26/11/2024
Македонија

Премиерот Заев се обрати на Манифестацијата за Денот на независноста

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев синоќа се обрати пред граѓаните во дворот на Владата на Република Македонија, како и пред македонската јавност што ја следеше забавната програма по повод празникот „Ден на независноста на Република Македонија – 8 септември“.

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето во целост:

Денес е посебен ден за Република Македонија. Нашата национална и граѓанска гордост, Денот на независноста.

На овој ден, 8 септември 91-та, граѓаните на Република Македонија донесоа историска одлука и глaсаа за независност и за суверенитет. Некои од нас тогаш се уште немаа  право на глас, но силно верувавме во шансата која доаѓа, во перспективата која значеше крај на неизвесноста и нов почеток за подобар живот и подобра иднина во својата независна Македонија.

Од тогаш поминавме низ многу тешки моменти, а некои од нашите најголеми соништа, до ден денес, останаа неисполнети.

Македонија во неколку наврати беше заглавена во етнички и политички конфликти, нашата економија не напредуваше доволно и многу граѓани ни осиромашија.

Ова ми дава право да кажам дека во изминатите 27 години Македонија не го обезбеди напредокот за кој сонуваа македонските граѓани. Токму поради тоа, вечерва, да изразиме жалење во името на сите политичари од независноста до денес, што многумина од граѓаните не успеаа да го остварат својот сон за поуспешен живот, за подобро платена работа, подобро образование и здравство. Јас добро го знам тоа, патувам низ сите села и градови низ Македонија и го гледам народот, ја гледам и маката и радоста на нашите граѓани.

Гледам и знам, народе мој.

ВРЕМЕ Е!

Време е да бидеме храбри и да гледаме кон иднината!

Време е да ја зајакнеме вербата во себе. Време е да се погледнеме едни со други во очи и да си кажеме дека МОЖЕМЕ.

Ве гледам во очи и ве уверувам – МОЖЕМЕ!

Можеме ако се држиме заедно, ако кренеме глава и ако ja зграпчиме шансата за која се изборивме заедно, шансата за која целиот свет ни вели дека е историска.

Ви велам дека можеме, бидејќи верувам во оваа генерација. Повозрасните повеќе пати докажаа дека знаат да носат вистински одлуки во клучни моменти. Знам дека и младите ќе го направат тоа за три недели од денес и затоа нема ден, а да не им се обратам.

Драги млади,

Ве повикувам да се вклучите во новата историска одлука која е пред нас бидејќи одлуката ќе го исцрта вашиот животен пат. Бидете будни и гласни, преземете конкретен чекор на 30 септември. Ввие одлучувате, за вас, за вашата иднина.

Одлучувате дали ќе останеме сами, изолирани и беспомошни или ќе одиме напред, во европските и светските семејства, во Европската Унија и НАТО.

Тој е изборот. Напред или назад. Светлина или Темница. Иднина или изолација.

Семејство или осаменост.

Ве повикувам драги млади, драги граѓани на европска Македонија, ајде да избереме семејство, европско и стабилно семејство во кое сме безбедни, заштитени и во кое имаме сојузници со кои заедно ќе одиме напред. Секој ден понапред, кон јасна иднина. Вашата генерација има привилегија да ја менува Македонија кон подобро. Имате уникатна шанса, еднаш на 30 години, да ја земете судбината на Македонија во своите раце и да го исцртате патот кон успехот преку еден едноставен чекор – глас на референдумот на 30 септември.

Секој ваш глас е важен и потребен. И не само тоа, потребно е да зборувате, да поттикнувате, да мотивирате. Кажете им на своите блиски, на другарите, на родителите, на бабите и дедовците – кажете им дека е ова ваше време и дека треба да станат, да излезат за вас, за вашата иднина и за иднината на европска Македонија.

Почитувани граѓани,

Oвој историски момент е поголем од секој од нас, од нашите партии, кавги или лични интереси. Да ги оставиме различните убедувања и интереси за момент зад нас и да ја видиме светлината на Европа која не повикува.

Сега имаме можност како никогаш до сега, да излеземе гордо и да одлучиме за нашето место во братството на европските народи, во Европската Унија, и да застанеме рамо до рамо, рамноправни со најсилните земји на светот, членки на НАТО.

Во текот на изминатите 27 години аргументиравме, преговаравме, се боревме, но не мрднавме од место.

Сега имаме решение и заедно треба да одлучиме за тоа решение.

