме опкружени и оваа глетка пред мене, ме оставаат без здив.
Пред само неколку дена во Брисел бев посебно горд на поканата која ја добивме за членство во НАТО.
Денеска сум посебно горд на нашата историја, нашето културно историско наследство кое го славиме со векови наназад и така ќе продолжиме во иднина. Петровден е вековит во македонската култура и посебно во мијачката. На Петровден, како што ми кажаа домаќините на времето се правеле и над 60 свадби во ист ден.
Ви благодарам за можност да бидам покровител на манифестација позната ширум светот. Галичката свадба повеќе од 4 децении како културна манифестација ги негува свадбарските обичаи и ритуали на жителите од овој крај. Себично во себе ги чува изворните песни и ора, како и надалеку познатата галичка носија. Изработена со филигранска прецизност на терзиите, во колоритот на носијата е врежан печатот на вековните македонски традиции.
Почитувани министри, амбасадори, гости и пријатели на Македонија од целиот свет.
Сакам да истакнам дека само пред два месеци престижниот магазин „Њујорк тајмс“, Галичката свадба ја вброи меѓу 9-те најдобри фестивали во Европа. На оваа листа покрај од Македонија, се наоѓаат фестивали од Шведска, Шпанија, Германија, Шкотска, Чешка, Италија, и два фестивали во Франција.
Затоа, Ве уверувам дека Владата на Република Македонија ќе продолжи да ја негува македонската традиција. Нашето културно наследство е наша гордост. Штитејќи го културното наследство, го јакнеме и нашиот идентитет. Галичката свадба е силен показател дека сме на вистинскиот пат.
Почитувани пријатели, ја градиме Македонија како едно општество, како едно семејство за сите. Тоа е промена за трајна придобивка којашто ќе направи земја со која сите ќе се гордееме.
Би сакал на овогодинешните младенци на Галичката свадба, на Тања и на Златко да им посакам среќа и бериќет, брак исполнет со многу дечиња.
На крајот дозволете ми уште еднаш да повторам дека сум среќен што заедно со вас денеска имам можност да уживам во звукот на зурлите и екот на тапаните на тешкото. За многу години нека е“, заклучи Премиерот Заев.