25/11/2024
Македонија

Премиерот Заев прими делегација на Институтот за национална историја во пресрет на одбележувањето 70 години од основањето

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, прими делегација на Институтот за национална историја (ИНИ), предводена од директорот Д-р Драги Ѓоргиев, кој воедно е и дописен член на МАНУ.

Делегацијата на ИНИ, во чиј состав беа и проф. Д-р Марија Пандевска, и проф. Д-р Љубица Јанчева, членови на Советот на ИНИ, го информираа премиерот Заев за подготовките на прославата по повод 70 годишнината од основањето на оваа угледна научна установа.

Претставниците на ИНИ го поканија Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев да биде покровител на годишнината со оглед на фактот што оваа научна установа е основана од Владата на Народна Република Македонија во 1948 година, како прва научна установа во историјата на македонската држава.

Гостите од ИНИ го информираа претседателот дека програмата за одбележување на оваа значајна годишнина ќе започне на есен со серија настани и со промоција на 17 нови научни дела произлезени од проектите на ИНИ од минатата година, а завршниот дел од програмата, со свечена академија и со меѓународен научен симпозиум на тема „Балканската историографија и современите предизвици“, ќе се одржи во ноември оваа година.

Премиерот Заев се заблагодари за укажаната чест, ја прифати поканата, и ги охрабри научните работници од ИНИ во реализацијата на меѓународниот научен симпозиум, на кој ќе учествуваат голем број истакнати историчари и други научни работници од регионот, Европа и светот.