21/11/2024
Македонија

Премиерот Заев се сретна со Ален Пилу, потпретседател на Европската банка за обнова и развој

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска во Давос, во рамките на неговата агенда за учество на Светскиот економски форум се сретна со Ален Пилу, потпретседател на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

На средбата беше истакната досегашната исклучително плодна соработка на ЕБОР со Република Македонија. ЕБОР досега инвестирала 1,6 милијарди евра во повеќе од 100 проекти. Моменталното портфолиото на банката изнесува 700 милиони евра, од кои 30, од 46 активни проекти, се во јавниот сектор.

Премиерот Заев и потпретседателот на ЕБОР Ален Пилу разговараа за можностите за идна соработка и како најатрактивни и особено значајни ги одбележаа проектите од областа за енергетиката и инфраструктурата за која Европската банка за обнова и развој ги оценува како приоритетни за поддршка.

Учеството на ЕБОР во поддршката на реформските процеси во Република Македонија и креирањето овозможувачка средина за ЕБОР е од исклучително значење како за финансиската стабилизација, така и за вкупните демократски процеси во земјата, беше оценето на средбата.

На овој начин, ЕБОР се придружува кон меѓународните напори за поддршка на земјата за забрзување на структурните реформи и обезбедување нов стимул за развој на бизнис климата, во согласност со заложбата на Владата за заживување на економијата и отворање нови работни места, како и за спроведување на втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската унија, која ја најавија премиерите Заев и Ципрас на нивната заедничка прес конференција.