26/11/2024
Македонија

Премиерот Заев се сретна со д-р Валтер Дефа

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска се сретна со д-р Валтер Дефа, кој од денеска е специјален советник во Владата на РСМ, номиниран од Владата на СР Германија, и на средбата во Кабинетот на премиерот беше придружуван од амбасадорот на СР Германија, Томас Герберих.

На средбата, д-р Валтер Дефа, кој како искусен професионалец се очекува да даде поддршка на Владата на РСМ во спроведување на економските политики, ги пренесе поздравите од Канцеларката Ангела Меркел, на чија иницијатива се реализира неговиот ангажман во нашата земја, и го изрази своето задоволство што во наредниот период, заедно со Претседателот на Владата на РСМ Заев, како и со тимот економски министри во Владата, ќе може да соработува на унапредување и имплементација на економските политики на Владата.

На оваа прва средба со премиерот Заев, двајцата соговорници разговараа за приоритетите за економски раст на земјата, особено сега кога земјата ги реши сите отворени прашања со соседите, кога се реализира Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, со што се отворени позитивни перспективи за економски развој во земјата, во регионот, како и во однос на зајакнување на економските врски со ЕУ и со земјите членки.

Претседателот на Владата на РСМ Заев истакна дека меѓу приоритетите на нашата земја е профилирањето на стручна работна сила за потребите на странските инвеститори, за кој Владата на СР Германија покажа посебен интерес, со оглед потребите на германските компании присутни во земјата, како и на компаниите кои покажаа интерес да инвестираат во Република Северна Македонија.

Како стратешките приоритети на Владата за развојот на економијата на Република Северна Македонија за побрз и одржлив економски раст и развој на средбата беа споменати реализацијата на инфраструктурните проекти за подобро поврзување со соседите, со тоа и зголемување на регионалната економска соработка, енергетските проекти, како и споделувањето на искуствата за европските фондови за побрз економски развој и подобрување на животниот стандард и квалитетот на животот на граѓаните на Република Северна Македонија.

Валтер Дефа е долгогодишен претставник на СР Германија во Европската Комисија, каде што извршувал повеќе должности меѓу кои како позначајни се издвојуваат неговите работни обврски како директор на Генералниот директорат за регионална политика, како и неговото раководење со Генералниот директорат за даноци и царини на Европската Комисија.