22/11/2024
Македонија

Премиерот Заев присуствуваше на Европските младински олимписки игри

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со својата сопруга Зорица Заева присуствуваа на церемонијата на отворање на Европските младински олимписки игри во Сараево, Босна и Херцеговина.

Нашата држава на овој фестивал ја претставуваат Ана Марија Зафировска и Никола Петковски. Обајцата на 12-ти февруари ќе се натпреваруваат во дисциплината „крос кантри“. За нив учеството на Европските младински олимписки игри е прво интернационално искуство и одлична можност за подготовка за претстојните олимписки игри во 2022 година.

Премиерот Заев искажувајќи ја поддршката за овие двајца млади луѓе, рече дека за една земја нема поголем амбасадор од спортот. Во продолжение Ви ја пренесуваме интегрално изјавата на Премиерот Заев, на стадионот Асим Ферхатовиќ Хасе, во Сараево, Босна и Херцеговина.

„Ја користам приликата да ги споделам чувствата, прекрасни овде на отворањето на Европските младински олимписки игри или Европски младински олимписки фестивал, којшто по повод 35 години од Олимписките игри, Сараево ’84 и познатиот Вучко се отвораат денеска овде.

Навистина чувството е прекрасно. Мене ме потсетува на оние 10 години кога ги имав, кога буквално цела Југославија, цела Европа и верувам целиот свет беше фокусиран со очите широко отворени кон Сараево ’84 година. А имав денеска прилика и да ги видам чувствата на премиерот Денис Звиздиќ, којшто лично бил пред 35 години овде на отворањето на Олимписките игри во Сараево.

Настанот е прекрасен. Навистина ја испрати и пораката на спортот и тоа што спортот може да го направи, единството, обединувањето, презентирањето на сите земји, младите категории и младинците коишто доаѓаат после нас,

Верувам дека овие олимписки игри уште еднаш ќе помогнат на целиот Балкан, на целиот регион овде да се движи напред, кон европските вредности.