Наша одговорност беше да го решиме отвореното прашање кое ја загрозуваше иднината на Македонија. Ја презедовме одговорноста – го решивме спорот, постигнавме Договор со Грција.

Наша одговорност и света должност беше да го зачуваме идентитетот македонски. Не само што го зачувавме, туку и го потврдивме и зајакнавме.

Еднаш засекогаш Македонците и македонскиот јазик се впишуваат во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми. Никој повеќе не го оспорува тоа.

Со одлуката на референдумот ја заокружуваме нашата одговорност – лична, граѓанска, политичка, пријателска, за иднината за европска Македонија.

Гласот за иднината е наша света должност за сите генерации од минатото. Кој може денес да порекне дека го исполнуваме заветот на нашите предци кои со векови го афирмираа, бранеа и гинеа за македонскиот идентитет.

Ние, почитувани мои сограѓани заедно го остваруваме тој вековен сон со меѓународна верификација.

Договорот со Грција и приодбивките од него гласно потврдуваат:

Граѓаните на оваа земја Македонци и Македонки, македонскиот јазик и македонската националност се признаени и потврдени за век и векови!!!

И вечерва, сакам да им се заблагодарам на сите граѓани Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и на сите други етнички заедници, што во овие моменти покажуваат другарско и братско разбирање и што даваат силна поддршка на своите сограѓани Македонци. Оваа поддршка, ова разбирање за заштитениот македонски идентиет е од огромно значење за градењето едно општество. Овие мостови кои ги градиме се крвотокот на нашата меѓусебна доверба.

Почитувани мои сограѓани,

За три недели, вашата татковина ќе ве повика да ја преземете најблагородната и најсвечена патриотска должност во една демократија – да излезете на гласање и да го дадете вашиот глас.

Јас денес стојам исправен гордо пред вас и ви велам: Ова е вистинското решение и вистинското време. Ова е историскиот момент во кој секој од вас, секој граѓанин без разлика на неговата политичка, етничка или било која определба ја добива можноста да биде архитект на нашата заедничка иднина.

Да донесе одлука за нашата втора независност!

Од огромна важност е што мнозинството наши сограѓани го одобрувааат референдумот и го гледаат како шанса да го дадат својот глас за најсигурниот пат кон стабилноста, безбедноста.

Како членка на ЕУ, ќе седиме на масата и ќе разговараме рамноправнo за економски просперитет за нашите граѓани, во заедницата со другите европски граѓани.

Без место на маса, ќе останеме надвор од кругот, без наш збор во многу настани што ќе влијаат на нашите животи.

Затоа, од исто така огромна важност е да им порачаме на сите оние што се двоумат.

Затоа ним им велам: Вашата татковина ве повикува! Иднината ве повикува! На 30-ти септември излезете и дадете го својот глас глас. Нека биде слушнат!

Ако сте бизнисмен или земјоделец – дали е добро да имате еднаков пристап до пазар од 500-тини милиони потенцијални клиенти?

Ако сте студент – дали е корисно да имате неограничени можности за патување и учење надвор и шанси за добро платена работа, тука во Македонија?

Ако сте пензионер – дали сакате вашите деца и внуци да имаат добар живот во Македонија, исто како што имаат добар живот во Европа? Дали сакате Македонија да биде Европа?

Ако сте вработен или невработен родител – дали сакате економска сигурност и подобра иднина на вашето семејство, дали сакате подобра шанса?

Тоа се прашањата на кои треба да одговориме на 30 септември.

Токму овие прашања бараат патриотски одговор.

Патриотите преземаат акција. Како и на 8 септември 1991 година, кога земјата и иднината повикаа на акција – на ист начин, референдумот на 30-ти септември е нашиот повик за акција и наша патриотска должност.

Вистински патриот го почитува минатото на својата земја, но неговиот поглед е фокусиран во иднината.

Затоа ајде сите заедно независноста да ја завериме, неивесноста да ја протераме. Да се определиме за подобар живот, со повисоки приходи, за добри работни места. Сето тоа во нашата убава Македонија.

Безбедна, сигурна, мирна, пријателска и стабилна. Европска Македонија.

Нашата генерација ја има таа чест. Имаме чест да се избориме со глас. Со нашиот демократски глас да донесеме подобар живот во суверена Македонија.

Нека ни е честит и вековит Денот на независноста на Република Македонија.

Заедно одиме напред!